Со децении, африканските земји извезуваат огромни количества вредни минерали во сурова, необработена форма, за подоцна повторно да ги купуваат готовите производи направени од нив. Оваа динамика сè повеќе се смета за неприфатлива во обидите за постигнување економски раст.
– Ситуацијата во која суровите минерали се вадат од нашите земји, се извезуваат, се преработуваат и ни се продаваат како готови производи, само ги зацврстува темелите на нашата беда и нè турка подлабоко во бездната на неразвиеноста. Мораме да ставиме крај на циклусот на извоз на руда и увоз на готови производи – изјави неодамна претседателот на Нигерија, Бола Ахмед Тинубу.
– Африканските минерали мора да ги напуштаат нашите пристаништа во форма на батерии за електрични возила, електрични кабли и трансформатори, готови алуминиумски делови, магнети од ретки земјени елементи и други производи со додадена вредност – додаде претседателот на Гана, Џон Драмани Махама, претходно месецов.
Во меѓувреме, од другата страна на Атлантикот, внимание привлекува новиот пристап на Вашингтон кон африканските минерали.
– Ние, односно САД, добиваме голем дел од правата врз минералите од Конго – изјави Трамп додека посредуваше во мировниот договор меѓу Демократска Република Конго и Руанда.
Во Замбија, пак, со нацрт-договор на американските рударски компании им се овозможуваше „привилегиран пристап“ во замена за континуирано финансирање на третманот за ХИВ во земјата. Договорите со Замбија и ДР Конго се дел од сè поголемиот број аранжмани што ги промовира американскиот претседател Доналд Трамп за експлоатација на минерални суровини од овој континент; слични договори се склучени и со Нигерија, Руанда, Гвинеја, Кенија и со други земји. Тие се одраз на визијата на Трамп за меѓународен развој, заснована на принципот „Америка на прво место“, додека Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД), основана во времето на Кенеди, ја третираше помошта како израз на добра волја и „мека моќ“, а сега од неа се очекува да донесе конкретна економска корист.
Сепак, би било погрешно да се претпостави дека африканските преговарачи едноставно ќе ги прифатат условите што им се наметнуваат. Во последните години, сè почести се барањата огромното минерално богатство на континентот да не се извезува, како што е случајот денес, во 96 отсто необработена форма, туку да послужи како основа за индустриски развој што би им овозможил на овие земји да тргнат по патот кон одржлив раст.
Според Ден Форд од институтот „Квинси“, за одговорно државно управување со седиште во Вашингтон, многу е значајно што договорите со САД се појавуваат во момент кога земји како Зимбабве, ДР Конго и сосема неодамна Гана воведоа прописи со кои се забранува извоз на необработена руда. Овие потези покажуваат дека африканските влади заземаат сè поодлучен став во настојувањето да ги обезбедат најдобрите форми на странски инвестиции, вели Форд.
– САД можеби се водени од ривалството меѓу големите сили и чувството дека треба да ја стигнат Кина, која одамна е етаблиран играч во секторот за минерални суровини во Африка. Но африканските нации сега преземаат многу поголема иницијатива во барањето локални придобивки отколку што го правеа тоа во минатото – вели тој.
Во ДР Конго, земја за која се смета дека има најдобро воспоставен и најсеопфатен договор за минерални суровини, комитетот предводен од Конгоанци, всушност, прави список на рударски локалитети каде што американските инвестиции се најпосакувани, вели Форд. Ова е јасен пример за тоа како земјите приматели ги диктираат условите во многу поголема мера отколку што тоа било случај во минатото.
Според извештаите, тековните преговори за договорот со Кенија се фокусирани конкретно на воспоставување рафинерии и постројки за преработка. Висок американски функционер, исто така, изјави дека Вашингтон е подготвен да ѝ помогне на Кенија во развојот на нејзината домашна индустрија за преработка на минерални суровини.
Бритиш Робинсон, раководител за Африка во економскиот аналитички центар „Милкен институт“, кој се залага за пазарна економија, смета дека договорите за минерални суровини најавени од претседателот Трамп претставуваат позитивен премин од модел заснован на помош, кон модел заснован на реални, одржливи деловни партнерства.
– Почнуваме да ги гледаме африканските земји како рамноправни партнери, а тоа е исклучително позитивен развој на настаните. Африка не е случај за хуманитарна помош. Ова се токму оние видови договори што Африка ги посакува – вели таа во разговор за „Индипендент“ за време на неодамнешниот самит во Лондон, организиран од Африканската асоцијација за приватен капитал (AВЦA).
Робинсон, која работела на голем број развојни позиции за време на претходните американски претседатели – вклучително и водење на напорите во ерата на Џо Бајден за зајакнување на трговските и инвестициските врски меѓу САД и африканските земји, како и во програмата на Џорџ В. Буш, „Претседателски итен план за помош при СИДА (ПЕПФАР)“, ја опишува сегашната состојба под водство на Трамп како „исклучително возбудлива“.
Што се однесува до конкретното прашање како Африка би можела да ја задржи вредноста на минералите во рамките на сопствените економии, наместо само да извезува руда, Робинсон сугерира дека клучот лежи во развојот на инфраструктурата.
– Не можете да вршите преработка или производство ако немате патишта, вода или електрична енергија… не станува збор за еден или за друг поединечен елемент, туку за севкупниот екосистем од можности за инвестирање – вели таа.
Сепак, не се сите убедени дека развојот на таков екосистем ќе биде едноставен.
– Рударските компании не можат сами да ја обезбедат сета инфраструктура потребна за реализација на овие проекти; сè уште постојат огромни празнини, особено во однос на енергетското снабдување. Треба да се има предвид и дека преработката на минерали често е дејност што носи големи загуби – вели Бородина од организацијата ОДИ.
– На крајот на краиштата, интересот на Трамп е да обезбеди материјали неопходни за американското производство и да ја намали зависноста од Кина, а не толку да отвора работни места во Африка. Мислам дека, засега, останува да видиме дали многу од овие ветени проекти во Африка навистина ќе заживеат – додава таа.
За африканските земји, кои веќе се навикнати ветувањата за партнерство да останат неисполнети, предизвикот ќе биде како американскиот глад за минерали да се претвори во вистински пат кон индустријализацијата – можност што долго време им била ускратувана.
































