Достоинството и европските крастави жаби

„Бидете горди – бранете го своето достоинство“ е една од главните морални поуки за човекот. Во една сцена од култниот оскаровски филм „Гладијатор“, на деградираниот генерал Максимус, кој е жртва на нервно лабилниот римски цар Комод, еден од пријателите му советува: „Генерале, императорот сака да ви го уништи достоинството, целта му е да ви се заборават името и презимето. Само така тој ќе може мирно да владее. Не предавајте се, ќе го победите“.
Големиот српско-црногорски владетел и поет Његош рекол: „Секој еднаш ќе умре, само честа и срамот живеат довека“. Еден негов подоцнежен колега по перо на истата тема напишал: „Водете сметка за своето име и презиме. Тие ќе живеат подолго од вас и ќе одговараат за сите глупости и грешки што сте ги направиле“. Една поговорка објаснува дека најтажната работа на светот не е сиромаштијата, најтажно е губењето на достоинството. „Благородниот човек е достоинствен, но не е горд. Простакот е горд, ама не е достоинствен“, рекол пред илјади години кинескиот филозоф Конфуциј.
Карактеристичен е примерот со Евреите во Втората светска војна во германските нацистички логори (Аушвиц, Треблинка). Понижувањата на жртвите, бројките на облеката, изгладнувањата, измачувањата имаа цел брутално да им се одземе личното и националното достоинството. Не случајно еден од еврејските хроничари навел дека човекот најлесно можеш да го уништиш ако му го урнеш достоинството.
Горенаведените цитати и примери иако се однесуваат за човекот – поединецот, без никакво сомневање може да важат и за достоинството на еден народ или на некоја држава. Може ладнокрвно да се рече дека не е важно за кој народ станува збор, ако не стануваше збор за македонскиот, во сегашните балкански и светски околности.
На почетокот беше името, односно барањето на Грција за промена на името. Главната национална парола беше: името не го даваме. По извесно време заживеа друга парола – името го даваме, идентитетот и јазикот не ги даваме. Уставот не се спомнуваше. Не помина долго, по Договорот за соработка и пријателство со Бугарија, и Уставот беше доведен во прашање заедно со името, идентитетот, јазикот, писмото и сѐ поврзано со тие национални категории. Откако прашањата се сплеткаа и заглавија низ лавиринтите на европската дипломатија, на крајот остана достоинството, како последно оружје за одбрана од загрозеноста на еден народ, на една нација.
Стратегијата „не прифаќаме недостоинствени решенија што го уриваат националното достоинство на Македонија и Македонците“, стана основен стожер во убедливата изборна победа на ВМРО-ДПМНЕ во 2024 година.

Лидерскиот двоец Сиљановска – Мицкоски, односно претседателот на државата и претседателот на владата, основата на таа политичка девиза ја воздигнаа на официјална државотворна политика и значаен елемент на ставовите во преговорите со Европската Унија. Од морална и етичка категорија, достоинството (гордоста) е ставено во функција на политички инструмент за одбрана на дел од националните интереси на Република Македонија.
Што е достоинство? Дефиницијата е опширна, не е лесна за објаснување. Според речникот, достоинство е позитивна особина што се потврдува со високи морални вредности и самопочит. Позитивно својство, обележје, квалитет. Негови синоними се гордост, чест, углед, дигнитет и уважување. Достоинството како индивидуален и етички поим посебно значење добило во време на просветителството, движење од 17 век.
Она што се однесува за човекот може да важи и за колективот, за државата. Држава што држи до своето достоинство го има природното право сама да одлучува за својата судбина, за плановите за развој, за пријателите и за сојузниците. Република Македонија дефинитивно е определена за членство во Европската Унија и за цврсти врски со Соединетите Американски Држави, при што се подразбира почитување на нејзината независност, суверенитет, државни белези.
Секоја наметната и принудна мерка, насилно решение спротивно на нејзината волја може да се оцени како напад на достоинството и честа, не само на државата туку и на достоинството на секој поединец, на секој граѓанин во неа. Настојувањето на европската дипломатија да ги натера Македонците постојано да голтаат крастави жаби е токму тоа – уривање на достоинството, понижување на личноста, на нејзините знаења, емоции и национална свест.
Човековото достоинство е меѓународно загарантирана правна категорија и е составен дел на сите акти што ги регулираат човековите права и слободи, од Обединетите нации до темелните принципи на Унијата. Државата е и морално и правно должна да води сметка за достоинството на своите граѓани, да го чува нивното достоинство и дома и надвор од своите граници. Достоинствена држава (држава со достоинство) не дозволува да биде раскринкана, клекната на коленици, со свиткана кичма, урнисана и легната на земја. Достоинството на државата е сеизмографот што ја покажува нејзината стабилност, а недостигот од него е индикаторот за нејзината слабост, ранливост и ронливост.

Достоинството на една држава е и доказ за нејзината цивилизираност и културна развиеност, тоа треба да се одржува иако понекогаш низ историските циклуси варваризмот е посилен од цивилизираноста, разурнувањата поголеми од градењето, простотата се издигнувала над културата. Цивилизираноста и културата се скапи, варваризмот е бесплатен, особено во држави без сопствено внатрешно единство и без достоинство гледано со очите на другите.
За достоинството во нашиот јазик има и еден друг, близок збор, а тоа е зборот – образ, не само како дел од човековото лице, туку како возвишена морална позиција. Како што човекот има образ, така и државата има образ – лик, слика, изглед. Да имаш образ, да го зачуваш образот истовремено значи да го имаш и да го чуваш достоинството, да имаш карактер, нужна самопочит, чест и гордост како нација, како народ.
Тие се атрибути за национална идентификација за една слободна, демократска и независна држава. Ако и нив ги нема, ако и тие се подзаборават, се избришат, се посрамотат или бидат жртвувани за некакви нејасни политички или партиски цели, материјални и нематеријални, тешко дека таквата земја ќе се запише на било која мапа на вистинските држави. Држава без име, без јазик, без идентитет, без историја, култура, традиција и обичаи, држава без достоинство и без образ ќе биде или лажна или вештачка, а со самото тоа не долговечна.