Забуна, збрка и мешаницa за една „техничка кованица“?!

Господа и другари, предлог уставните измени немаат никаков однос кон „европските вредности“ ниту пак истите тие ќе донесат некаков просперитет. Едноставно е, тоа е барање што ги задоволува бугарските национални апетити, а ЕУ е алатка што се користи за да се спроведат истите тие

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, завчера го прими предлогот за пристапување кон измена на Уставот со насоки за изменување и дополнување на Уставот, чиј предлагач е Владата на Македонија. Во истиот момент, претседателот на Собранието, Талат Џафери, му го предаде предлогот за измена на Уставот на претседателот на Комисијата за уставни прашања, на Талат Џафери, се разбира. Потоа, Талат Џафери како претседател на споменатата комисија за уставни прашања ја закажа седницата на комисијата за 25 јули во 10 часот. Со седницата ќе раководи претседателот Талат Џафери, наредните десет дена. Потоа, претседателот на комисијата, Талат Џафери, ќе ја проследи одлуката на комисијата до претседателот на македонското собрание, Талат Џафери. Потоа, Талат Џафери ќе го стави на дневен ред предлогот за пристапување кон измена на Уставот, за седница на Собранието, на 18 август, за во 11 часот.
Тогаш, претседателот Талат Џафери ќе се мултиплицира едно осумдесетина пати, можеби малку помалку, колку што ќе биде потребно, при што ќе биде обезбедена поддршката за потребата да отпочне парламентарната дебата за измена и дополнување на Уставот. Добро, само последново е од областа на научната фантастика, но тоа погоре воопшто не е. „Уан – мен – папет – шоу“, што би рекле Европејциве… Или… не сум сигурен како се нарекува тоа на разговорен француско-бугарски јазик?! До таму ли стасавме?
Нашиве пак шефови на егзекутивава, премиерот и претседателот, сметаат дека немало ништо идентитетски спорно во гореспоменативе предлог уставни измени, односно дека се работи за уставни измени што не задираат во ниту едно идентитетско прашање?! Нивните тези се дека ова е едно безболно и „техничко“ прашање. Внесувањето едно малцинство со статус на народ во Уставот било „техничко прашање“? Ако е техничко прашање, зошто тогаш се бараат странски дипломати да дојдат во Македонија и да им се закануваат на противниците на овој концепт на уставните промени!?
Ноторен факт е дека ниту во францускиот предлог ниту во кој било друг официјален документ со кој македонската влада се обврзала да спроведе уставни промени заради „внесување“ на други народи во Уставот не се вели дека тие народи треба да добијат статус на „државотворни“ и дека заради тоа треба да се промени преамбулата на Уставот. Е па, ако е така, зошто тогаш технички да брзаме како „прле пред магаре“? Ќе ни дадат ли техничка „вајлд карта“ (Бугарите или Европејците) за директен пласман во ЕУ? Ама ајде, ви се молам!

Еве уште еден ноторен факт: бугарската држава официјално си бара Бугарите во Македонија да бидат внесени во Уставот како државотворен народ! Тоа е кажано експлицитно од бугарски официјални лица во повеќе прилики. Но тоа не значи дека со тоа сме прифатиле ние облигаторен однос и сега „високостручни комисии“ (читај владејачките партии) да ги преточат во амандмани што ќе се обидат оние што владеат да ги протнат во Собранието. Господа и другари, суштината на овој концепт на уставните промени е тоа што Бугарите од Македонија, поддржани од својата матична држава, се единствениот етнички ентитет во Македонија што отворено ги негира самобитноста на македонската нација и нејзиниот јазик. Според официјалната бугарска историографија, сите Македонци се Бугари, бидејќи нашите родители и предци родени пред 1945 година биле Бугари?! Не го разбравте тоа досега? Бугарската држава се обидува да направи историска ревизија, се брише антифашистичкото минато на македонскиот народ, бугарските фашисти да станат администратори, а од оние што нѐ репресираа и ги убиваа македонските партизани сакаат да направат конститутивен народ во преамбулата на македонскиот устав. Има ли ова некаква логика?
Господа и другари, предлог уставните измени немаат никаков однос кон „европските вредности“ ниту пак истите тие ќе донесат некаков просперитет. Едноставно е, тоа е барање што ги задоволува бугарските национални апетити, а ЕУ е алатка што се користи за да се спроведат истите тие.
Најпосле, му се чудам и на претседателот на државава и се прашувам чиј претседател е тој и кого застапува? Ајде, замолувам да не се расфрламе со флоскули во кои името на нашата држава се става во контекст со придавката „пропадне“… Ниту да се става во контекст „да пропадне“, ниту „да не пропадне“… Да не ги заплашуваме граѓаните… Со заплашувања дека државата не може да напредува како што би напредувала кога би била во европските интеграции и дека ако сме оставени самите да се реформираме со тоа што го имаме како знаење и демократски услови, ние ќе се реформираме два-три пати подолго отколку кога би биле во преговорите и би учеле од најдобрите!?… И дека и на лаиците им било јасно дека нема да можат да ја сменат преговарачката рамка, бидејќи за таа единствено евентуално Бугарија требала да каже „да“!?
Како тоа не може да се смени преговарачката рамка?! Кој ве излажал со тоа? Може и тоа како може. Консултирајте се со вашите советници. Ајде, малку помош… А ако се смени начинот на одлучување во ЕУ?

Би било во ред кога Бугарија би го почитувала меѓународното право и „јус когенс“, при што, со донесена декларација со уставна сила во бугарскиот парламент би ги признала наративите од македонскиот устав за македонскиот идентитет, за самобитноста на македонската нација и за генезата на современиот македонски јазик до извориштата во старословенската писменост. Но знаеме сите дека тоа нема да се случи. Меѓутоа може да се случи многу реално, ние не продавајќи ја својата кожа (ниту глава, ниту срце, ниту пак нокт) Македонија да почека уште малку, токму онолку колку што треба да се реформира ЕУ, па и реформите во делот на одлучувањето (она консензуалното). Тоа сигурно ќе трае помалку време отколку меѓувладините средби, пристапните преговори, дискусиите за поглавјата или ако сакате за кластерите при пристапувањето и синхронизирањето на системите. Затоа, без закани и без песимизам, ве молам. Влезот во ЕУ ќе ни биде како македонски народ, зборувајќи гласно македонски јазик и раскажувајќи им ја македонската историја на Европејците, а и на соседите!