Театарот и филмот во последно време стануваат сѐ поблиски во својот израз. Филмот сѐ повеќе почнува да си игра со некој нестандарден филмски јазик така што понекогаш заличува на театар, а во театарот сѐ повеќе почнува да се користи мултимедија и глумците да играат интимно/документарно, како и на филм, вели Климоска

Сара Климоска, актерка

Сара Климоска е една од актерките што ја обележаа минатата година во македонската филмска индустрија. Последен во низата успеси е филмот „Нема да бидеш сама“ во режија на Горан Столевски, кој влезе во официјалната програма на светската конкуренција на фестивалот на независен филм „Санденс“. Климоска играше и во краткиот „Види ја ти неа“ на Столевски, кој беше промовиран во 2017 година и ја освои наградата за најдобар интернационален краток филм на фестивалот „Санденс“. Лани беше избрана и за едно од десетте европски откритија „Европски ѕвезди во подем 2021“ на Европската филмска промоција, која се одржува во рамките на Меѓународниот филмски фестивал во Берлин

Како ја примивте веста дека филмот „Нема да бидеш сама“ е во конкуренција на престижниот „Санденс“?
– Морам да признаам дека малку очекувана ми беше веста поради потенцијалот што одамна сум го видела во Горан Столевски. Горан е еден многу интересен, креативен и многу паметен режисер, кој на многу едноставен и ненаметлив начин ги прави своите ремек-дела. Огромна ми беше честа повторно да соработувам со него на неговиот прв долгометражен филм, заедно и со прекрасни глумци од цела Европа, како: Нооми Рипејс, Анамарија Маринка, Феликс Марито, Елис Енглерт и Карлото Кота.
Наградата „ѕвезда во подем“ лани отклучи многу врати за вас. Какви сѐ можности ви се отворија и на што најмногу го припишувате сопствениот успех?
– Наградата „ѕвезда во подем“ за мене имаше огромно значење и поради признанието на досегашната работа и отворањето некои врати за можни соработки во иднина. Самиот статус на „ѕвезда во подем“ дава поголема видливост на европско ниво и предизвикува поголема заинтересираност кај европските режисери и кастинг-директори. Мојот успех најмногу го припишувам на огромната желба за работа, сериозниот пристап и посветеност и на среќните околности во кои се најдов.
„Лена и Владимир“, „Преекспонирано“, „Нема да бидеш сама“, „Види ја ти неа“, „Врба“, „Кајмак“… се само некои од филмовите на кои работевте.
Што одигра најсилна улога во изградбата на вашето актерско име?
– Сум имала среќа да соработувам со прекрасни режисери, актери и многу посветена филмска екипа, па соработката со нив навистина ми помогнала да научам многу и да созреам како актерка. Секој нов проект го доживувам како нов почеток и нов предизвик. Пристапувам кон него како да ми е прв и ме радува како да ми е прв.
Кои се вашите ангажмани во театарот?
– Почетоците на театарската работа ги имам со режисерката Милиана Ленак, со која имав многу различни и креативни процеси што доста се разликуваат од класичниот театар од секој аспект. Работевме детски претстави инспирирани од децата мигранти што поминуваа низ нашата земја. Со нив имавме работилници и од таму произлегуваше и содржината на претставите. А и од работилниците, се раѓаше пријателство меѓу децата од кампот и децата од основните училишта во Скопје. Милијана беше една многу лудо креативна и необична режисерка и можам да кажам дека навистина ми недостигаат нејзиното присуство и работата со неа. Потоа соработував со Драгана Милошевска, во Театарот за деца и младинци, на една за мене многу драга претстава „Снежната кралица“. А во последните години, работев со Нела Витошевиќ на две претстави – „Мојот маж“ и „Работи за кои не зборуваме“. Претставите сѐ уште се играат во Драмскиот театар и во МНТ, така што, не би кажала ништо за нив бидејќи можат сѐ уште да се погледнат, тие сами зборуваат за себе. Кога интуитивно го напишав овој одговор, сфатив дека театарските претстави што ми се најдраги се режирани од жени режисери и тоа во моментов ме израдува.
Театар или филм?
– И двете. Театарот и филмот во последно време стануваат сѐ поблиски во својот израз. Филмот сѐ повеќе почнува да си игра со некој нестандарден филмски јазик така што понекогаш заличува на театар, а во театарот сѐ повеќе почнува да се користи мултимедија и глумците да играат интимно/документарно, како и на филм. Кога одредено време повеќе работам на филм, имам потреба и за некоја театарска претстава и обратно.
Кога станува збор за театарски претстави, последно бевте ангажирана на „Работи за кои не зборуваме“…
– „Работи за кои не зборуваме“ е една многу уникатна претстава што секој треба да дојде и да ја погледне. Претставата е комплетно документарна, исполнета со анонимни вистинити приказни од луѓе, наши лични монолози на актерите и извадоци од весници. Тој процес беше посебен бидејќи тргнавме од нула и самите анонимни приказни што ги добивавме нѐ водеа каде ќе се развива таа претстава. Документарниот театар и филм сѐ повеќе се поле на интерес и во светот, па и кај нас бидејќи нудат една сурова вистинитост во која луѓето лесно се препознаваат.
Театарот е огледало, остар одраз на општеството. Каква рефлексија дава театарот на нашето општество?
– Во нашата земја независниот театар се развива во вистинска насока баш поради фактот што генерално се занимава со теми за кои многу е важно да се зборува. Тука би ги издвоила и „Вондерленд театар“ и „Артопија“. Националниот театар, зависен од политиката на самото раководство, не може во целост да си ја дозволи слободата на активна критика што му е потребна на нашето општество. Во последните две години, откако почна пандемијата, па до денес, дури гледаме дека постојат национални театри што не направиле ниту една претстава. Тука се прашувам, колкава е вистинската потреба на луѓето во театарот да создаваат театар и покрај несигурната и неизвесна реалност во која моментално сите живееме.
На што ја предизвикувате 2022 година?
– Искрено, се надевам дека во 2022 ќе ја вратиме слободата што ја имавме пред да почне пандемијата и се надевам дека и ќе работам, а и ќе гледам филмови и театарски претстави што поместуваат граници и отвораат прашања.