Од генерација на генерација, народните приказни и бајките се пренесуваат од колено на колено, не само како форма на забава туку и како инспирација, животни лекции и културно наследство. Многу бајки и романи за деца (но и за возрасни) се стари неколку стотици години, но тие се исто толку важни и денес како и тогаш, поради лекциите што допираат до сржта на нашите суштества. Различни херои од овие дела се бесмртни, благодарение на нивната застапеност во другите уметности, како музиката, филмот, театарот, сликарството и скулптурата, па во оваа пригода издвојуваме шест прекрасни статуи базирани на бајки и романи за деца.

„Малата сирена“, Копенхаген
Сместена на шеталиштето Лангелини во Копенхаген, бронзена статуа висока 125 сантиметри седи на карпа покрај морето. Додека тажно гледа кон морето, сирената е во фаза на претворање во девојка. Овој симбол на Копенхаген е заснован на познатата бајка „Малата сирена“ на Ханс Кристијан Андерсен од 1837 година. Статуата преживеала различни форми на вандализам, вклучувајќи го и фактот дека трипати ѝ била отсечена главата, ампутирана десната рака, па дури и била и турната од карпа. За среќа, секојпат е реставрирана и вратена на своето место.

„Петар Пан“, Лондон
Сместена во паркот „Кенсингтон“ во Лондон, бронзената статуа на Петар Пан, магично момче што никогаш не порасна, е сместена на место одредено од Џ.М. Бери, писател и автор на овој планетарно популарен роман за деца. Писателот живеел во близината на паркот, а првата приказна за Петар Пан ја објавил во 1902 година. Градините „Кенсингтон“ го инспирирале, па дури и се споменати во книгата. Статуата ги прикажува Петар, Венди, самовилите и животните.

„Алиса во земјата на чудата“, Њујорк
Веројатно најпопуларната статуа во њујоршкиот „Централ парк“ прикажува група сакани херои од класиката на Луис Керол од 1865 година – вклучувајќи ги Алиса, лудиот шапкар, белиот зајак, чеширската мачка, мачката на Алиса. Статуата е инспирирана од оригиналните илустрации на Џон Тенил, кои беа претставени во првото издание на книгата. Хероината Алиса седи на огромна печурка додека посегнува по часовникот на белиот зајак. Зад нејзиното десно рамо ја гледаме и чеширската мачка. Статуата е висока над три метри, па најчесто можете да ја видите преплавена од посетители.

„Направете место за пајчињата“, Бостон
Оваа серија статуи ја претставува г-ѓа Малард, која ги води нејзините осум пајчиња. Се заснова на популарната детска приказна на Роберт Меклоски, објавена во 1941 година, за патка што решава да ги одведе своите малечки на остров во јавен парк во Бостон и таму да направи дом и да ги чува.

„Бременски музичари“, Бремен
Не постои список на бајки во кои не се вклучени браќата Грим, а оваа статуа потекнува од нивната бајка „Бременски музичари“ за група животни, кои во потрага по слобода ги напуштаат своите сопственици. Успеваат да ги избркаат крадците што окупирале една колиба. Статуата прикажува животни како стојат едни на други на грб, како што правеа во приказната за да ги избркаат криминалците.

„Флејтистот од Хамелн“
Дали знаевте дека Хамелн навистина постои? Малиот германски град стана популарен токму поради оваа бесмртна приказна, која датира од средниот век. Легендата вели дека во 1284 година имало огромна наезда на стаорци. Граѓаните не можеле да се справат со овој напад. Одеднаш се појавува мистериозен човек во шарена облека, кој преку звукот на флејтата успева да ги намами стаорците надвор од градот и ги води до водата каде што сите се удавиле. Бидејќи градоначалникот не сакал да му ја даде ветената сума, флејтистот се одмаздил така што ги хипнотизирал сите деца од градот и ги зел со себе. Нивните родители никогаш повеќе не ги виделе. Денес, посетителите низ целиот Хамелн можат да видат скулптури, логоа и знаци на стаорци и флејтисти.