Париски импресии

Изложбата во „Фондацијата Луј Витон“ претставува уникатен дијалог помеѓу делата на Клод Моне и Џоан Мичел, неговите нежни лилјани наспроти нејзините експлозивни апстракции! Уникатен и безвремен спој! На мое огромно задоволство, деновиве, за време на моето кратко патување во Париз, имав среќа да ја посетам оваа ретка изложба, причинувајќи си сетилно уживање какво што одамна не сум почувствувала

Исклучителна изложба што ја открива изненадувачката поврзаност помеѓу двајца уметници од различни временски периоди, францускиот импресионист Клод Моне и современата американска уметница Џоан Мичел, е отворена во извонредниот галериски простор на „Фондацијата Луј Витон“ во француската престолнина. Изложбата претставува шеесетина дела низ кои се истражува богатиот метафизички дијалог низ времето помеѓу овие двајца, само навидум, неспоиви уметници. Често се зборува за тоа дека со прекинот на традицијата на импресионистите се отворил патот за модерната уметност, но бидејќи уметничките дела на секое движење имаат тенденција да се презентираат во посебни галерии и музеи, ретко имаме шанса самите да ги поврземе точките.
Токму таква е изложбата во „Фондацијата Луј Витон“, која претставува уникатен дијалог помеѓу делата на Моне, еден од најпознатите импресионисти од Париз, и Џоан Мичел, водечка икона на апстрактниот експресионизам, која работи многу децении подоцна во САД. Водените лилјани на Моне во сите можни варијанти наспроти експлозивните колоритни слики на Мичел! Уникатен и безвременски ефект!
Да се биде директен сведок на една ваква ликовна поставка е непроценливо доживување и искуство. На мое огромно задоволство, деновиве, за време на моето кратко патување во Париз, имав среќа да ја посетам оваа ретка изложба, причинувајќи си сетилно уживање какво што одамна не сум почувствувала. Она што ме изненади беа огромните редици за влез во галеријата, очекувани за големите париски музеи како „Лувр“ или „Орсеј“, но не со толкав капацитет за галерија што им е отпат на туристите и не е меѓу топ петте или десет места за посета на градската мапа. Отпосле сфатив дека, всушност, најголем дел од посетителите се домашна публика и дека тоа, всушност, е само мал показател за непресушната жед на парижаните за уметност и култура.
За миг добив горчливо чувство во грлото, потсетувајќи се на најголемиот дел од изложбите во скопските музеи и галерии и на публиката што оди само на отворања, па дури и тогаш во полупразни галерии, без турканици, без редици, без возбуда, без атмосфера, со малку уметници, историчари на уметноста, критичари и малкумина вистински вљубеници во ликовната уметност. Да не зборувам за деновите по отворањето, кога буквално нема жива душа. И тогаш ми текнува дека не беше отсекогаш така. Можеби не е само публиката мрзлива и безволна, туку и ликовната понуда стана главно таква, апатична и нималку возбудлива. Изложби на кои не би се навратиле по неколкупати.

На изложбите во нашите музеи не одам толку често и пасионирано последниве години. И цело време се убедувам дека тоа, најверојатно, е резултат на некоја моја професионална презаситеност да се следи сѐ и сешто на културната сцена, повеќе од две децении. Дека можеби ми е неинтересно затоа што сум го правела премногу и пречесто, понекогаш и само од професионални или колегијални причини, не секогаш од желба. Ама сфаќам дека не е така. Не сум презаситена од уметност и култура, не сум ни мрзлива, ниту пак недоследна. Едноставно, мојата страст за уметност, особено за ликовната, полека спласнувала во недостиг од возбудливи случувања. И тогаш ми текнува како со нетрпение се туркав низ редиците посетители да видам некои од великаните на уметноста: Тони Крег во 1996 г., ретроспективата на „Флуксус“ во 1997 г. и изложбата „Урбанитети“ во 2000 г. со низа значајни имиња: Енди Ворхол, Борис Михаилов, Даглас Гордон, Рикрит Тираванија, Франц Вест, Софи Кал, Габриел Ороско, а подоцна и Хенри Мур, Салвадор Дали, Хана Хех… Во таа изложбена историја би можеле да се вбројат и изложбите на Марк Шагал (1995 г.), Виктор Вазарели (2008 г.) и Салвадор Дали (2009 г.). Или онаа на Марина Абрамовиќ во деведесеттите во Музејот на град Скопје…

За миг добив горчливо чувство во грлото, потсетувајќи се на најголемиот дел од изложбите во скопските музеи и галерии и на публиката што оди само на отворања, па дури и тогаш во полупразни галерии, без турканици, без редици, без возбуда, без атмосфера, со малку уметници, историчари на уметноста, критичари и малкумина вистински вљубеници во ликовната уметност. И дека не беше отсекогаш така…

Оттука, ако на почетокот на колумнава помисливте дека е претерана споредбата помеѓу париската изложба и скопската ситуација, сте се излажале. Амбициозни и големи ликовни изложби сме имале и ние, со одлична атмосфера, многу воздишки, вистинско доживување како во светските метрополи. Ама во отсуството на помасовна туристичка посета, вниманието на и онака малобројната домашна ликовна публика не може да се задржи само со ротација на делата од постојаната поставка еднаш на две-три години или само со домашни автори, кои, да не се разбереме погрешно, треба секако да ги има. Ама, треба и нешто повеќе…
„И покрај тоа што номинално во Македонија има околу педесет музеи, всушност, ниеден од нив никогаш досега не го заслужил целосно називот музеј, мерено дури и со елементарните стандарди“, рече во една пригода историчарот на уметноста Зоран Петровски. Тогаш мислев дека оцената е престрога, дури можеби надмена, ама сѐ повеќе увидувам дека бил комплетно во право. За жал.

П.С. „Моне-Мичел“ е отворена во „Фондацијата Луј Витон“ до 27 февруари 2023 година, па доколку патувате во Париз во овој период, не пропуштајте ја. Вреди да се отпатува дури и специјално за изложбата!