Фото: Емил Јовановиќ

На македонските листи водечки се ВМ Кирил Георгиев (прв и пред една година) и ЖФМ Весна Секуловска (не фигурираше на листата во јануари лани)

ШАХ – СПОРЕДБЕНА РАНГ-ЛИСТА НА ФИДЕ ЗА ЈАНУАРИ ЛАНИ И СЕГА

Актуелниот светски првак во класичен, забрзан и во брз шах, Магнус Карлсен од Норвешка во машка и Јифан Хоу од Кина во женска конкуренција и понатаму се неприкосновени на врвот на јануарската рејтинг-листа на Светската шаховска федерација (ФИДЕ). Тие беа на првите места и пред една година, но и двајцата со намален рејтинг, Карлсен за осум (2.859), а Хоу за 20 поени (2.638).
Претендентот за светски првак, Кинезот Динг Лирен во однос на 2022 година се искачи од третото на второто место (рејтинг 2.811), со плус 12 поени, а Русинот Јан Непомнијашчи од третото сега е на петтото место, но го зголеми рејтингот за 20 поени (2.793).
На листата со првите 100 шахисти, во овој период најмногу поени освоија Русинот Санан Сјугиров (2.712), кој од 58-то скокна на 31-то место, и Германецот Винсент Кејмер (2.696), кој од 74-то место се искачи на 43-то место, и двајцата со плус 32 поена. Кај шахистките најмногу поени во јануари во однос на истиот месец во 2022 година освои Моника Сочко од Полска (плус 57) и од 62-то се искачи на 27-то место (2.450).

Велемајсторот (ВМ) Кирил Георгиев (рејтинг 2.564 поени) и понатаму води на македонската рејтинг-листа на ФИДЕ за јануари 2023 година, а следуваат ВМ Никола Митков (2.514), ВМ Трајко Недев (2.475), ИМ Филип Панчевски (2.473), ВМ Владимир Георгиев (2.452). Оваа четворка ги задржаа своите позиции во однос на 2022 година, со тоа што сите загубија рејтинг-поени. Најмногу поени освои Леонид Петрески (плус 279) и од 96-то сега е на 52-то место.
Кај Македонките, освен на врвот, нема промени меѓу првите пет, со тоа што сите загубија поени, освен водечката Секуловска, која не фигурираше на листата во јануари лани. Најмногу поени освои Моника Жежовска (плус 260) и од 16-то сега на 15-то место.
Македонија, мажи, е 55-та (просечен рејтинг на првите 10 играчи е 2.442 поени), а пред една година била 52. (2.472), додека Македонија, жени, е 58. (1.936), а лани била 55-та (1.944), меѓу 200 држави. Во светот во 2022 година, кај мажите прва била Русија (2.729), пред САД (2.716) и Кина (2.698), а сега водат САД (2.727), пред Русија (2.711) и Индија (2.694). Кај жените, пак, во 2022-та водечка била Русија (2.470), пред Кина (2.468) и Индија (2.412), а сега води Кина (2.476), пред Русија (2.454) и Грузија (2.412). Г.И.


Норвежанецот третпат ги обедини трите светски титули

Норвешкиот велемајстор и актуелен светски првак во класичен шах, Магнус Карлсен, со триумфот на Светското првенство (СП) во забрзан шах (време за размислување 15 минути плус 10 секунди по секој одигран потег по играч), славеше и на Мундијалот во брз шах (три минути плус две секунди), кој се одржа во казахстанскиот град Алмати. Со тоа тој направи своевиден подвиг. Нему третпат му успеа да ги обедини истовремено трите светски титули. Првиот пат тоа беше во 2014 година во Дубаи, вториот пат во 2019 во Москва и сега во Алмати. Карлсен истовремено е петкратен светски првак во класичен шах (2013, 2014, 2016, 2018, 2021). Во 2014 година тој успеал во една година да ги освои сите три титули во класичен, забрзан и во брз шах. Карлсен реши веќе да не ја брани титулата во класичен шах, така што од годинава тој повеќе нема да биде светски првак.