Тајната на сите тајни

Би сакал да грешам, но мислам дека на најодговорните како да не им е многу грижа што и како да преземат за решавање на овој горлив проблем. Очигледно, градските татковци и мајки имаат многу поинтересни активности со кои се занимаваат наместо да побараат одговор – за почеток во науката. Потоа би можеле во практиката, кај градови со слични карактеристики како Скопје, односно другите градови од земјава да ги најдат своите пандани низ светот. Следен чекор би бил да се види како тие го решавале овој проблем. Во краен случај, тефтерот в рака или службениот лаптоп, да бидеме во чекор со времето. Се прави список од сите можни решенија и се почнува со нивна примена на наш терен. Едноподруго, сѐ додека не се најде решение

Нецели два дена, граѓаните на Скопје се порадуваа на бесплатен градски превоз, а веќе во средата наутро – студен туш. Нема веќе гага возење, воздухот во Скопје волшебно се исчисти и не важат веќе вонредните мерки, кои скопјани главно ги препознаваат како бесплатно користење на јавниот превоз.
И сега кутри скопјани не знаат дали да се радуваат или да жалат. Ако е навистина воздухот прочистен, тогаш ај да не им биде жал што се укина мерката за бесплатен превоз. Мал е трошокот што ќе треба да го поднесат ако сакаат да отидат некаде низ градот, а мора да фатат автобус. Барем да е навистина така, да беше навистина почист воздухот. Но не верувам дека кој било просечен скопјанец почувствува дека во средата воздухот беше за некој грам почист од вторникот.
Да нема овде забуна, за оние што не се од Скопје, не се работи за грешка. Кај нас нечистотијата буквално се мери во грамови. Ако не верувате, излезете навечер низ град и кога ќе се приберете дома пробајте да го исчистите грлото.
Но да ги оставиме проблемите настрана и да се порадуваме на нешто убаво. Скопје влезе во друштво со Милано и со Њујорк.
Навистина, ексклузивно друштво ќе си помисли секој што не ги следи податоците за квалитетот за воздухот во Скопје, кои ги објавува секојдневно платформата „Ај-кју-ер“. За жал, во друштво на овие градови се најдовме на високо место, рангирани меѓу првите 20 града во светот. Тоа беше ситуацијата во средата, кога беше укинат бесплатниот превоз. Претходно кога мерката не беше укината Скопје беше меѓу првите пет или првите три, зависи од денот.
И кога го видов ова, ми дојде мило околу срцето. Та не сме саде ние, та не сме саде тука. И во Милано и во Њујорк си ги имаат истите маки како нас. А башка, со тоа и ја открив тајната на повлекувањето на мерките. Значи, надлежните исто така ја следеле листата. Е па, добро, нека биде.

Само едно нешто не ми е јасно. Минаха години, а една работа никако да разберам (ја користам овде фамозната фраза „минаха години“ во чест на нашите западни соседи). А ако не знаете кои се тие, погледајте подобро што проповедаат нововерните учебници што нашите надлежни образовни власти ги квачеа, ги квачеа и на крајот ги испилија. Така дознавме дека Бугарија е на запад од нас и, верувајте, тоа ни помогна да се чувствуваме попаметни, просветлени. Сфативме дека комунистите нѐ лажеле со години, море со децении, дека Бугарија е на исток, а сега овие новиве ни ги отворија очите. (И ни олесна, мора да признаам).
Значи, „минаха години“, а никако не можам да разберам како со години, со децении, слушаме дека воздухот е сериозно загаден, некои тоа веќе го почувствуваа и на сопственото здравје, а никако да откриеме како да го решиме проблемот со загадувањето. Едно време прстот беше вперен кон индустриските капацитети, дрвја и камења се фрлаа по нив, но, еве, сега повеќето фабрики затворија, веќе не работат, оние пак што работат ставија скапи филтри, а Скопје никако да добие почист воздух. Дури, показателите велат дека ситуација е уште полоша. Се пласираше приказна дека сообраќајот е виновен, но ни рестрикциите не дадоа никаков позитивен резултат.
И конечно, експертите успеаја некако да се усогласат, да ги споредат податоците и да дојдат до некаква согласност дека загадувачите се точно лоцирани, а дека дополнителен проблем е климата, бидејќи Скопје е во котлина, што создава неповолни услови за проветрување, а некогашната „ружа на ветровите“ што правеше градот да има чист и квалитетен воздух сега е веќе „пресушена“, како резултат на непланската градба.
Но не е тајната само да се откријат и прецизно да се лоцираат загадувачите, туку вистинскиот одговор е како да се отстранат главните чинители, како Скопје, но и другите градови во Македонија да добијат чист воздух каков што заслужуваат граѓаните. Се изнаслушавме секакви експертизи, самонаречени „експерти“ и партиски барабанџии, кои ни продаваа најразлични теории, завиткани во шарени обланди, но никој досега, буквално НИКОЈ не успеа да ја открие тајната на сите тајни – како да се исчисти воздухот во Скопје. Оттаму, не треба ни да напоменувам дека никој од нив не ни помогна, барем за грам да ја намалиме загаденоста.

Би сакал да грешам, но мислам дека на најодговорните како да не им е многу грижа што и како да преземат за решавање на овој горлив проблем. Очигледно, градските татковци и мајки имаат многу поинтересни активности со кои се занимаваат наместо да побараат одговор – за почеток во науката. Потоа би можеле во практиката, кај градови со слични карактеристики како Скопје, односно другите градови од земјава да ги најдат своите пандани низ светот. Следен чекор би бил да се види како тие го решавале овој проблем.
Во краен случај, тефтерот в рака или службениот лаптоп, да бидеме во чекор со времето. Се прави список од сите можни решенија и се почнува со нивна примена на наш терен. Едноподруго, сѐ додека не се најде решение. Впрочем, ако не пробаме со радикални мерки, големи се шансите ситуацијата да остане непроменета, па дури и уште полоша. Не верувам дека некој нормален го посакува тоа за себе и за своето потомство. Затоа, тефтерот, пардон лаптопот в рака и почнете. Сега. Веднаш.
Изгледа „шашаво“? Во ред, понудете подобро решение, јас барем го направив првиот чекор. Белки ќе се најде некое решение во паузата меѓу два тендера и два ДУП-а или ГУП-а, сеедно.