„Нејасен концепт“ или криза на Западот!

Деновиве беше објавено дека на Солана му бил дозволен влез во САД зашто го посетил Иран и сега се наоѓа на американскиот список на политичари што биле во оваа земја на Блискиот Исток, за кои влезот во САД е забранет. Оваа најнова меѓународна политичка епизода само ги потврдува сомнежите на шпанскиот политичар, дека односите и политичката клима меѓу Западот и САД се во сериозна криза и оти во таа смисла „Западот, сам по себе, е нејасен концепт“ наспроти агендата на Трамп „Америка на прво место“

Од ден на ден се зголемува бројот на прашањата и проблемите меѓу европските земји и САД, кои сѐ почесто поради отворените несогласувања и различните интереси стануваат камен на сопнување во меѓусебните односи и соработка на земјите од таканаречениот Запад и новата американска администрација на претседателот Доналд Трамп. Без разлика дали се работи за важни меѓународни политички прашања, или за прашања од економско-трговската сфера или, пак, за значајни воено стратегиски прашања од глобално значење, кои еднакво ја тангираат безбедносната компонента на целокупната западна хемисфера, бевме навикнати на вообичаено висок степен на согласување и унисоност на европските земји и САД во застапувањето и одбраната на заедничките ставови, политика и интереси. И ако и во минатото одвреме-навреме за одредени прашања имало и се појавувале и извесни разногласија, кои дипломатиите на овие земји успешно ги надминувале и решавале или, пак, вешто ги пикале под тепих, далеку од очите и ушите на јавноста од „преостанатиот свет“.

Дека тоа веќе не е така, сѐ почесто и со голема загриженост во своите јавни настапи и обраќања покажува и познатиот шпански политичар, некогашен шпански министер за надворешни работи, генерален секретар на НАТО и висок комесар за надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, Хавиер Солана, кому деновиве заради „почитување на некои американски бирократски процедури“ му беше оневозможено да отпатува во САД, каде што во рамките на ЕСАДЕ – центарот за светска економија и геополитика, чиј актуелен претседател е Солана, требаше да одржи веќе закажано предавање. Причината за оваа забрана, наводно, е во тоа што аеродромските власти во Мадрид утврдиле дека Солана пред неколку години го посетил Иран и се наоѓа на американскиот список на политичари што ја посетиле оваа земја на Средниот Исток, за кои влезот во Америка е забранет. Скандалот не беше демантиран, но ниту официјално потврден, со тенденција што побргу да биде заборавен, а јавноста само е известена дека е „поведена вообичаената процедура за издавање американска влезна виза за Хавиер Солана во САД“.

Оваа најнова меѓународна политичка епизода само ги потврдува сомнежите на високиот шпански политичар (но не само негови) дека односите и политичката клима меѓу Западот и САД се во сериозна криза и оти во таа смисла „Западот сам по себе е нејасен концепт“, наспроти агендата на Доналд Трамп „Америка на прво место“. Тоа не еднаш и не случајно американскиот претседател го демонстрирал со своите јавни изјави и постапки. Така, наведува Солана, се случи и неодамна на самитот на Г7 во Канада, кога САД не застанаа зад заедничкото коминике од самитот, а лично Трамп упати низа критики и забелешки на адреса на канадскиот премиер Трудо. Тоа беше доволна причина да се смета дека работата на самитот завршила неуспешно.

Претходно европските лидери го одбија предлогот на Трамп за укинување на санкциите на Запад кон Руската Федерација и за нејзин повторен прием во клубот Г7, од кој беше исклучена во 2014 година заради настаните во Украина. Нешто слично се случи и неодамна, за време и по посетата на францускиот претседател Макрон на САД.
Воведувањето на „тарифите на Трамп“ ги урна и последните илузии дека сепак нешто од претходната атмосфера на пријателство и доверба во односите меѓу САД и Запад се задржало и сега. Наспроти сите аргументи и факти на економската логика и разумната политика, американскиот претседател одби да ги повлече овие „мерки за заштита на американската економија“ што драстично ќе влијаат врз трговската размена на САД и земјите од Европа. И по низа други прашања и внатрешни структурни и организациски проблеми на Европската Унија и на НАТО, за разлика од порано, сега веќе изразито, американските ставови и мислење се дивергентни и некомпатибилни со оние на водечките земји на Унијата и Алијансата.

Но, според Солана, она што европските лидери најмалку можат да му го простат на Трамп е неговиот посреднички пристап спрема Русија и нејзиниот претседател, Владимир Путин. Неговиот изразито арогантен пристап кон овие прашања, вели Хавиер Солана, предизвикува сериозна загриженост кај најголем број европски лидери, кои во таквиот патерналистички однос на Трамп кон Кремљ гледаат загрозување и опасност за вкупната европска безбедност и заштита. Според мислењето на Солана, „Европа и Америка отсекогаш имале најголеми успеси кога меѓусебно се поддржувале и соработувале во рамките на заедничките институции“. Нарушувањето или целосната отсутност на унисоност во гледањето на проблемите и прашањата со Америка, Солана со голема доза на загриженост ги квалификува како „отсуство на концепт“ или „криза на Западот“, од кои што поскоро европското братство треба да излезе во интерес на сопствената иднина.