Нов модел за функционална држава

Деценискиот проблем што не беше решаван, на крајот резултира со исклучително непродуктивно Собрание, парламентарната дебата падна под секакво пристојно ниво, а интересите на државата и на граѓаните едноставно беа запоставени. Последните години собраниските седници се претворија во вистинско измачување и изживување врз демократијата, а сето тоа резултира со општо незадоволство кај македонските граѓани, кои почнаа да го искажуваат револтот на тој начин што во сè помал број излегуваат на избори. Токму затоа крајно време е за нов изборен модел

Повторно, којзнае по кој пат, се отвори дебата за промената на изборниот модел во земјава, поточно напуштањето на изборниот модел со шест изборни единици и воведување на моделот на една изборна единица со отворени листи.

И додека постојано овие дебати се отвораа буквално таканаречено во пет до 12 пред секои избори, логичниот заклучок на крајот беше дека нема доволно време да се прават какви било измени на изборниот модел и промените се оставаа за следниот изборен циклус. И така во недоглед. Деценискиот проблем што не беше решаван, на крајот резултира со исклучително непродуктивно Собрание, парламентарната дебата падна под секакво пристојно ниво, а интересите на државата и на граѓаните едноставно беа запоставени.

Последните години собраниските седници се претворија во вистинско измачување и изживување врз демократијата, а сето тоа резултира со општо незадоволство кај македонските граѓани, кои почнаа да го искажуваат револтот на тој начин што во сè помал број излегуваат на избори. Тоа е особено евидентно последните неколку изборни циклуси, кога последователно се забележува пад на одзивот.

Сето ова говори дека граѓаните не се задоволни од бипартизмот на политичката сцена и бараат нивната волја да биде вистински претставена и почитувана и во законодавниот дом. Токму затоа крајно време е за нов изборен модел што ќе го прифатат сите партии и што ќе биде вистински израз на волјата на граѓаните, а не на партиските лидери.

Македонија зачекори во четвртата деценија од независноста и помина доволно време за да се постават некои работи на здрави темели, како што е изборниот модел и тоа да остане во следните децении, а зошто не и подолго. Англија го има дефинирано изборниот модел уште пред 400 години и тоа опстојува и денес, бидејќи тамошните граѓани сметаат дека на тој начин најдобро се претставени нивните барања. И други постари демократии воспоставиле соодветен изборен модел на кој никој нема забелешки, партиите ги знаат правилата на игра, а гласачите се сигурни дека нивниот глас оди за оној што го дале, а не пропаѓа или, пак, не завршува на контото на друг кандидат.

Затоа сега е вистинско време и кај нас да се направи една таква конечна промена на изборниот модел со консензус на сите партии. Поголемите партии мора да разберат дека немаат никаков ексклузивитет во политиката и мора да дозволат фер натпревар за сите, па кој ја добие довербата на граѓаните, тој да владее. Така ќе се види реалната сила на партиите, но истовремено ќе се избегнат и оние преобемни коалиции од по 50 и кусур партии. Покрај тоа, ќе се отвори можност во Собранието да добијат пратеници и разни граѓански иницијативи, кои очигледно низ Европа стануваат сè попопуларни кај гласачите бидејќи и таму има заситеност од политичката понуда на партиите, па секогаш се бараат нови луѓе и свежи идеи.

Јасно е дека големите партии и натаму ќе продолжат суптилно да ја поткопуваат оваа идеја бидејќи токму сегашниот модел им оди целосно во прилог. Тие не сакаат помалите партии да им земат дел од колачот и да почнат да им крадат пратенички места, па без оглед што пред јавноста изразуваат подготвеност за нов изборен модел, во заднина заеднички тесно соработуваат да не се случи тоа.

Тука вината лежи и кај помалите партии, кои дури и кога имаат одредена можност преку своите пратеници да ја притиснат власта и да побараат промена на изборниот модел, многу бргу необјасниво замолкнуваат и потоа никаде ги нема. Кога летоска дојде францускиот предлог во Собранието за гласање, некои од нив се побунија и најавија дека нема да гласаат ако и натаму процедурата за новиот изборен законик остане заглавена. Но очигледно низ собраниските ходници функционираат некои други спреги, кои заради наводната „европска“ иднина на Македонија лесно ги убедуваат оние што нешто бараат за возврат за да изгласаат сè што ќе се сервира на дневен ред. Од истите тие неколкумина пратеници зависеше и опстојувањето на Владата, но повторно ги повлекоа барањата за една изборна единица и сега чекаат некој во Собранието да се смилува и да закаже пленарна седница за новиот изборен модел. А кога ќе биде тоа, никој не им кажува.

Затоа сега е вистински момент и можност конечно да се започне со реализација на идејата за нов изборен модел што ќе почне да се имплементира од 2024 година. Македонија нема време да пропушти уште едни избори и преку актуелниот нефункционален изборен модел повторно да се формира нефункционално Собрание во кое повторно ќе се гледаат партиски „театарски“ претстави, додека државата запаѓа во уште подлабока криза.

Дополнително, ако се воведат една изборна единица и отворени листи, тогаш ќе се овозможи во парламентот да се најдат кандидатите што ќе добијат поголем број гласови, а не како досега, кога пратеници стануваа тие што се на подобра позиција на гласачкото ливче, најмногу затоа што имаат подобри врски со партискиот лидер. А тоа се одразуваше така што тие чувствуваа одговорност кон својот лидер, а не кон гласачите, па затоа наместо да ги застапуваат граѓанските интереси, ги застапуваат исклучиво партиските. Покрај тоа, со отворените листи граѓаните ќе имаат слобода на избор при гласањето бидејќи ќе се цени личноста, а не само партијата. Така ќе можат да се номинираат квалитетни кадри што народот ги препознава и за кои би го дал гласот без оглед од која партија се, наместо како сега, да гласаат за цела листа луѓе од кои никого не познаваат. Вака како што сега се избираат пратениците, тие не чувствуваат дека имаат некакви обврски кон граѓаните, туку само кон партијата оти таа им ја дала златната можност да бидат пратеници и да уживаат во сите привилегии што им ги носи функцијата. Затоа и се однесуваат така во Собранието. На народот се повикуваат само тогаш кога тоа им оди во прилог на нивните партиски интереси. Како никој не се повика на народот кога си ги зголемија платите и дневниците?

Затоа, време е да се забрзаат работите. Доста е од оваа собраниска лакрдија што досега ја гледавме. Во периодот што следува ќе треба да се донесат многу одлуки важни за иднината на земјата, а промената на изборниот модел е можеби една од нив. Без функционален изборен модел нема да имаме ниту функционални институции во државата, а без институции се доведува во прашање и функционирањето на држава. Партиите да заборават на монополот што го имаа досега и да се подготват конечно да ја испочитуваат волјата на народот, оти тој им ја дал моќта, тој може и да им ја одземе. Конечно мора да се слушне гласот на народот.