Пиарот не оди во продавница или на пазар

И, што правиме сега, кога се виде дека сонцето сепак не блеска толку силно во земјава наша, чие име сѐ помалку го спомнуваме. Ќе бегаме или ќе се предаваме, како што велеше еден стар виц. Се разбира, ни едното ни другото. Ние не би биле Македонци ако не го врвиме потешкиот пат. Ама, сепак, учени сме да го изврвиме. Можеби ќе биде најсилното – болно, но најважно е дека има решение, ние сите го гледаме, а политичарите не?! Почнувам да се сомневам дека нашиве политичари воопшто живеат во Македонија, да не речам во оваа земја. Затоа што ми изгледа неверојатно дека воопшто не ги забележуваат погледите на надеж на нашите сограѓани вперени кон нив, но и загрижените ликови што се мачат да преживеат од први до први. Влегуваат ли воопшто политичарите во продавница или на пазар да видат како цените растат буквално од ден на ден…

Зад нас е уште еден празник, Денот на независноста. Го одбележавме како што го одбележавме, за сите да можат да најдат забелешки и за да имаат што да пишуваат. Едните, оние што демек не се блиски до опозицијата, се нафрлија со обвинувања дека власта недостоинствено го одбележала големиот датум, на несоодветен начин и на локација што не била во согласност со големината на поводот. Се разбира, ова е само дел од рафалните истрели на надобудните пишувачи, на кои, исто така се разбира, не им останаа должни ниту нивните колеги од спротивниот табор. Па така, некои други исто така надобудни пишувачи се нафрлија дека опозицијата ја бојкотирала прославата, дека правела паралелни прослави, дека лидерот нивни „си ја отпеал песната“ и сѐ така, ред по ред.
А народот наш, среде економска, енергетска, па богами и незавршена здравствена криза, си наоѓа евтина забава во читањето на сите овие писанија. Станавме земја на сеирџии, на набљудувачи, на „пазачи“, како што едно време ги нарекуваа луѓето што шетаа ноќе низ Градскиот парк, чекајќи некој автомобил да застане, за да можат да ги набљудуваат патниците внатре, кои би помислиле дека нашле скриено катче во градот каде што никој не може да ги види. Е, токму такви пазачи сме станале, кои уште нерасонети се фокусираат на мобилните телефони или компјутерите за да видат некоја нова афера, некој нов скандал. Не може да ни побегне ништо. Вестите ги ловиме во лет, а потоа, оние што се поербап, веднаш ги споделуваат со свој коментар на социјалните мрежи. И тоа е дополнителна забава за народецов наш. Затоа што се создава „додадена вредност“, па почнува дополнителна „војна“ во која се докажува од едниот табор кон другиот кој подобро ја спакувал дадената тема. Или попрецизно, кој успеал подобро да го оцрни опонентот.
И така фино, екипите си работат, народот си најде духовна храна, а вистинските проблеми демнат од сите страни. Да не испадне дека јас сум песимист или сакам да го плашам народот, јас не го реков тоа. Јас само се повикувам на зборовите на нашите највисоки државни и владини претставници дека нѐ очекува најтешката зима. Тоа значи дека навистина нѐ очекува тешка, мачна и долга зима. Ниту јас, ниту пак некој друг во земјава може да се сомнева во тоа.

Додуша, истото ова, дека нѐ очекува најтешката зима во поблиската историја, уште пред неколку месеци го зборуваа речиси сите светски лидери, но и првите луѓе на нашите соседни држави. Тие тогаш упорно го повторуваа истото, барајќи разбирање од своите сонародници, апелирајќи на солидарност, трпение, соработка на сите фактори.
За тоа време ние си мислевме дека кризата ќе нѐ одмине. Имавме цврст аргумент за тоа – никој од нашите водачи не спомна ништо такво. Во нивните говори можеше да се слушне само за успеси, за рекорди, за блескање. Сѐ до некни, кога изгледа работите дојдоа до точката од која нема враќање.
И, што правиме сега, кога се виде дека сонцето сепак не блеска толку силно во земјава наша, чие име сѐ помалку го спомнуваме. Ќе бегаме или ќе се предаваме, како што велеше еден стар виц.

Се разбира, ни едното ни другото. Ние не би биле Македонци ако не го врвиме потешкиот пат. Ама, сепак, учени сме да го изврвиме. Можеби ќе биде најсилно болно, но најважно е дека има решение, ние сите го гледаме, а политичарите не?!
Почнувам да се сомневам дека нашиве политичари воопшто живеат во Македонија, да не речам во оваа земја. Затоа што ми изгледа неверојатно дека воопшто не ги забележуваат погледите на надеж на нашите сограѓани вперени кон нив, но и загрижените ликови што се мачат да преживеат од први до први. Влегуваат ли воопшто политичарите во продавница или на пазар да видат како цените растат буквално од ден на ден…
Може вака да набројуваме до бескрај. Но попусто. Ќе си останеме замислени и со празни џебови. Во меѓувреме, ќе го вртиме низ глава прашањето – ќе се најде ли некој лидер што ќе го пресече овој Гордиев јазол во кој се заплеткуваме сѐ повеќе и поцврсто. Ќе земе ли некој да сработи нешто надвор од наметнатите стеги и уцени однадвор? Можеби треба да го преформулирам прашањето во констатација: дајте да работиме сите заедно, наместо да градиме пиар-држава на пиар-партии и пиар-политичари, водени од пиарот на Брисел.