Симона Јованоска, писателка

Симона Јованоска неодамна го објави својот прв роман за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“. Со својот прв роман „Денот на Црвот“ ја освои наградата „Роман на годината“ за 2021 година од Фондацијата „Славко Јаневски“. Во 2015 година ја објави дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“, во издание на „Или-или“. Во 2019 година го доби второто место на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а годинава ја освои првата награда на конкурсот со расказот „Кажи му на кучето“.

Годината ја заокруживте со „Градот Вабу и потрагата на Нави“. Во каков град нѐ носи романот? Каков свет ни открива?
– Станува збор за детски илустриран роман (илустрациите се на Алексеј Костовски), за деца од 5-6 до 9-10 години. Во романот дефилираат најразлични ликови, секој со свои карактеристики, и ја плетат авантурата на момчето Нави и неговиот нов пријател, волшебникот Гам, придружувани од уличното маче Сиви. Романот е повеќеслоен, разигран и полн со фантазија, светот е живописен и шарен, а дејството секогаш помеѓу реалноста, фантазијата и сонот.
Што ве испровоцира да скроите детски роман?
– Мислам дека отсекогаш посакував да напишам книга за деца, доволно интересна и за возрасните, сакав да им дадам момент на заедничко уживање додека минуваат низ страниците. Да се биде дел од најубавите спомени на децата и родителите е чест и задоволство за мене и тоа претставуваше силен поттик во намерата да ја напишам оваа книга.
„Денот на црвот“ е роман во кој секоја страница сама се врти, изобилува со изненадувања, непредвидливо се движат приказните… Како се создаваа ликовите?
– Во мојот пишувачки процес нема правила, понекогаш приказната ги дефинира ликовите, а понекогаш ликовите ја дефинираат приказната. Во „Денот на црвот“ приказната и ликовите се плетеа паралелно, јас се јавувам како гласник помеѓу светот на фантазијата и светот на читателите. Се трудам да останам љубопитна, отворена и без предрасуди кон деталите со кои се карактеризираат луѓето, да ги разберам и да им дадам функција, припишувајќи им ги на своите ликови. На тој начин добивам чувство дека се од „крв и месо“ и дека со нив можат да се идентификуваат речиси сите.
Каква рефлексија на нашето секојдневие/општество се црвот и неговиот црвлив живот?
– Црвот е книжевен антихерој, кој носи лоши вести и невидено олеснување, барем јас го доживувам така. Секојдневно ме изненадува неговата комплексност, сличноста со одредени места, настани и ликови, на отворен и суптилен начин. Сѐ што ќе препознаете во него, претходно веќе сте го виделе некаде, чуле, доживеале или веројатно помислиле, и тоа е во ред. На крајот од краиштата, простата среќа останува да биде ултимативниот „драјв“.

Колку неизвесност има во приказните додека се ткаат? Или го знаете крајот уште на почетокот?
– Речиси никогаш не го знам однапред крајот, а и во случај да го знам, навистина не знам како ќе дојдам до него. Водам сметка да пишувам инстинктивно, да ми е забавно додека создавам, мене да ми се допаѓа напишаното и да ги задоволи, пред сѐ, моите стандарди. Тоа понекогаш знае да биде проблем и да ме заглави, со оглед на тоа што сум најстрог критичар на себеси. Кога не пишувам, фаќам забелешки, размисли, теми на кои подоцна им се навраќам во функција на ликот или приказната. Имам тесен круг на луѓе од доверба што ја имаат честа да читаат пред да објавам и отворено ги прифаќам добронамерните сугестии.
Дали навистина ексклузивноста во срцето е преценета, како што размислува Давид за својата Вида?
– Ексклузивноста во срцата е резултат на лични избори, а јас ги почитувам нив. Секој човек, свесно или несвесно, живее во согласност со своите принципи и верувања и сѐ додека е задоволен од сопствените избори е во ред. Ние, во секој случај, сме суетни битија и голем дел од нашиот идентитет го градиме врз основа на вниманието што го добиваме, па за некого ексклузивноста се подразбира. Како и да е, потрагата по одговори секогаш поаѓа од прашање, и тоа е еднакво важно во пишувањето, да знаеш да ги поставиш вистинските прашања.
Ако Артур Лери со јога ги средува мислите, со што ги средува Симона?
– Вежбам трипати неделно во вежбалница и најодговорно тврдам дека вежбањето е лек за телото, мислите и духот. Генијално е! Постојано си во болка, но е некако убаво, имаш енергија, ти се чисти кожата, јадеш здраво, телото ти благодари за секој момент агонија. Исто така слушам музика, гледам серии, си играм со децата, се дружам, одам во родниот град за викенд да си ги видам моите и пијам кафе со стари другари.
Романот е полн со интригантни мисли, силни реченици, богат вокабулар, непрочитани компарации… Што одигра најсилно влијание на вас како писателка?
– Во различни фази од животот сум читала различни автори и авторки. Од лектирите во училиште, па до подоцнежните години, кога сум се водела од лични впечатоци, како и од препораки на луѓе од доверба. Од сестрите Бронте во тинејџерските години до Ниче, Кафка, Фројд, Ками, Хесе и Достоевски во првите години на сомнежот и потрагата по идентитет, па до генијалните Пељевин, Кортасар, Хармс, Маркез, Музил, Фаулс и многу други денес. Дополнително, се инспирирам од сите форми на уметноста, особено од музиката, која е моја прва љубов, филмови, серии, драми, ликовни дела, спорт, како и од секојдневното опкружување како еден вечен и непресушен извор на идеи.
Каква надеж сакате да им поттикнете на читателите преку вашиот ракопис?
– Сакам да верувам дека кога човек има здравје и кога е стрвен за нешто, може да помине низ сѐ и сешто. Животот не би имал никаква смисла доколку секој нов ден го дочекуваме со очај, а не со верување дека ќе биде, дека мора да биде подобро. Мислам дека здравата надеж, иако вродена, е непостојана, понекогаш ја има, понекогаш ја снемува, за повторно да се врати и да нѐ „излечи“ водејќи нѐ напред, каде и да е тоа. Не сум сигурна дали оваа книга има цел некому да му даде надеж или само да го поттурне понатаму, но, во секој случај, во неа е опишан животот каков што е и каков што вреди да се живее.