Фото: Пекселс

Понекогаш најзначајните врски во животот се раѓаат од најкратките средби. Како кога одите на забава и сретнувате некого облечен во маица од вашиот омилен бенд, или кој се смее на истите шеги како вас, или кој ја зграпчува непопуларната закуска што ја сакате само вие (или така мислевте). Еден мал, заеднички интерес предизвикува разговор – „и мене ми е омилено!“ – и прераснува во трајна љубов.

Ова се нарекува ефект на сличност-привлечност: генерално ни се допаѓаат луѓе кои се како нас. Сега, најновите наоди од истражувач од Универзитетот во Бостон открија зошто е тоа така, пишува „Сајс.орг“.

Во низа студии, Чарлс Чу, асистент професор по менаџмент и организации на Факултетот за бизнис БУ Куестром, ги тестираше условите кои обликуваат дали се чувствуваме привлечени или „изладени“ едни од други. Тој откри дека клучен фактор е она што психолозите го нарекуваат само-есенцијалистичко расудување, каде што луѓето замислуваат дека имаат некое длабоко внатрешно јадро или суштина што ги обликува да бидат она што се.

Чу открил дека кога веруваме дека одредена суштина ги поттикнува нашите интереси, допаѓања и аверзии, претпоставуваме дека е исто и кај другите; ако најдеме некој со ист интерес, мислиме дека таа личност ќе го сподели и нашиот поширок светоглед.

-Луѓето кои веруваат дека имаме основна суштина, претпоставуваат или заклучуваат дека кога ќе видиме некој што споделува една наша карактеристика, тој мора да ја споделува и целата наша суштина – објаснува Чу.

Но, истражувањето на Чу сугерира дека ова брзање да прифатиме фундаментална сличност со некого поради само еден или два заеднички интереси може да се заснова на погрешно размислување – и дека може да ограничи со кого ќе влеземе во врска. Ова отприлика би звучело вака: не ги сакаме оние за кои мислиме дека не се како нас, често поради една мала работа – тие го сакаат тој политичар, или бенд, или книга или ТВ шоу што ние ги мразиме. Таквиот став може да ни одмогне и да ги избрка личностите кои можеби се совршени за нас. Затоа е потребен и „втор поглед“.

-Сите ние сме многу сложени. Но, факт е дека може да имаме целосен увид само во нашите сопствени мисли и чувства, додека умовите на другите често претставуваат мистерија за нас – вели Чу.

За да испита зошто нè привлекуваат некои луѓе, а не други, Чу постави четири студии, секоја дизајнирана да открие различни аспекти за тоа како стекнуваме пријатели – или непријатели. Генералниот заклучок што произлегува од сите нив е дека не е лошо да се потпираме на „внатрешниот глас“ и моменталната симпатија кон некого, но во основа – првичната привлечност не е гаранција дека сме на вистинскиот пат.

Преговарачка психологија – и политика – на работното место

Начините за наоѓање емотивен партнер се слични со оние за наоѓање компатибилни соработници. Важно е само да не се водиме по принципот на исклучивост. Кога станува збор за работата, тука се повеќе „во игра“ преговарачките и стратешките способности.

Од една страна, сите ние ја бараме нашата „сродна заедница“ – забавно е приватно и службено да се дружиме со луѓе кои ги споделуваат нашите хоби и интереси, ја сакаат истата музика и книги како нас, се согласуваат со нас околу политички прашања.

-Овој тип на размислување е навистина корисна психолошка стратегија. Тој им овозможува на луѓето да се „пронајдат“ во нови и непознати луѓе. Но, тој исто така ги прави луѓето исклучиви, поставува поделби и граници – понекогаш и врз најмала основа – смета Чу.

-Кога ќе слушнете нечие мислење со кое се согласувате или не, не мора веднаш да ја „забетонирате“ таа единствена информација, решавајќи дека оваа личност е фундаментално добра како мене или фундаментално лоша и различна од мене.
Јас ги дефинирам преговорите како разговори, договори и несогласувања за тоа како моќта и ресурсите треба да се распределат меѓу луѓето. Какви заклучоци правиме за другите луѓе со кои ги водиме овие разговори? Како гледаме на договорот и несогласувањето? Како толкуваме кога некој добива повеќе, а некој друг помалку? Сите овие се навистина централни прашања за процесот на преговори. Затоа се залагам да го притиснете копчето за пауза пред да судите за некој кој на прв поглед не изгледа како вас – додава Чу.

-Постојат многу начини да запознаваме други луѓе и да формираме впечатоци за нив, без постојано да се повикуваме на самите себе. Ако постојано одиме наоколу обидувајќи се да откриеме: „Кој е како мене, кој не е како мене?“, тоа не е секогаш најпродуктивниот начин да создаваме впечатоци за другите околу нас. Ова важи и во љубовта и во работата. Луѓето се многу посложени отколку што сакаме да признаеме – заклучува тој.