Давор Стојановски наш кандидат за книжевната награда „Балканика“

Книгата „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од писателот Давор Стојановски победи на конкурсот за избор на национален претставник за меѓународната награда „Балканика“. До организаторот, издавачката куќа „Магор“, пристигнаа 13 книги, а комисијата во состав: Јордан Плевнеш, претседател, Александар Прокопиев, член, и Јовица Тасевски-Етернијан, член, во најтесен избор ги избра следните три дела: „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, „Најосаменото место“ од Симеон Јанков и „Естом“ од Николина Андова Шопова.
Националниот претставник ќе влезе во трката за меѓународната книжевна награда „Балканика“ во првата половина на 2023 година, кога поради пречката со глобалната пандемија ќе се одржат жирирање и доделување награди за последните три години во рамките на една манифестација, во согласност со консензуалниот договор помеѓу националните организатори од сите седум држави-членки на фондацијата „Балканика“.
– Романот на Давор Стојановски, „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“, влегува суверено во македонската романескна стварност со поетичка енергија што го разорува класичното време на нарацијата. Неговата современост е негова безвременост и затоа читателот ја чувствува таа силна дислокација што овој роман му ја приредува да не знае каде се наоѓа додека го чита: на Балканот, во Европа или во никогаш невидените предели на сите меридијани каде што секој од нас може да се најде со фаталната слика на скаменетите ликови од вулканот во Помпеја, сфаќајќи дека и целата планета се претвора во опасна зона на политичкиот, нуклеарниот, социјалниот и еколошки терор и дека античката етимологија на зборот Planetos или осамен човек, може во секој миг низ природните стихии да нѐ пренесе во беззаконието на вечноста, во која не се знае зошто сме дојдени на овој свет и каде заминуваме – се вели во одлуката на жирито.
Досегашни добитници на наградата од Македонија се Венко Андоновски со „Папокот на светот“ и Александар Прокопиев со „Човечулец“. Манифестацијата „Балканика“, најверојатно, ќе се одржи во Софија, Бугарија, напролет или онлајн, ако не постојат услови за физичко собирање на меѓународната комисија, авторите и издавачите. Наградата ќе биде доделена од меѓународна комисија од седум члена, со по еден претставник од секоја од државите-членки, а претседател на жирито е професорот Ендрју Вахтел од САД.