Роденденските честитки ја потврдија нашата 82-годишна поврзаност со читателите

Има денови кога телефонот упорно ѕвони, сигнализира за пристигнати пораки, понекогаш на почеток на работното време, кога вообичаено на редакциски колегиум се договараат темите што ќе се најдат во претстојното издание на „Нова Македонија“, или во период од денот кога, како што велиме во новинарски жаргон, го затвораме утрешниот број на весникот. Тогаш обично сме најзафатени, па во таква ситуација никако не можам да стигнам веднаш да одговорам на повиците и пораките, но се трудам да го сторам тоа подоцна. Токму тоа се случи дента кога „Нова Македонија“ го прославуваше својот 82. роденден во четвртокот, кога многумина испраќаа честитки, се јавуваа за да ни посакаат уште долго да излегува весникот, со што имаа особени пофалби за роденденската насловна страница. „Многу оригинално“, „големо браво за креативноста, дизајнот…“, „боли колку е добра насловната“, „значи како ви текнува ова, цареви сте“, се дел од пораките од нашите читатели, колеги, соработници и пријатели.
Многумина во повеќе наврати ни пишуваа и за поврзаноста на „Нова Македонија“ со нивните среќни спомени од најраното детство, сеќавајќи се како нивните родители секојдневно доаѓале дома со весникот под рака и ритуално го читале во семејната дневна соба по напорните работни обврски. И во текстовите што досега сме ги објавиле по повод излегувањето на првиот број на весникот, можат да се увидат разни лични искуства на луѓе од различни возрасти и општествени сфери, кои ја истакнуваат токму улогата на „Нова Македонија“ во нивниот живот. Познато е дека архивираните изданија на весникот низ библиотеките се барани од ученици, студенти, новинари од државава и од странство, писатели, научници…
Одбележувањето на јубилејот и согледувањето на начинот на кој „Нова Македонија“ со својата вредна, професионална и одговорна работа, односно квалитетна содржина, допрела до многумина, се доказ за нераскинливата врска на весникот со народот, чии интереси секогаш ги застапува. Тука можеме да увидиме дека е препознаена вредноста на традиционалните медиуми, кои секогаш предничат во непоколебливата определба за објавување објективни, точни и проверени информации, што е особено важно во денешно време на изобилство на содржини и на разни платформи за нивно пласирање.
Ако побарате кои весници низ историјата се тесно поврзани со државноста, националниот идентитет, суверенитетот, независноста и формирањето на државите во кои излегуваат, името на „Нова Македонија“ особено се посочува како пример. Во различни странски извори се вели дека „Нова Македонија“ е силно поврзана со македонската национална свест, ослободителното движење за време на Втората светска војна и воспоставувањето на македонската државност. Се опишува како издание основано за време на формирањето на македонската држава, поврзано со младинското движење и со политичката и општествената мобилизација во тој период.
Одлуката да се прави весник била донесена уште на третата седница на Президиумот на AСНОМ одржана од 2 до 5 септември 1944 година во манастирот „Прохор Пчињски“, а веднаш потоа биле задолжени Агитациско-пропагандното одделение при ЦК на Комунистичката партија на Македонија и Главниот штаб да формираат и специјална комисија, која ќе го подготвува и ќе го издава овој дневен весник. За името на весникот првично имало три предлози – Независна Македонија, Слободна Македонија и Нова Македонија. Името „Нова Македонија“ било сметано за најприфатливо, бидејќи истакнувало дека станува збор за нова преродба, нова современа македонска држава, со поинакво општествено политичко уредување, со нови принципи и начела на раководење и живеење. А „Нова Македонија“ беше еден од важните фактори за успешно спроведување на референдумот од 8 септември 1991 година, со што Република Македонија ги заокружи независноста и сувереноста. Исто така се гордееме дека македонските граѓани преку весникот ги осознаа своите корени, азбука, јазик и култура. Баш затоа сите што работат или што работеле во „Нова Македонија“ истакнуваат дека како прв македонски дневен весник сме вградени во темелите на македонската државност.
Не ми е целта да се фалиме вака отворено, но морам да истакнам дека, наспроти сите предизвици што ги носи работата, вакви моменти, кога ќе видите дека вложениот труд на сите во редакцијата на „Нова Македонија“ е препознаен и ценет, особено годат и ни даваат поттик да продолжиме и понатаму да создаваме весник со квалитетна содржина. За уште многу години и многу нови приказни што ќе ги раскажеме заедно со нашите читатели, како и за нови впечатливи насловни страници во нашиот препознатлив оригинален стил. Во името на редакцијата на „Нова Македонија“, ви благодарам на сите за убавите честитки и желби, навистина го збогативте нашиот роденден.