Клубот, меѓу другото, годинава организира две државни првенства, еден меѓународен турнир со најголем број натпреварувачи и клубови досега, со присуство на два странски еминентни џудо-стручњаци, потоа два стручни национални семинари и еден меѓународен семинар за тренери и судии со германски џудо-експерт, клубот му беше домаќин и на француски џудо-експерт, одржа стручни тренинзи, технички ја организира манифестација „Светски ден на џудото“, учествуваше уште на два меѓународни џудо-кампови…

ЏУДО

Џудо-клубот од Прилеп Сеишин, на пригодна свеченост им додели награди и признанија на најдобрите свои натпреварувачи и натпреварувачки за 2022 година, а имаше и осврт на постигнатите резултати и другите активности.
Така, во годината што полека изминува, клубот настапи на осум државни првенства во разни категории и освои 89 медали (22 златни, 40 сребрени и 27 бронзени), потоа на 11 меѓународни турнири со освоени 98 медали (26 златни, 32 сребрени и 40 бронзени), на четири балкански првенства со 10 члена на клубот како репрезентативци и освоени седум медали (три златни, две сребрени и две бронзени), и на еден Европски куп за кадети во Ѓер (Унгарија) со две џудистки и освоено седмо место.
– Клубот, меѓу другото, годинава организира две државни првенства, екипно за сениори и за ветерани, и еден меѓународен турнир, традиционално 12-ти по ред, со најголем број натпреварувачи, 385, и најголем број клубови учесници досега, 43, а особено е важно што присуствуваа и два странски еминентни џудо-стручњаци, Бојан Миличевиќ и Зоран Миловиќ од Црна Гора.

Сеишин годинава организира и два стручни национални семинари за џудо-тренери и џудо-судии, како и еден меѓународен стручен семинар за тренери и судии, кој беше предводен од германскиот џудо-експерт Јурген Клингер. Клубот му беше домаќин и на францускиот џудо-експерт Жилиен Бруланд, кој одржа тридневни стручни тренинзи, и технички ја организира манифестација „Светски ден на џудото“, каде што заедно со здруженијата за лица со попреченост „Порака“ и „Ѕуница“ од Прилеп го одбележи овој ден под мотото „Инклузија“. Клубот со свои претставници учествуваше уште на два меѓународни џудо-кампови, во БиХ и во Србија. Беа прогласени најдобрите во сите категории. За најуспешен натпреварувач на ниво на клубот е прогласена Теа Настоска, а за тренер Марио Тошески (прв дан) – вели тренерот на клубот и селектор на македонската репрезентација, Дејан Мицкоски. Г.И.