Видиковец на езерото Козјак/ Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последниот топлотен бран трае во градот, заврши одморот а имате уште неколку дена до враќањето на работа и не знаете како да ги искористите?

Еве неколку предлози за дневни излети во Скопје и околината.

  1. Видиковец на езерото Козјак

Ако вака пребарате на мапата на Гугл, од центарот на градот ќе ви даде две опции. Едната е 30 километри и води преку Сопиште и Соње, а втората е долга 36 километри и води преку Пинтија, Батинци и Маркова Сушица. Која и да се одбере се стигнува за исто време – околу 45 минути, бидејќи првиот пат е малку потесен, пострм и води низ повеќе населени места.

Но кога ќе се стигне на крајната дестинација се отвора прекрасен поглед на езерото Козјак. Од десна страна постои пешачка патека по која со умерен чекор за триесет минути се стасува до крајните карпи од каде се отвора пошироко панорамата на езерото Козјак. Температурата на воздухот во секое време на денот е за десетина степени пониска од центарот на градот.

Не заборавете да понесете крема за заштита од сонце.

  1. Матка

Од центарот на градот до клисурата Матка има 15 километри и 30 минути пат со автомобил. Ако сте подраниле, на паркингот сигурно ќе најдете слободно место кој во текот на денот е зафатен претежно од туристичките автобуси.

Од лева страна е реката Треска со патеките за натпреварување на кајак на диви води. Оние што сакаат да се поблиску до водата можат да се одморат на клупите поставени покрај реката.

Задолжително искачете се до црквата Св. Андреја која е на самиот брег на езерото, веднаш зад браната и до таму патот од калдрма ќе ве одведе за десет минути. Црквата е изградена во 1389 година, кога не постоело езерото, но оттаму поминувала караванска патека. Според легендата, на тоа место постоел ан во кој турскиот аскер го убил Андреаш, братот на Крали Марко. Тој им се одмаздил и изградил црква, на чиј ѕид го оставил отпечатокот од дланката како заштита од идни зулуми. Овој отисок уште стои на северниот ѕид од припратата на црквата, доградена во 1560 година.

  1. Трим патека на средно Водно што води до Марково Крувче

Планината Водно нуди многу опции за прошетки, со различни тежини на планинарските патеки. Предложената е од полесните, води по изохипсата од пакингот на средно Водно до југоисточниот крај на планината. Долга е малку повеќе од 2 км и се изодува за малку помалку од 30 минути во еден правец.

Од паркингот на средно Водно, наместо да се упатите кон жичницата тргнете во спротивната насока, поминете ја улицата и тука ќе ве сретне почетокот на трим патеката. Најголемиот дел е во сенка од високите дрвја а попатно има клупи, одморалишта, места за вежбање и некаде на средината води патче до летниковецот со поглед на источните населби во Скопје.

Ако стигнете до крајот, од Марково Крувче се простира поглед и кон цело скопско поле и Китка. Во месноста Марково Крувче се наоѓа средновековниот локалитет Маркови кули со остатоци од утврдување и две големи цистерни за вода.

  1. Градски парк

Во срцето на градот лежи идеално прибежиште од летните горештини. Дебелите сенки на дрвјата, прошетките покрај езерцата нудат добро разладување и во најжешките делови од денот.

Градскиот парк е насаден со исклучително ретки дрвја. Обидете се да ги лоцирате стеблата на џиновската секвоја, најдолговечното дрво и гинко дрвото, познато по лековитите својства.