Новогодишно украсени излози / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Нова Година е празник на украсите и сијаличките во милион бои и форми.

Во недостиг на новогодишни градски украси, дуќаните даваат проблесок на тоа што треба да биде највесел период во годината. Некои дуќани иако се украсени немаат вклучени светла, веројатно поради препораките за штедење.

Угостителските објекти не штеделе на украсување за подигање на расположението на гостите. Особено е симпатично украсен скверот пред кафулето кај италијанската амбасада, со жива елка накитена со лампиони, со сијалички на дрвата и осветлен „ѕвезден“ свод. Станарите во своите домови поставуваат елки и светилки на прозорците што гледаат кон улиците. Некои влезови на станбените згради имаат накитени елки. А најубава е големата елка со сино-сребрени украси на ќошот на улицата „11 Октомври“ и булеварот „Кочо Рацин“.

Светлечките украси по бандерите се малку или воопшто не се забележуваат.

Улиците во центарот на градот не само што немаат украси туку и поради мерките за штедење се во делумен мрак. Осветлувањето доаѓа само од едната страна од бандерите, од билбордите или од излозите кои гледаат кон улицата.

Само билбордите имаат насмеани лица на рекламите за новогодишните купувања.

На најпознатата пешачка улица во Скопје, „Македонија“ не само што нема украси туку во делот кон Музејот на град Скопје скоро да владее целосен мрак. Поеднакво е темно и на целата улица „Св. Кирил и Методиј“ и подвозникот за Црниче.

На плоштадот „Македонија“ се монтира големата елка во центарот на тоа што ќе биде винтерленд. Но најсилното светло е она од огромниот екран на кој одат реклами, поставен на фасадата на поранешната стоковна куќа.