Париз и не е толку далеку ако сакаме да го видиме

И додека сме сведоци како земјите-членки на ЕУ, како Франција, Унгарија, Словачка, Полска… со сите средства и начини ги штитат своите национални интереси и идентитет, за жал, на домашен терен не можеме да посведочиме за некој таков исчекор

Првите денови во новата година, кога најголемиот број граѓани сѐ уште не беа „отрезнети“ од новогодишниот мамурлак, од Софија стигнаа нови предлози како да се реши спорот меѓу Македонија и Бугарија, со што конечно би ги почнале преговорите за ЕУ. Најнапред се огласи лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, кој покрај до Македонија предлогот (или поточно уцените) го упати и до бугарските партнери во ЕУ и до САД. Од САД, Трифонов побара, ако толку сакаат земјава да ги почне преговорите, тогаш прво да им ги укине визите на Бугарите, а од ЕУ побара Бугарија да влезе во шенген-зоната?! Ова е само уште еден пример во низата бугарски уцени, пазарења и политичко профитерство на грбот и на штета на Македонија.
Набргу потоа, повторно од Софија, но овој пат од коалициските партнери на Трифонов, излегоа малку поинакви предлози. Потпретседателот на бугарското собрание и поранешен министер за надворешни работи, Кристијан Вигенин, наводно загрижен за македонските евроинтеграции дури изјави дека членството на Македонија во ЕУ е (нај)важно прашање за Бугарија, многу поважно отколку за Македонија?! Уште еден пример на празно лицемерство. Ако им е толку важно членството на Македонија во ЕУ, зошто не ја тргнат веднаш блокадата и не престанат со уцените и примитивизмот.
Во изминатите три децении од македонската независност, Македонија направи многубројни отстапки под надворешен притисок. Македонија најпрво го смени знамето, па од Република Македонија стана ФИРОМ, па подоцна за да го реши спорот со Грција го смени Уставот, па по потпишувањето на Преспанскиот договор се преименува во Северна Република Македонија… Но и тоа изгледа не беше доволно за Брисел да ѝ дозволи на Македонија почеток на преговорите за зачленување во ЕУ.
Треба ли посебно да се потсетуваме дека иако заедно со Словенија, Македонија од Роберт Бадинтер уште во 2011 година беше оценета како земја што е најблиску до ЕУ, многу понапред и од Хрватска, Црна Гора, Србија, веќе 15 години постојано добива позитивни препораки за почеток на преговорите, но сепак засега и натаму никако да ги почне преговорите. Очигледно, веќе видена приказна што циклично се повторува со најразлични образложенија.

Речиси истиот ден кога од Бугарија кон Македонија, но и НАТО, ЕУ и САД, беа испорачани најновите услови за откочување на преговорите за членство во Унијата, од Франција, една од основачите на Европската Унија, стигнаа јасни сигнали и правила за тоа како оваа земја ќе се однесува во периодот додека претседава со ЕУ.
На самиот почеток од своето претседавање со Европската Унија, Франција го отстрани знамето на ЕУ од пред Триумфалната капија, со образложение дека со неговото истакнување се загрозуваат францускиот идентитет и посебност. Претходно од Париз до земјите-членки на ЕУ стигна предупредување дека Франција додека претседава со ЕУ цврсто и енергично ќе застане во одбрана на францускиот јазик, нагласувајќи дека ако пристигне писмо од Европската комисија на англиски јазик, тоа ќе остане без одговор.
Кога веќе зборуваме за заштита на националните интереси, треба ли да потсетиме дека Чешка и Словачка минатата година ги блокираа заклучоците на Советот на ЕУ затоа што беше загрозена нивната историја, Полска застана во одбрана на домашното правосудство, повеќето земји ги воспоставија одново границите во шенген-зоната кога проценија дека пандемијата е закана за нивната национална безбедност…Најдалеку отиде Велика Британија, која ја напушти ЕУ затоа што почувствува дека е под удар нејзиниот суверенитет.
И додека сме сведоци како земјите-членки на ЕУ, како Франција, Унгарија, Словачка, Полска, па и Бугарија со сите средства и начини ги штитат своите национални интереси и идентитет, за жал, на домашен терен не можеме да посведочиме за некој таков исчекор.
Македонските политичари во изминатите 30 години од независноста како да не научија како да ги штитат интересите на македонската држава и народ. А како поинаку да се протолкува постојаното подлегнување под притисоците на соседите или моќниците од Брисел, кога станува збор за нашите евроинтеграции. Наместо изградена и утврдена стратегија во ставовите кон надвор, ние бевме сведоци на бесконечни и на моменти бесмислени меѓупартиски расправии, кои во суштина ништо не менуваа, туку беа најобична завеса од чад, зад која се затскриваше немоќта да се демонстрираат одлучност и цврстина во одбрана на националните интереси. Македонските политичари никако и по три децении како да не сфатија дека зачленувањето на Македонија во ЕУ не е партиско прашање, туку прашање од највисок државен интерес. Евроинтеграциите не се проблем ни на СДСМ, ни на ВМРО-ДПМНЕ, ни на ЛДП, ДУИ… Тоа прашање ги засегнува и ги допира чувствата на сите граѓани на Македонија.

Крајно време е македонските политичари да сфатат дека од решавањето на проблемот со претходно Грција, а сега Бугарија, никој не може да излезе како победник во меѓупартиското надмудрување. Напротив, на овој или оној начин сите сме губитници бидејќи исполнувањето на кој било услов и уцена што ни ги поставуваат соседите или европските ментори допира до идентитетските и националните чувства, на сите граѓани и предизвикува очај, гнев и фрустрации.
Затоа крајно време е наместо собирање евтини политички поени и на секои шест месеци да се шири лажен оптимизам дека Македонија ќе ги почне преговорите, конечно македонските политичари да ги надминат суетите и да ги утврдат позициите на државата во однос на целосна заштита на идентитетските обележја, јазикот, историјата итн., кои ќе се почитуваат без разлика која партија или коалиција е на власт. Кога станува збор за идентитетот и јазикот на македонскиот народ и држава нема простор за никакви компромиси, ниту пак отстапки. Впрочем тоа е и европска лекција што на најдобар начин ни ја демонстрираа и Франција и другите членки на ЕУ, кои цврсто ги бранат своите позиции и не отстапуваат ниту милиметар од нив. Затоа во духот на насловот на текстот, Париз, Лондон, Прага, Варшава и други европски метрополи може јасно да се видат и од Македонија, само треба широко да се отворат очите и зениците. И, секако, да се следи нивниот европски пример за тоа како се чуваат и бранат сопствените идентитетски обележја.