Значајните неискористени климатски и здравствени придобивки од зголемената употреба на велосипед укажуваат на итна потреба да се промовира одржлива употреба на велосипеди, пренесува Шарлот Елтон за „Јуроњуз“

Со велосипед до почист воздух

Една нова студија на Универзитетот во Јужна Данска, објавена од списанието „Комјуникејшнс ерт енд енвајормент“, ги повика луѓето почесто да ги користат велосипедите како што е праксата во Холандија. Холанѓаните возат велосипед во просек по 2,6 километри секој ден. Ако овој модел се повтори во светот, според студијата, годишните светски емисии на јаглерод би се намалиле за 686 милиони тони. Оваа голема бројка го надминува вкупните јаглеродни емисии на повеќето земји, вклучувајќи ги Велика Британија, Канада, Саудиска Арабија и Австралија. Авторите на студијата заклучуваат дека значајните неискористени климатски и здравствени придобивки од зголемената употреба на велосипед укажуваат на итна потреба да се промовира одржлива употреба на велосипеди.

Еколошки и здравствени придобивки од возењето велосипед

Има многу причини зошто возењето велосипед има придобивки. На индивидуално ниво, тоа е одличен начин за одржување на здравјето и физичката кондиција, спречувајќи ги хроничните болести поврзани со седентарен начин на живот. Луѓето што одат на работа со велосипед имаат 45 отсто помал ризик од развој на рак и 46 отсто помал ризик од кардиоваскуларни болести.
Покрај здравјето, возењето велосипед не ја загадува животната средина. Транспортниот сектор сочинува четвртина од светските емисии на стакленички гасови поврзани со горивата, а половина доаѓаат од приватни возила, вклучувајќи патнички автомобили и камиони. Автомобилите придонесуваат и за загадувањето на воздухот, особено со отровни хемикалии и гасови. Според британската климатска организација „Хабаб“, 50 отсто од движењата што човекот секојдневно ги прави се помалку од 3,2 километри, што значи дека тие би можеле да се заменат за возење велосипед.

Колку луѓе возат велосипед низ светот?

Според новата студија, производството на велосипеди се зголемило во последните 60 години. Во 2015 година беа произведени 123 милиони велосипеди, што е повеќе од 20,7 милиони велосипеди во 1962 година. Но тоа не значи дека повеќе луѓе возат велосипед како дел од светското население. Патувањата со велосипед сочинуваат само пет отсто од дневните патувања низ светот.
Авторите на студијата признаваат дека секој не живее во место погодно за велосипеди, но повикуваат на „итно“ проширување на велосипедската инфраструктура низ светот. Тие пишуваат дека лекциите научени од успешните искуства во земји како Данска и Холандија, особено на градско ниво како Копенхаген и Амстердам, би биле од суштинско значење. Тие вклучуваат, но не се ограничени на правилно планирање и изградба на велосипедски патеки, професионално образование и култура, како и политики за намалување на употребата на автомобили преку данок.