Македонска квискотека: особа А, Б или Ц

На македонските гласачи, односно на македонскиот народ, сиве изминати години и декади главно им се подметнуваат само лажни ликови за детекција. Ликови без идентитет и интегритет. Сите се претставуваат дека се токму тие вистинските, но практично сѐ е само најобична фарса. А кога некој нема вродено или изградено чувство за сопствениот личен идентитет, како ќе ги брани националниот идентитет и посебноста на својот народ. Затоа Македонија не смее да си дозволи и понатаму да биде политичка квискотека со измислени и лажни ликови што ќе се менуваат на општествената сцена и ќе ја замајуваат целокупната јавност

Се сеќавате ли на некогаш мегапопуларниот квиз Квискотека со неповторливиот Оливер Mлакар. За помладите генерации и оние со потенка меморија, еве, мало потсетување. Некаде во 1980-тите години на просторите на поранешната заедничка држава се емитуваше игра на знаење наречена Квискотека. Концепцијата на квизот беше по моделот на тогаш сличните вакви популарни шоуа од Запад. Нешто што впрочем вообичаено се прави и денес со сите овие натпреварувачки, забавни, музички шоуа, доделувања греми-награди итн. Она што е тренд во светски рамки се презема, едноставно се прекопира и се адаптира за домашната публика. Да бидам искрен, ваквото бланко-копирање на сѐ што доаѓа од Запад не го сметам за некаков цивилизациски исчекор, додадена вредност или квалитет. Имаме ние и свои автентични традиции, вредности, обичаи што може да се возобноват наместо да се копира однадвор. Но нејсе, да се вратам на Квискотека и првичната идеја.
Меѓу мноштвото содржини во квизот имаше и една таканаречена игра на детекција. Суштината на играта беше да се препознае кој или која од понудените, најчесто три личности, всушност, е вистинската. Да поедноставам, за да биде појасно за оние што не го гледале квизот. Во студиото влегуваат три различни личности (особа А, особа Б и особа Ц) и сите се претставуваат со исто име и презиме. Еве, да речеме, сите се претставуваат како Македон Македонски.
Натпреварувачите треба да откријат кој од нив е вистинскиот Македон Македонски, бидејќи само еден е вистински, а другите двајца лажно се претставиле. Разоткривањето е низ метод на поставување најразлични прашања. Од вештината на поставените вкрстени прашања, добиените одговори, гестикулацијата, говорот на телото и други финеси треба да се извлече конечен заклучок и да се погоди кој(а) е вистинската личност. Покрај натпреварувачите, секако, се забавуваат и гледачите, кои, исто така, секој на свој начин и со свои методи може да погодува и да учествува во разобличувањето на оние со лажен идентитет и во откривањето на вистинскиот.
Конечно, зошто овие примери, која е поентата на детекцијата во Квискотека и актуелните политички околности во државата. Поентата е што на македонските гласачи, односно на македонскиот народ, сиве изминати години и декади главно им се подметнуваат само лажни ликови за детекција. Ликови без идентитет и интегритет.
Сите се претставуваат дека се токму тие вистинските, но практично сѐ е само најобична фарса. А кога некој нема вродено или изградено чувство за сопствениот личен идентитет, како ќе ги брани националниот идентитет и посебноста на својот народ. Затоа политичари без сопствен идентитет, без око да им трепне менуваат национален идентитет на цела држава и народ.

И тука има два проблема. Првиот е во катастрофално лошата понуда и селекција на кандидати што политичките елити ги нуделе и нудат пред граѓаните. И вториот е во несоодветните начини и методи за нивна детекција, разоткривање и разобличување, бидејќи, всушност, станува збор за лажни ликови, луѓе без идентитет, без вредности, без квалитет, без професионален, па ако сакате и без човечки интегритет.
Еве, да ја провериме ваквата констатација и преку практични примери. Колку државни функционери се назначени и именувани сиве изминати години за разни високи и одговорни позиции во државата? Низ каков филтер на детекција поминале тие? Низ никаков. Поставени се таму со благослов на партијата или партискиот лидер, без да се почитуваат и применуваат какви било професионални и вредносни критериуми. Дури напротив. Имаме примери и на прекршени основни вредносни и образовни параметри кога некој стекнал некое звање или функција и без диплома. Треба ли да потсетуваме дека ние имавме градоначалници, и тоа во неколку мандати, и без завршено осмо одделение?
Изминативе три и повеќе децении имавме примери и кога премиер, потпретседател на држава, министер, функционер се стануваше и без ниту еден ден работно искуство, и без никакви докажани резултати зад себе. Како на Квискотека ни доаѓаат само лажни ликови и оставаат хаос по себе. И преку изборниот модел на граѓаните им е ускратено правото да можат да ги селектираат, детектираат и избираат најдобрите кандидати.
Наместо граѓаните да избираат кој ќе ги води, тоа го прават партиските и политичките врхушки.
Одиме понатаму. Деновиве на јавна сцена имавме признание на првиот човек на државната комисија за борба против корупцијата дека имало еден куп случаи за коруптивно однесување на највисоки државни функционери по кои воопшто досега не било постапувано. Признание дека предметите стојат со години во фиоки во Јавното обвинителство. Што говори ова? Па дека и Обвинителството ни е претворено во една голема квискотека, каде што циркулираат лажни ликови. Нема селекција, нема детекција има само протекција. Зашто тие лажни обвинители единствено што знаат е кој треба да се заштити и спаси од кривично гонење. И по едно вакво јавно изречено обвинение против јавните обвинители најмалку што очекувате е да се раздвижат работите, некој да се повика на одговорност. Но ништо. Молк. Што вели народот, кучињата лаат, карванот си врви и пак продолжува сѐ по старо. Да бидеме на чисто. Сето ова е затоа што нема суштинска селекција и детекција кој на каква позиција се става.

Во правосудството постои некаква наводна селекција, било да е тоа преку судски тела и органи или на друг начин, но тоа во суштина е само привид, само лажна диригирана селекција, без вистинска детекција и разоткривање на вистинското лице на избраниот функционер. Да беше поинаку зарем целокупната домашна јавност, па и странските амбасадори ќе беа шокирани и вчудовидени од изборот на новиот јавен обвинител. Да беше поинаку зарем ќе имаше потреба да доаѓа специјален тим од САД за борба против корупцијата. Но бидејќи состојбите се такви какви што се, нам навистина ни треба професионална и стручна помош од сите што можат да ни ја пружат. Зашто сами, покажавме колку знаеме и колку можеме. Ни треба поттик да ги исчистиме институциите и општеството од разни политички квисковци, од лажни ликови без идентитет и интегритет, да спроведеме суштинска и професионална селекција и детекција. Да најдеме начини како да го издвоиме каколот, кој, нели, има шарени цветови, но отровно семе, од житото. Да најдеме начин да го промениме и изборниот модел за да им го вратиме правото на граѓаните да одлучуваат за својата иднина преку отворени листи. Да воведеме вистинска конкурентска селекција и детекција за секое одговорно работно место или државна функција, до која ќе може да се стигне само низ прецизно утврдена законска, транспарентна процедура и докажани резултати зад себе.
Конечно, Македонија не смее да си дозволи и понатаму да биде политичка квискотека со измислени и лажни ликови што ќе се менуваат на општествената сцена и ќе ја замајуваат целокупната јавност. Ако Млакар беше препознатливо и заштитно лице на некогашната Квискотека, за домашната македонска квискотека најпрепознатлив би бил зборот млака. Како синоним на нешто слабо, меко, млитаво, бескарактерно.
Јас би рекол едно големо бљак.

[email protected]