Ќе гледаме богами уште разни чуда. Како што гледаме и деновиве и не можеме да се начудиме. Во целава оваа земја на чудата една работа никој не може да негира. А тоа е дека ниеден ден не ни е здодевно. Секој ден се случува нешто ново што со својата бизарност го надминува она што само ден порано сме мислеле дека е врв. Кога се најдовме во ситуација за Уставот да расправаат и да го толкуваат луѓе што не само што не прочитале ниеден учебник од областа на правото туку последната книга ја прочитале за лектира во осмо одделение, тогаш треба ли посилен аргумент дека работите заминале предалеку?
Деновиве во дискусија со мои пријатели дискретно ми беше советувано да не се обидувам да пишувам нешто повеќе за Уставот, со образложение дека не сум врвен познавач на уставната материја, не сум ни правник и дека можам да згрешам нешто, што не би било соодветно на поводот. Во ред, се согласувам, нема да дискутирам за Уставот, нема да објаснувам зошто сум за или против одредени ставови и мислења. Иако, мора да признаеме, како и за секое актуелно прашање кај нас, одеднаш изникнаа од земја цел милион познавачи и толкувачи на уставната материја, така што во тој контекст, едно мислење повеќе или помалку, ништо не менува.
Сепак, ако веќе не се вклучувам во општонародната опседнатост со Уставот, не можам, а да не прокоментирам за дрскоста и безобразлукот на разни приучени лепачи на плакати и врескачи по митинзи, кои буквално нѐ бомбардираат од сите страни со свои „научни“ тврдења во однос на највисокиот правен акт во државата. Па добро, бре, господо и другари, олабавете малку. Уставот не е алваџиски тефтер, па кој како ќе му текне да го допишува и да брише. Уште помалку оние што не се квалификувани за тоа.
Затоа, да го задржиме достоинството и да му пријдеме на проблемот како што доликува и заслужува. И толку. Не би дискутирал повеќе, се разбира, ако замолкнат и оние што ниту знаат што зборуваат, ниту пак ја разбираат материјата, а се најгласни. Затоа, да ја парафразираме старата парола – уставната материја на уставните експерти, за да има и устав и држава и право и владеење на правото, а секако да има унитарна држава на македонскиот народ и на сите други малцинства што живеат во Македонија, со почитување на највисоките можни права по меѓународното јавно право.
Да продолжам и на друга тема… Деновиве, богами, се намножија теми за кои може да се пишува. За автопатот овој пат не би трошел повеќе простор, добро е што се развива дискусија на сите страни, можеби ќе се расчистат дилемите и ќе почне градбата како што доликува, според сите нормални светски стандарди. Инаку, ако продолжат и натаму мистеријата и таинственоста, тоа само ќе продуцира дополнителни шпекулации, афери, претпоставки и расправии, проследени со меѓусебни обвинувања. И наместо сите да се фатиме за работа, секој во својот домен, само ќе расте и ќе се надувува сѐ повеќе балонот со сеири во кој секој ќе најде нешто за себе со што ќе се окупира.
Најавеното утрешно почнување на работите на автопатската офанзива е одличен повод да се расчистат барем дел од дилемите поврзани со ова прашање, бидејќи јавноста заслужува да ги знае одговорите. Ако веќе дебело се задолжува на долг рок, тогаш барем да знае за што и како ќе плаќа. Симнувањето на велот на таинственоста би требало да биде првиот чекор во нормализација на целиот процес. Упорното инсистирање на некакви безбедносни протоколи може да има спротивен ефект, но во крајна линија, тоа е избор на луѓето што стојат зад целиот проект и тие најдобро знаат што и како прават.
Во секој случај, очите на јавноста утре ќе бидат вперени кон локацијата на која ќе биде удрена првата лопата, од каде што треба да започне изградбата на автопатиштата со кои се навестува преродба на Македонија. До моментот на пишувањето на овој текст, локацијата сѐ уште е непозната, па тоа му додава дополнителна мистерија на целиот настан.
А кога сме кај мистериите, полека се симнуваат непознаниците околу идната наставна програма, според која ќе се образоваат нашите најмлади сограѓани. Според она што е веќе извесно, историјата и географијата, како посебни наставни предмети, полека заминуваат во сеќавањето на повозрасните, а во наставните програми се втемелува збирен предмет, кој ги опфаќа и некогашните биологија, хемија, физика и којзнае уште што не. Многумина со игнорирање се однесуваат кон ова прашање, но образовните експерти укажуваат на голем број недостатоци што дополнително ќе се рефлектираат на знаењето на сегашните и на идните основци кога ќе дојдат во некои подоцнежни фази од своето образование. Но одлуката е веќе донесена, новата наставна програма е подготвена, а во што ќе се изроди, допрва ќе гледаме.
А ќе гледаме богами разни чуда. Како што гледаме и деновиве и не можеме да се начудиме. Во целава оваа земја на чудата една работа никој не може да негира. А тоа е дека ниеден ден не ни е здодевно. Секој ден се случува нешто ново што со својата бизарност го надминува она што само ден порано сме мислеле дека е врв. Кога се најдовме во ситуација за Уставот да расправаат и да го толкуваат луѓе што не само што не прочитале ниеден учебник од областа на правото туку последната книга ја прочитале за лектира во осмо одделение, тогаш треба ли посилен аргумент дека работите заминале предалеку?