Во овој момент е потребно обединување на политичките сили, без разлика дали припаѓаат на левицата или на десницата. Доколку не се стабилизира македонската
политичка сцена, економското цунами ќе го покоси нашето општество. Разединети не можеме да се соочиме со проблемите и да ги осмислиме решенијата за нивно
отстранување. Политичките лидери треба да ја заборават својата суета и да си подадат рака, бидејќи во спротивно цехот на крајот го плаќаат македонските граѓани, без разлика на етничката припадност

Веднаш по завршувањето на гласањето, најголемите партии излегоа со свое видување за локалните избори. Од политичките табори можевме да слушнеме дека победил народот, дека не е вистина дека губат, на крајот ќе имаме повеќе општини, како што бевме победници така испаднавме победници и во овој толку важен процес и итн. Како и во минатото, повторно зурлите и тапаните беа составен дел од атмосферата пред штабовите на партиите.
Првиот впечаток од локалните избори е дека сите прогласија победа, но дали е тоа вистината? Ако реално ја погледнеме состојбата, немаме оправдување за славење победа.
Македонија како држава се соочува со многу егзистенцијални проблеми, секој ден десетица лица умираат како последица од пандемијата на коронавирусот, постојано се зголемуваат цените на најосновните продукти, се губат работните места, имаме блокада кон евроинтеграцијата… Очигледно е дека проблемите се многубројни, а во идниот период ќе се соочиме и со поголеми предизвици.
Федералното биро за статистика на Германија соопшти дека инфлацијата првпат од 1993 година се искачила над 4 отсто, а Германците имале и рекордни цени на храната. Причините за оваа состојба се наоѓаат во пандемијата, која го наруши функционирањето на светската економија и светските пазари сѐ уште не можат да се стабилизираат. Бидејќи Германија е најмоќната европска економија, нејзините проблеми ќе се почувствуваат во цела Европа, вклучувајќи и во Македонија. По сѐ изгледа, ни претстои тежок период и затоа е потребно дејствување, а не славење.
Што можеме да сториме? Во овој момент е потребно обединување на политичките сили, без разлика дали припаѓаат на левицата или на десницата. Доколку не се стабилизира македонската политичка сцена, економското цунами ќе го покоси нашето општество.
Разединети не можеме да се соочиме со проблемите и да ги осмислиме решенијата за нивно отстранување. Политичките лидери треба да ја заборават својата суета и да си подадат рака, бидејќи во спротивно цехот на крајот ќе го платат македонските граѓани, без разлика на етничката припадност.
Големите и малите компании имаат потреба од економска помош и државата треба да осмисли стратегија со која ќе го ублажи ударот, кој, најверојатно, ќе пристигне од Германија.
Не смееме да го заборавиме ниту политичкиот проблем што ни беше наметнат од Бугарија. Недозволиво е политичките лидери да немаат заеднички став за ова прашање и во идниот период граѓаните очекуваат јасно искажување на црвените македонски национални линии.
Од обединувањето на македонска политичка елита зависи опстанокот на македонската држава. Бидејќи предизвиците и опасностите се многубројни, ниедна политичка партија не може самостојно да ги преброди.
Колку и да звучи наивно, решението на нашите проблеми зависи од обединувањето на силите. Великите водачи и лидери (државниците во вистинска смисла на зборот) од политичарите се разликуваат бидејќи можат да ги осознаат потребите на својата нација и држава, а општата положба вели дека е време за помирување.
Во спротивно, Македонија ќе биде уште посиромашна земја и младите ќе продолжат да си заминуваат.

Тодор Михајловиќ