Како да ѝ се стави крај на пандемијата на строго штедење

Светот се соочува со повеќекратни, сложени кризи, од ковид-19, енергија, инфлација, долгови и климатски шокови до недостапни животни трошоци и политичка нестабилност. Потребата за амбициозна акција не може да биде поголема. Сепак, враќањето на неуспешните политики како што е штедењето, сега наречено „фискално ограничување“ или „фискална консолидација“, и недостигот од ефективни иницијативи за оданочување и намалување на долгот се закануваат да ги влошат макроекономската нестабилност и секојдневните тешкотии со кои се соочуваат милијарди луѓе. Доколку политичарите не го сменат курсот, „пандемија на штедење“ ќе го отежне глобалното економско закрепнување.
Како што покажува еден неодамнешен извештај, претстојниот бран на штедење ќе биде уште поран и пожесток од оној што следуваше по глобалната финансиска криза во 2008 година. Анализата на проекциите за расходите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) покажува дека 143 влади ќе ги намалат трошоците (како дел од БДП) во 2023 година, што ќе влијае на повеќе од 6,7 милијарди луѓе или 85 отсто од светската популација. Всушност, повеќето влади почнаа да ја намалуваат јавната потрошувачка во 2021 година, а бројот на земји што ги намалуваат буџетите се очекува да се зголеми до 2025 година. Уште позагрижувачко е тоа што повеќе од 50 земји прифаќаат прекумерни намалувања, што значи дека нивните трошоци паднале под нивните (веќе ниски) нивоа пред пандемијата.
Мерките за штедење што владите ги разгледуваат или веќе ги спроведуваат ќе бидат многу штетни за нивното население, а особено за жените. Владите планираат да ја ограничат социјалната заштита за ранливите популации, да ги намалат програмите за семејствата, старите лица и лицата со посебни потреби, да ги намалат или да ги ограничат сметките за плати во јавниот сектор (што имплицира намалување на работниците од првите редови како што се наставниците и здравствениот персонал), да ги елиминираат субвенциите, да се приватизираат превозот, енергијата и водните услуги, да се намалат пензиските бенефиции, да се намали заштитата на трудот и придонесите за социјално осигурување на работодавачите и да се намалат здравствените трошоци.

Паралелно, многу влади усвојуваат краткорочни стратегии за генерирање приходи, кои исто така ќе имаат штетни социјални ефекти. Тие вклучуваат зголемување на даноците на потрошувачка, како што се регресивните даноци на продажба и даноците на додадена вредност (ДДВ), зајакнување на јавно-приватните партнерства и зголемување на надоместоците за јавните услуги.
Не само што владите во источна и во јужна Африка спроведуваат болно штедење во време кога регионот се справува со невидени суши и криза на трошоците за живот, тие, исто така, покажуваат мала подготвеност да усвојат политики, како што се повисоки даночни стапки за корпорации и богати поединци, кои се клучни за намалување на нивните и онака високи нивоа на нееднаквост.
Доколку не се промени штедењето, луѓето во земјите во развој ќе ги изгубат социјалната заштита и јавните услуги токму кога се најпотребни. Според „Оксфам“, речиси половина од глобалното население веќе живее со помалку од 5,50 долари дневно. Да не заборавиме, илјади милијарди долари се мобилизирани од почетокот на пандемијата за поддршка на корпорациите, додека обичните луѓе носат голем дел од трошоците за приспособување.
Опасностите од агресивниот пристап на штедење беа јасни во изминатата деценија. Од 2010 до 2019 година, милијарди животи беа нарушени со кратења на пензиите и социјалните бенефиции, помали инвестиции во програми за жени, деца и стари лица, помалку и послабо платени наставници, здравствени и локални државни службеници и повисоки цени од основните даноци за потрошувачка.

Меѓутоа, не мора да биде вака. Постојат и алтернативи за штедење. Дури и во најсиромашните земји постојат најмалку девет други опции за финансирање што некои влади ги користат со години, а кои се целосно одобрени од Обединетите нации и меѓународните финансиски институции. Тие вклучуваат прогресивно оданочување, елиминација или преструктурирање на долгот, сузбивање на незаконските финансиски текови, зголемување на придонесите за социјално осигурување и покривање на работодавачите преку формализирање на работниците во неформалната економија, користење на фискалните и девизните резерви, прераспределба на јавните расходи, усвојување поприспособлива макроекономска рамка, обезбедување официјална развојна помош и нови распределби на резервите на ММФ, преку специјални права на влечење.
Бидејќи фискалните одлуки ги засегаат сите, тие не треба да се носат зад затворени врати, туку преку инклузивни и транспарентни национални дијалози, кои вклучуваат синдикати, федерации на работодавачи и граѓански организации. Владите мора да ги напуштат мерките за штедење од кои корист имаат малкумина на сметка на многумина. Само со истражување на алтернативните пристапи можеме да ги поддржиме луѓето и да се вратиме на вистинскиот пат за постигнување на Целите за одржлив развој на ОН. Светот сè уште страда од еден вид пандемија. Нема потреба од друг.

Автори: Изабел Ортиз е директорка на програмата за глобална социјална правда при Иницијативата за политички дијалог на универзитетот „Колумбија.
Метју Каминс е економист што бил дел од Развојната програма на ООН, УНИЦЕФ и на Светската банка