Одлуката за отворање пристапни преговори на Македонија со ЕУ и покана од Алијансата за влез на Македонија во НАТО, значи поголема безбедност и стабилност на целиот регион на Западен Балкан, но и на Европа и на светот.

Ова денеска го изјави премиерот Зоран Заев за време на работниот појадок со полскиот премиер Матеус Моравјецки во Варшава.

Според него, добрите вести за отворените евро-атлантски интеграции на Република Македонија, се силна порака и до земјите од регионот, дека реформските политики и определеноста кон затворање на билатералните прашања се препознава и вреднува од ЕУ и НАТО.

– Со тоа, имаме и силен мотив да се опстои на патот на демократските процеси што единствено водат кон мирен и просперитетен свет – рече Заев.

Тој нагласи дека „за Македонија и за регионот, евро-атлантските интеграции значат и економски развој“.

– Со извесноста на интеграција на Република Македонија во НАТО и ЕУ, бројот на заинтересирани странски инвеститори секојдневно расте, а мотивирано е и домашното стопанство дополнително да вложува, за што како Влада даваме силна поддршка – нагласи македонскиот премиер.

Посочи дека му соопштил на премиерот Моравјецки дека Владата на Република Македонија е насочена кон подобрување на деловната клима и работните услови, и поддршка, подеднакво за домашните и странските компании.

– И во таа насока сакаме да ја продлабочиме економската соработка со Полска, којашто, гледано низ порастот на трговската размена, бележи позитивни поместувања и дава шанси за поголеми економски успеси – рече премиерот Заев.

Тој посочи на можност за соработка во делот на производство електрични автобуси и трактори, како и опрема за одбраната на АРМ.

– Воспоставувањето директна авиолинија Скопје-Варшава-Скопје, од 1 јуни, шест дена во неделата придонесува за поинтензивна економска, туристичка и други видови соработка – истакна Заев.

На работниот појадок беше разговарано поконкретно за зголемување на трговијата, за развој на економските односи, за поблиска соработка во одбраната, како и во други области од интерес за граѓаните на двете држави.