Потребни се дополнителни стратегии за новите соеви на коронавирусот

Иако широкораспространетата вакцинација против ковид-19 останува главен приоритет, појавата на варијантата омикрон покажува дека се потребни дополнителни линии на одбрана. Најперспективното решение се наоѓа во третманите со моноклонални антитела од новата генерација

Со тоа што се појави и почна да се шири нов сој на ковид-19, и тоа со загрижувачки голем број на мутации што може да го направат вирусот поспособен да ја заобиколи имунолошката одбрана, сите сме принудени да ги преиспитаме досегашните стратегии за заштита. Во многу земји, како САД, вакцините се сметаа за примарно ниво на заштита, кои им овозможија на Американците да живеат во релативна безбедност од вирусот. Но колку повеќе учиме за неговата способност да ја избегнува одбраната на имунолошкиот систем, толку поочигледна станува потребата за дополнителни мерки.
Наместо да се потпираме на една форма на заштита, треба да го усвоиме пристапот на „повеќеслојна заштита“ за да го минимизираме ризикот. Вакцините остануваат главна поддршка на стратегијата, но добро би било да воведеме нешто дополнително, во случај да се јави зголемен притисок од вирусот. Врз основа на она што го знаеме, нашите најдобри надежи лежат во пошироката употреба на моноклонални антитела, како ран третман за ковид-19 и за долгорочна превенција и заштита од болеста.
За да се види важноста на овој пристап, да замислиме дом за нега на лица во кој едно лице би се јавило како позитивно на ковид-19 или, пак, во брод или во подморница, каде што има висок ризик за изложеност. Ако на луѓето во овие услови им се даде единечна доза на третман со моноклонални антитела, шансите за инфекција во таа група што би довела до тешка форма на болеста би се намалиле до 70 отсто. Покрај заштитата од болести, единечната доза би имала и моќен превентивен ефект за идна инфекција, обезбедувајќи постојана заштита до осум месеци (во зависност од користената терапија).

Како што е случајот со повеќето антивирусни лекови, моноклоналните антитела ќе треба да се приспособат за да се спротивстават на одредени соеви што кружат во одреден момент. Но придобивката е што единечна доза може да ги заштити луѓето до осум месеци без дополнителни таблети и дози, што особено е важно за ризичните групи. Ако станува збор за повозрасни лица, лица со морбидна дебелина, имунокомпромитираност или кај такви каде што не е можен имунолошки одговор по вакцинацијата, новите податоци покажуваат дека е многу поголема шансата овие лица да се заразат или да развијат тешка форма на болеста. Ваквата еднократна инјекција може да спаси токму нечиј човечки живот.
Освен тоа, веќе постојат доволни сознанија за можните негативни ефекти од третманите со моноклонални антитела. Сите се решливи, за разлика од лекот молнупиравир, кој во моментот чека одобрување од ФДА за итна употреба Неговите можни несакани ефекти, за кои имаше жестока дискусија меѓу експертите од ФДА, кои издадоа ограничено одобрение, вклучуваат можни вродени дефекти и мутагенеза на самиот вирус, што во суштина ја дополнува способноста на вирусот да создава многу мутирани варијанти. Сè уште не се познати несаканите ефекти од другите таблети што чекаат понатамошно истражување.
Предизвикот со примена на заштитен пристап на повеќе нивоа во минатото беше цената за производство и товарот за испорака на првата генерација моноклонални антитела. Првично, терапиите можеа да се даваат само интравенозно во клинички услови, во период од неколку часа. За да биде ефикасна, дозата требаше да се даде кратко по појавата на симптомите и пред болеста да се јави во тешка форма. Меѓу високите трошоци и дополнителната административна побарувачка наметната врз преоптоварените здравствени системи, овој третман не би можел да се практикува масовно како превентивна алатка. Напротив, тој беше ограничен само за малкумина што можеа да си го дозволат и имаа пристап до потребните капацитети.
Но сега постои нова генерација на третмани со антитела што може да се даваат со инјектирање во неклинички услови, по цена од приближно 400 долари по грам. По таа цена, единечна доза не треба да чини повеќе од 500 долари (додека сè уште постои простор за профит). Мора да се признае дека цената е релативно висока ако третманот се користи широко како начин за превенција. Сепак, тоа е многу пониска цена од илјадниците долари што се трошат за една интравенозна инфузија и е неспоредливо со трошоците за нега на хоспитализирано лице со ковид-19.

Сега ни е потребен ист вид на брза мобилизација со која се испорачаа безбедните и високоефикасни вакцини против ковид-19 во рекордно време. Тој подвиг беше овозможен со координирани напори меѓу владата, глобалните фармацевтски компании и плаќачите на здравствена нега, за да се насочи синџирот на снабдување, да се подобри брзината на испорака и да се овозможат достапност и пристап за сите оние на кои им се потребни. Тестирањето на ковид-19 исто така треба да стане подостапно, а вообичаена практика да стане и тестирањето на антитела за лицата со висок ризик.
Појавата на омикрон покажува дека коронавирусот сè уште крие многу трикови во ракавот, какви што можеби не можеме ни да ги замислиме. Раните тестови сугерираат дека третманот со моноклонални антитела се спротивставува на новиот сој. Оваа вест ветува, како и веста дека Белата куќа ќе формира тимови за администрирање на овој лек што може да спасува човечки животи. Додека набљудувачите нè советуваат да не воведуваме дополнителни мерки, сепак јавното здравство бара токму ваков пристап.

Авторот е научник, биотехнолошки претприемач и експерт по заразни болести, како и претседател на експертската група за глобално здравје „Аксес хелт интернешнел“