Новото барање за уставни измени, претставено како „европско“, активира повеќе стари болки и слабости вградени во македонскиот устав од некои претходни измени, кои исто така беа направени со внатрешни и надворешни притисоци. Прашањата што првично се наметнуваат, а произлегуваат од различни општествени тенденции, се: какви толкувања предизвикува конструкцијата на преамбулата во која се споменуваат прво граѓаните, а потоа и етносите во државата и има ли во тоа основа за загрозување на унитарноста на државата и статусот на македонскиот народ како државотворен?

СО ВНИМАНИЕ КОН ПРЕДЛОЖЕНИТЕ УСТАВНИ ИЗМЕНИ

Дебатата во македонската јавност за новонаметнатите уставни измени, која трае од моментот на изразување согласност од страна на претставниците на владејачкото мнозинство со т.н. француски предлог за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, повторно добива нов интензитет. Причината за засилувањето на дебатата е доставувањето до Собранието на предлогот на Владата за пристапување кон измена на Уставот. Суштината на бараните уставни измени е внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, како услов за одржување на втората меѓувладина конференција со ЕУ, односно отворање на поглавјата и преговорите со Унијата.
Сепак, ова ново барање за уставни измени, претставено како „европско“, активира повеќе стари симптоми и слабости вградени во македонскиот устав внесени со некои претходни измени, исто така направени со внатрешни и надворешни притисоци. По сите досегашни промени, доминира впечатокот дека се редуцира државотворниот статус на македонскиот народ, но и се загрозува унитарниот карактер на државата Македонија. Прашањата што првично се наметнуваат, а произлегуваат од различни општествени тенденции, се: какви толкувања предизвикува конструкцијата на преамбулата во која се споменуваат прво граѓаните, а потоа и етносите во државата и која е основата за загрозување на унитарноста на државата и статусот на македонскиот народ како државотворен?

Конфузијата во која е доведена преамбулата на македонскиот устав

Универзитетската професорка по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска смета дека конфузијата во која е доведена преамбулата на македонскиот устав не е само спротивна на меѓународното право туку му прави голема штета на македонскиот народ, кој поради овие забуни не може јасно и недвосмислено да се определи како државотворен народ во сопствената држава.
– Формулацијата на преамбулата е правно збунувачка и политички конфузна. Во иста реченица се споменуваат граѓаните на земјата, преку кои се истакнува граѓанскиот карактер на Уставот, од една страна, и македонскиот народ, дел од албанскиот народ и другите народи, преку кои се истакнува националниот карактер на Уставот, создавајќи уште на самиот почеток во Уставот целосна забуна со мешање термини и поими што не се употребуваат во меѓународното право. Имено, во меѓународното право за поимот делови од народи во официјална употреба е поимот национално малцинство, само малцинство или терминот етничка група. Во сите земји во светот тие малцинства или етнички групи се од значење за определување на етничкиот карактер на општеството, но не и на државата.
Оттука, споменувањето на народите во преамбулата на Уставот на Македонија создава конфузија во делот на државотворноста и во делот на националната припадност. Направена е забуна, која потоа се согледува и во другите членови на Уставот, во делот кој е државотворен народ на земјата по чија линија ќе се определува и националноста, односно државјанството во земјата, а кои се малцинства, односно етнички групи што се делови од македонското општество, но кои мора да имаат национална припадност на државата во согласност со доминантниот државотворен фактор.
Токму поради оваа уставна конфузија потоа ни се случува во личните карти или во патните исправи на граѓаните во делот за нивната национална припадност да не стои македонско државјанство или македонска национална припадност, туку националната припадност на малцинството според матичната држава (албанска, турска, српска итн.), што е несвојствено за ниту една друга држава во регионот или во Европа. Ваквата конфузија не е само спротивна на меѓународното право, туку му прави голема штета на македонскиот народ, кој поради овие забуни не може јасно и недвосмислено да се определи како државотворен народ во сопствената држава – вели професорката по уставно право Татјана Каракамишева-Јовановска.

Понатамошните навестувања и барања во Уставот ја доведуваат во прашање унитарноста на државата во функционална, но и во територијална смисла

Универзитетскиот професор Владо Поповски е еден од креаторите на првиот устав на независна Македонија, но учествувал и во други процеси на менување на конститутивниот акт.
– Инсистирањето за национално-политички колективитети се случи по барање на албанскиот политички фактор во Македонија, а понатамошните навестувања и барања што доаѓаат од овие структури ја доведуваат во прашање унитарноста на државата во функционална, но и во територијална смисла. Гласно искажуваните барања за укинување на уставната категорија „јазик што го зборуваат 20 отсто од населението“ и изедначување на македонскиот и албанскиот јазик како официјални јазици практично би значело јазично федерализирање и обврска албанскиот јазик да биде службен и во средини (во општини на локално ниво) каде што речиси и нема албанско население. Исто така, идеите за заедница на албански општини во Македонија би значеле територијална федерализација, независно што е на општинско ниво. Тоа би било создавање федеративен статус на албанското население на дел од територијата на Македонија, со што се засегнува во костурот на единството на државата. Македонија во своето уставно уредување треба да се раководи според своите досегашни принципи на еднакви права и слободи за сите нејзини граѓани, но и заштита на националните интереси на Македонците и унитарноста на државата – вели професорот Владо Поповски.


Проф. д-р Мирјана
Најчевска

Мирјана Најчевска: Дали внесувањето на Бугарите во Уставот значи дека тие се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија?

Универзитетската професорка од Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, Мирјана Најчевска, поставува повеќе прашања што би значело внесувањето на Бугарите во македонскиот устав. Клучното прашање од сите наведени точки е: дали тоа значи негирање на сопственото македонско минато, за кое сѐ уште имаме живи сведоци?

– Доколку ги внесеме Бугарите во Уставот на државата дали тоа ќе значи:

1. Дека Бугарите од Македонија ќе ги препознаеме како луѓе што со генерации се бореле за создавање самостојна и суверена држава Македонија?

2. Дека Бугарите во Македонија ќе ги препознаеме како луѓе што работеле и работат во согласност со правните одлуки наведени во Прогласот од Првото заседание на АСНОМ, според кои:

– Македонскиот јазик се препознава како службен јазик

– Се формира комисија за испитување на воените злосторства направени од окупаторите (читај Бугарите) и нивните слуги (читај – бугарофили)

– Со ова се остваруваат вековните идеали на нашиот народ (читај – формирање сопствена држава)

– Се кинат фашистичките синџири (читај – на бугарскиот фашистички окупатор)

– „Фашиските окупатори и нивните слуги се пред пропаст, ами ги превземаат сите мерки како би го одложиле своето пропаѓање. Оние изнајдуваат нови трикови, како би го задржали македонскиот народ мирно да (го) поднесува фашискиот јарем. Ванчо Михајлов и неговата група издајници и крвници на македонскиот народ готват платени банди да по истеглувањето на бугарските фашиски војски ја завладејат Македонија за сметка на Хитлер или некој друг господар.“
Или ќе го негираме минатото за кое уште имаме живи сведоци? – прашува професорката Мирјана Најчевска.