Државната матура оваа година е спроведена успешно, со значително помал број случаи на препишување и нерегуларности во споредба со претходните години, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Одговарајќи на новинарски прашања, Јаневска оцени дека организацијата на испитите била на високо ниво и дека најголемиот дел од матурантите пристапиле кон полагањето одговорно и совесно.
– Можеме да се пофалиме дека оваа година државната матура помина во најдобар ред и мир, организирана така како што треба, во најголем дел во големи простори, каде што учениците немаа можност да прибегнат кон нелегални дејства – изјави министерката.
Според неа, од двата испитни термина биле отстранети околу 60 ученици поради препишување, што претставува значително намалување на бројот на прекршоци во однос на минатите години.
Јаневска појасни дека станува збор за ученици кои биле затекнати при препишување и веднаш биле исклучени од полагањето, согласно правилата за спроведување на државната матура.
Таа информираше дека овие ученици ќе имаат можност повторно да ги полагаат испитите во августовскиот испитен рок.
Министерката посочи и дека годинава за првпат бил применет нов пристап со два различни типа државна матура, во зависност од наставните програми по кои учениците се школувале.
Според неа, со оваа промена е надмината долгогодишната нерамноправност меѓу матурантите и е овозможен поправеден систем на оценување и проверка на знаењата.

































