Падот во вредноста на турската лира ја прави дестинацијата уште попривлечна за гостите што бараат добра вредност за парите

Падот на вредноста на турската валута ја спаси туристичката сезона

Туризмот во Турција се врати во 2022 година. Ниската вредност на турската лира привлече туристи, но граѓаните се мачат поради инфлацијата

Во истанбулската населба Кадикој, дури и туристите не може, а да не забележат дека цената на капучиното се зголеми за 25 отсто од едно утро до другото во ноември, поради високата инфлација во земјата. Но тоа е сè уште прифатливо за многу туристи од странство, со оглед на тоа што турската лира драстично падна во последната година. Во септември 2021 година, еден долар вредел околу осум турски лири, а сега вреди околу 18. Сепак, падот на лирата, делумно, имаше позитивно влијание врз туристичката индустрија. Како важен сектор во Турција, туризмот сочинуваше 11 отсто од БДП пред пандемијата и речиси 2,3 милиони работни места според Светскиот совет за патувања и туризам. Пандемијата на коронавирусот ѝ нанесе тежок удар на индустријата, но до летото 2022 година, туристите се вратија во Турција, а слабата лира беше и останува да биде привлечна за многу патници.

Мал луксуз

За џез-музичарот Лукас Гроу од Берлин, слабата лира значеше дека тој и неговата девојка можеа помалку да се грижат за тоа како ги трошат своите пари. За „Дојче веле“, тој изјави дека успеале да направат работи што вообичаено не би ги направиле на одмор, како што се често возење такси, јадење надвор, дури и летови во внатрешноста што не би можеле да ги остварат во една европска земја.

Подобра вредност од Париз

Мустафа Ефелти, независниот туристички водич и режисер, кој речиси непрекинато водел тури оваа сезона, надоместувајќи го загубеното за време на пандемијата, истакна дека „генерално туризмот бил многу силен оваа година и туристичките работници биле многу задоволни, особено затоа што имало тури од Латинска Америка, дури и во ноември, што е невообичаено. На крајот на краиштата, слабата лира помогна да се привлечат туристи, особено од земјите со послаба економија од оние во северна Европа, вели Ефелти. Тој додаде дека многу луѓе, особено од Бугарија или од Романија, каде што економијата не е силна, можат да поминат навистина добра недела во Турција со 530 евра, а во Париз тие пари би им биле доволни само за неколку дена.

Граѓаните се борат со инфлацијата

Сепак, некогаш силната домашна туристичка индустрија е тешко погодена од економската политика под власта на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган. За многумина што живеат во Турција слабата лира е поразителна. Инфлацијата е на највисоко ниво во последните 24 години и се зголеми до 85 отсто од октомври 2021 година, според Турскиот статистички институт. Но експертите од Независната истражувачка група во Турција велат дека таа, всушност, е многу повисока и изнесува околу 185 отсто. Според неодамнешното истражување на центарот за социјални истражувања „Јонејлем“, повеќе од две третини од луѓето во Турција се борат да платат за храна и за кирија.

Позитивен знак за 2023 година

Сепак, повеќето туристи ќе одат на одмор без да ги забележат економските превирања. Турција долго време е популарна дестинација за летување со сеопфатен одмор, а според германскиот туристички оператор ТУИ, ова, веројатно, нема да се промени, и покрај предизвиците за глобалната туристичка индустрија, вклучувајќи ги високите трошоци за енергија и гориво во Европа, делумно предизвикани од конфликтот во Украина. Портпаролот на ТУИ, Евангелос Георгиу, посочи дека падот во вредноста на турската лира ја прави дестинацијата уште попривлечна за гостите што бараат добра вредност за парите. Приходите од туризмот на земјата се зголемија за 27,1 отсто во однос на претходната година, на 17,95 милијарди долари во третиот квартал, според неодамнешните податоци на Турскиот статистички институт. Сепак, тие сè уште се далеку под 34,5 милијарди долари што индустријата ги заработи во 2019 година.
Во приморскиот град Анталија, популарна дестинација за руските туристи, Сердар Акајдин, извршен партнер на „Аквасан туризам АГ“, ги посочува предизвиците на зголемените трошоци за бизнисите како хотелите во однос на инфлацијата. Тој предвидува дека за следната година, барем за регионот Анталија, цените на хотелите за следното лето ќе бидат за 15 и 25 отсто повисоки. Со зголемувањето на цените на авионските билети, исто така, патувањата до Анталија ќе бидат поскапи отколку во летото 2022 година. Иако е премногу рано да се каже, Акајдин вели дека бројките за резервации веќе изгледаат добро.

Бариери за руските туристи?

Политиката е во игра и кога е туризмот во прашање. Конфликтот во Украина значеше дека оваа година има многу помалку руски посетители. Со стратегиската позиција на Турција како сојузник на САД и на НАТО и пријател на рускиот претседател Владимир Путин, турската влада има добра позиција за да ги направи двете страни среќни. Турција се потпира на Русија за енергија и трговија, како и за туризмот. Во 2019 година, обемот на трговијата меѓу двете земји достигна 25,07 милијарди евра.
На крајот на септември, трите централни банки на Турција престанаа да го прифаќаат рускиот платен систем „Мир“, руски еквивалент на „Виза“ и „Мастеркард“. Тоа беше резултат на мерките на САД против земјите обвинети дека ѝ помогнале на Москва да ги надмине санкциите во однос на зголемените економски врски меѓу двете земји. Теоретски, елиминацијата на „Мир“ може да го отежне одморот на руските туристи во Турција, бидејќи тие би имале малку опции за плаќање.