Фото: Пекселс

Летниот период и високите температури го зголемуваат ризикот од појава на цревни инфекции, а причинители на инфекциите може да бидат вируси, бактерии и поретко паразити. Матичните лекари велат дека периодов има голем број пациенти кои имаат мака со стомакот. Епидемиолошките служби алармираат правилно да се ракува со храната и внимателно да се чува, како и редовно да се чистат површините на кои обработува, како и ладилниците во кои се чува. Цревните инфекции, колку и да се измачувачки, често поминуваат брзо, но може и да се многу опасни кај ранливи групи, како бебиња и мали деца, хронично болни и имунокомпромитирани лица.

-Стомачен вирус или гастроентеритис е воспаление на гастроинтестиналниот тракт предизвикано од вируси. Најчести предизвикувачи се рота вирус, норвовирус и адено вирус. Најчести симптоми се гадење, повраќање, грчеви во стомакот, кашести и/или воденести столици. Симптомите може да бидат пропратени со покачена телесна температура – објаснува д-р Христина Стојчевска, матичен лекар.

Вирусни или бактериски цревни инфекции: На топло се зголемува бројот на пациенти со стомачни проблеми

Кога станува збор за стомачен вирус, кој неретко знае да се пренесе кај сите членови во семејство, се работи за акутна инфламација , па симптомите најчесто траат во период од два до пет дена , но во поретки случаи и од 7 до 10 дена.

-Многу е битно е да се направи разлика од стомачен вирус од бактериски предизвикан гастроентеритис, каде што столиците се многу побројни (и до 15 дневно), течни, воденести, а може да бидат и зелено пребоени, имаат непријатен мирис. Столиците може да се крвави или слузави, а пациентот да има и повисока телесна температура (од 38 до 40 степени Целзиусови ). Во таков случај симптомите траат подолго.Анамнеза, клиничка слика, лабораториски параметри и микробиолошко испитување ни помагаат за дијагнозата и третман. Третманот се состои од мирување, пробиотици, рехидратација на организмот (вода, чаеви без шеќер, орални рехидратациони раствори, сок од миксани печени јаболки се дава почесто, полека, во помали количини – објаснува д-р Стојчевска.

Д-р Христина Стојчевска / Фото: Приватна архива

Најчест начин да се развие гастроентеритис е преку контакт со заразено лице или преку конзумирање на контаминирана храна или вода. Дехидратацијата е многу важен аларм на кој треба да внимаваме при одржување на општа добра здравствена состојба.

-Така, кога има повраќање во повеќе наврати, повеќе од пет пати, како и кога столиците се побројни, количински се губи повеќе вода и електролити, па устата станува сува, а пациентите поретко мократ и во помала количина. Тогаш е потребен медицински третман и интравенска супституциона терапија – вели докторката.

Најранливи на стомачни инфекции се бебињата, доенчињата, малите деца, кои многу побрзо може да дехидрират.

-Кај нив состојбата треба да се следи будно. Тие треба повеќе да цицаат и да се внимава на влажноста на пелените. Сувост на пелени значи дека детето не мокри и потребна е надокнада на вода и електролити – додава д-р Стојчевска.

Таа вели дека се применува посебен режим на исхрана. Во првите денови се јаде печен комир со сол, печени кисели јаболки, варен ориз со морков, банани, кравјо кисело млеко со двопек, за по неколку дена да се отпочене со проширена исхрана. Така, покрај претходната храна, се додават и пилешки супи, бели тестенини, јуфки, макарони, шпагети, пилешко или телешко варено или печено месо. Потоа при опоравување може да се премине кон општа исхрана.

– Доколку течностите не можат да се надополнат орално, потребен е медицински третман со инфузиона супституција , витаминска терапија за подобрување на имунитетот и каузален пристап во третманот на гастроентеритисот. Имено, доколку се работи за вирус се дава симптоматска терапија, а во случај на гастроентеритис од бактериско потекло се дава и антибиотска терапија. Ако има функционално нарушување на цревото или се работи за гастроентеритис предизвикан од лекови се даваат антидијароици како и третман на состојбата. Превенција, често и темелно миење на рацете при секоја манипулација, соодветно термички обработување на храната, складирање и чување на храната на соодветно место и температура и редовна дезинфекција – објаснува докторката.