Реал Мадрид и Манчестер сити меѓу себе играа во полуфиналињата лани и во сезоната 2015/2016, како и уште двапати (по еднаш во групна фаза и во осминафинале), а градските ривали Милан и Интер досега двапати имаа европски дуели, во полуфинале во 2003 година и во четврт-финале во 2005 година

ФУДБАЛ – ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ

Реприза на ланското полуфинале Реал Мадрид – Манчестер сити и ново европско градско дерби по пауза од 18 години помеѓу Милан и Интер ќе има во полуфиналето во мај на годинашната фудбалска Лига на шампионите, по заокружувањето на четвртфиналната фаза.
Актуелниот континентален првак Реал Мадрид и лани и сезонава во четврт-финалето се сретна со Челси, а како и во минатата сезона, и сега за влез во финалето ќе игра со Манчестер сити (4-3 за Манчестер сити во првиот меч, 3-1 за Реал Мадрид во реваншот, по продолженијата), кој во реваншот од четврт-финалето одигра нерешено, 1-1, на гости кај Баерн, и се пласира понатаму со вкупен резултат 4-1. Реал Мадрид и Манчестер сити играа меѓу себе и во групната фаза во сезоната 2012/2013 (победа со 3-2 на Реал Мадрид и реми 1-1), потоа во полуфиналето во сезоната 2015/2016 (1-0 за Реал Мадрид и нерешен резултат 0-0), како и во осминафиналето во сезоната 2019/2020 (две победи со по 2-1 на Манчестер сити).
Градските ривали од Милано, пак, третпат ќе играат меѓу себе во Лигата на шампионите, откако претходно се сретнаа во полуфиналето во 2003 година (две ремија, вкупна победа на Милан), а потоа и во четврт-финалето во 2005 година (две победи на Милан). Интер во реваншот од четврт-финалето сезонава ремизира дома со Бенфика, 3-3, но оди понатаму поради победата во првиот меч на гости со 2-0.
Од годинашните полуфиналисти три клуба досега беа европски прваци, Реал Мадрид 14 пати, Милан седум пати и Интер трипати, а Манчестер сити еднаш играше во финалето. Од можните двојки за финалето, ако настапи Манчестер сити, тоа ќе биде финале помеѓу екипи (дуел со Интер или со Милан) што досега не се сретнале во меч за европската титула, а ако игра Реал Мадрид, тогаш е можна реприза на дуелот со Милан од финалето во 1958 година или на натпреварот со Интер од 1964 година.
Меѓу тренерите на полуфиналистите сезонава, пак, Карло Анчелоти (Реал Мадрид) е најтрофејниот тренер вкупно, со четири титули, по две со Реал Мадрид и со Милан, а две освои Пеп Гвардиола (Манчестер сити), двете со Барселона. Двајцата ја освојуваа титулата и како фудбалери. Вкупно седуммина имаат трофеи како играчи и како тренери, а на таа листа сезонава можат да се запишат и тренерите на Интер и на Милан, Филипо Инѕаги односно Стефано Пиоли. Н.М.


Од 68 сезони, Реал Мадрид 32. пат е полуфиналист

Реал Мадрид е 32. пат во полуфиналето на најсилното европско фудбалско клупско натпреварување, некогаш со име Куп на европските шампиони (КЕШ), сега Лига на шампионите (ЛШ). Сезонава е вкупно 68. по ред, а 31. откако се игра како ЛШ, а во тој формат Реал Мадрид во повеќе од половина од сезоните бил меѓу четирите најдобри тима, вкупно 16 пати. Англија досега имала најмногу екипи во полуфиналето, 10, и тоа Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед, Челси, Тотенхем, Арсенал, Лидс, Астон вила, Нотингем форест и Дерби).


ЛИГА НА ШАМПИОНИТЕ ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ, РЕВАНШИ

Челси – Реал М. 0-2 (0-4)
Наполи – Милан 1-1 (1-2)
Баерн – Манчестер С. 1-1 (1-4)
Интер – Бенфика 3-3 (5-3)
во заградите се вкупните резултати по два меча

ПОЛУФИНАЛЕ
Реал М. – Манчестер С. 9 мај
Милан – Интер 10 мај
реваншите се една недела подоцна