Русите сакаат да ни ги измешаат просторот и времето

Тема број 1. Наши артисти ја пеат песната на Тото Котуњо со која тој пред сто години победи на „Евровизија“ кога ние копиљаците се палевме на Тајчи. Срцки европски! Се растопив од милина како да сум се разбудил во прегратката на Татјана Матејаш. Тема број 2. Завршува фудбалската поезија наречена Светско првенство. Завршува ерата на МЕСИјанството и КРИСТИЈАНството. Нека ми простат верниците на играта со зборови, ама и фудбалот е еден вид религија што ги обединува сите религии. Тема број 3. Скопје, хаос, протести, гушканото ГТЦ без струја и така натаму. Нема да пишувам на овие теми. Нордистан е во војна со Русија.
Не дека се фалам, ама уште со првата лажна дојава за бомба знаев дека се работи за руска заебанција. Јасно ми беше дека станува збор за хибридна војна против Нордистан, само ми дојде глупо да ви кажам. Ем, ќе ме обвиневте дека ширам теории на заговор, ем, не е океј, како рубља-патриот да ги обвинам Русите. Инаку, од небо се гледа руската стратегија. Не треба да си Котузов за да ти стане јасна нивната намера да удрат по стратегиските цели, Бахмут и Нордистан. Лаиците, нормално ќе прашаат, зошто побогу Нордистан, па, еве, детално да им објаснам.
Рускиот хибриден напад врз Нордистан преку лажни дојави за бомби по училишта и институции е директен удар врз нордистанскиот образовен систем, кој произведува врвни експерти до грло полни со европски вредности. Тоа е примарната цел. Преку неа не се удира само по Нордистан, туку и по Финска, чиј образовен систем е втемелен во нашиот. Така, Русија, по Бахмут и Нордистан, отвора и трет фронт, финскиот, како одмазда на Москва кон Хелсинки поради појавата и дејствувањето на озлогласените „Ленинград каубојс“.

Ама Русија нема да застане само на лажни дојави за бомби. Суровикин има направено цела „Бородино стратегија“ како да ги урне темелите на нордистанското образование. По училиштата, еве, напад и врз учебниците. Да не мислите дека оние лудости по учебниците се грешки? Не, драги мои, тоа е втор бран на руската офанзива. Ни подметнуваат погрешни информации за да нè дезориентираат во времето и просторот. Се прашувате како? Ај да ви објаснам!
Албанија на исток од Нордистан, Бугарија на запад. Во лекција за Португалија ставено знаме на Шпанија. Монт Еверест висок дваесет и кусур километри. Комплетно измешани лончињата околу стариот, средниот и новиот век (модерното време). И вие мислите ова се обични грешки? Не, драги мои, ова се типични руски подметачини, како онаа дека Русија била на вистинската страна во Втората светска војна, кога секому му е јасно дека Русите секогаш се на погрешна страна. Сакам да ви кажам, овие руски подметачини имаат намера негативно да влијаат врз иднината на секое нордистанче. Веќе напишав, сакаат да ги изгубат нордистанците низ времето и просторот. Ќе учат децата погрешни руски информации и ете го утре збунетиот нордистанец, убеден е дека западните вредности доаѓаат од исток. Наполни му ја главата со погрешни бројки и свежо образованиот нордистанец си мисли дека Монт Еверест стои повисоко од нашите аспирации за членство во Европската Унија.
Да не зборувам за мешањето на историски периоди. Русите сакаат во главата на нордистанецот да направат каша попара. Тамам си сфатил дека стариот век им припаѓа на Грците, средниот век секако го поседуваат Бугарите, а нордистанската приказна започнува во модерното време, кога едно сабајле мамурниот Тито по цела ноќ журкање, не знаејќи што да смисли за да ѝ се оправда на тогашната му сопруга, измислил цел еден народ, значи тамам нордистанецот го фатил вистинскиот историски правец да гледа само кон иднината, еве ти го лошиот Русин, кој живее исклучиво во мрачниот среден век, грабнал да му ги меша лончињата претурајќи од стар во среден век и обратно. Патем, може историјата препознава историски периоди, тоа си е нејзина работа, не ѝ се мешаме, ама мора да ѝ биде јасно дека во Нордистан, поинаку го мериме времето, односно ние сме дел од малку поинаков век, кој е западен и прогресивен, а се нарекува нова нормалност.

И да завршам со раскринкување на рускиот хибриден напад врз нашето образование. Не само што сакаат да нè изгубат во просторот и времето, Русите имаат намера да ни го заебат и секојдневието. Па што си мислите? Седнува да гледа фудбал нордистанецот што учел лекција за Португалија со шпанско знаме во неа како руска подметачина, зјапа во натпреварот меѓу Шпанија и Мароко и си мисли дека Алваро Мората е Кристијано Роналдо.
Русјаков, дај бе гледај си фудбалот, не мешај се во висока политика што не ја разбираш!
Колку висока? Колку Монт Еверест или повисока?
Кога сме кај високата политика, ми прелета наслов пред очи, во кој Борел нè кара како тоа поим немаме географија. Рекол човекот дека некои Африканци и Балканци не знаат каде е Домбас. Во право е. Јас, на пример, како зависник од западни вредности, го изговарав Домбас, демек на англиски, па во мојот необразован ум тоа звучеше како „дамбес“, по што секако извлеков заклучок дека станува збор за продолжение на „Џекес“. Едно време дури и си мислев дека направиле надградба на авионот „ербас“, па го нарекле домбас. На крајот, кога конечно во мојот необразован ум Домбас се формира како територија, а бидејќи сè ѝ припаѓа на Грција, ми стана логично дека тој факинг Домбас сигурно е остров во Хелас.

А за Борел и неговите западноевропски колеги, убеден сум дека знаат географија. Посебно знаат каде се Домбас, Балканот и Африка. Најмногу знаат, инаку знаење пренесено од нивните предци, каде се африканските рудници за злато и дијаманти. Туку една мисла ми стави сопка, откако видов дека Борел држи лекции по географија. Хм, Африка и Балканот. Чекај малку, може ли географичарите да направат нова распределба на територии? На пример, зошто да не го стават Балканскиот Полуостров во Африка? Па ако може Израел да се натпреварува во европски квалификации, а Австралија на Евровизија, зошто Балканот да не биде дел од Африка? Мислам, баш ќе се радувам ако знам дека не делам ист континент со Борел и таквите како него, односно со нивните величини и знаења.