Фото: Министерство за здравство

Владата на предлог на Министерството за здравство го усвои Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување, со кој се воведуваат нови механизми за евидентирање на волјата на граѓаните за органодарителство и се проширува кругот на можни дарители во системот, пренесе МИА.

Според Министерството за здравство, со предложените измени секој полнолетен граѓанин при посета на матичен лекар ќе може да даде изјава дали се согласува или не по неговата смрт да биде дарител на органи и ткива заради лекување. Изјавата ќе биде евидентирана во националниот систем за електронски евиденции во здравството „Мој Термин“, а граѓаните ќе имаат можност во секое време да ја променат својата одлука.

Од Министерството посочуваат дека со ваквото решение државата за првпат ќе добие попрецизна слика за подготвеноста на граѓаните за органодарителство, како и за нивото на информираност и доверба во системот.

Предлог-законот предвидува и проширување на кругот на живи дарители. Покрај досегашните сродници, како можни дарители ќе бидат опфатени и други сродници во странична линија до четврти степен, односно и првите братучеди. Притоа останува во сила контролниот механизам преку етичката комисија, која ќе ја проверува доброволноста на дарувањето и отсуството на каква било принуда.

Дополнително, измените предвидуваат олеснување на постапките поврзани со трансплантацијата, вклучително и поедноставување на административно-техничките чекори за утврдување и потврдување на мозочна смрт.

Министерот за здравство Азир Алиу истакна дека со законските измени се прави значаен чекор кон систем во кој волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, подобро заштитена и доследно почитувана.

Чинот на органодарителство ќе произлегува од слободна и информирана одлука. Во исто време, со проширувањето на кругот на живи дарители создаваме нови можности за лекување, секогаш во строги медицински, етички и законски рамки – изјави Алиу.