Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, на 19 мај 2023 година, беше отворена изложбата „Мазал тов“ – Еврејските свадби во Македонија меѓу двете светски војни низ фотографии, документи и предмети во организација на Фондот на холокаустот.
Изложбата се состои од фотографии, оригинални документи и предмети кои биле составен дел од свадбената церемонија на Евреите од Македонија.
Авторката на изложбата, м-р Жаклина Мучева на отворањето истакна дека изложбата е приказ на некогашната свадбена церемонија која во современиот живот е напуштена и сосема изменета.
-За жал, со насилното откорнување на 98% од Евреите од овие простори во 1943 година, најголем дел од традицијата и обредите се замрени. Затоа оваа изложба е одлична можност за враќање на еден изгубен културолошки индентитет, вели Мучева.
На изложбата покрај 15 панели на кои е раскажана свадбената церемонија на Евреите од Македонија, претставени се и оригинална кетуба – брачен договор, старите ковчези и куфери со чеизот и миразот што го носеле невестите, а вклучени се и еврејските, сефардски поговорки за бракот како мал прозен жанр кој ја искажува традиционалната мудрост.
Особен впечаток на посетитетлите остави и невестинскиот фустан, наменски направен за изложбата а го облече Славица Таневска, визуелна уметница.
Моделот на фустанот го дизајнираше проф. д-р Јана Манева-Чупоска, уметница и модна дизајнерка.
-Фустанот е интерпретација од неколку невестински фустани што ги имав видено во фотодокументацијата од еврејските семејства во Македонија. Во историјата на модата во тој периодот (1914-1941) големо било влијанието на европската мода (рамна силуета, спуштени колкови) со ориентални детали, нагласува Манева-Чупоска.
Изложбата ќе биде отворена за посетитетлите до крајот на месецот а влезот е бесплатен.