Наш интерес, а не европска домашна задача

  • Државата не е проект што се мери со табели и извештаи од Брисел, туку жив организам што мора да обезбеди сигурност, правда и перспектива за своите граѓани. Дури и настрана од европската перспектива, потребата за независно судство, функционални институции и борба против корупцијата останува исто толку силна, бидејќи тоа е суштината на секое здраво општество

Пред неколку години еден мој познаник се обидуваше да извади документ во општина. Чекаше со часови, се враќаше неколкупати и на крајот му кажаа дека треба да најде човек за да му ја заврши работата. Разочаран, ми рече: Ми треба држава што ќе ми даде документ без да молам. Таа реченица ми остана во главата како пример за потребата од реформи што не би биле директива од Брисел, туку за граѓанинот да ја добие потребната услуга.
Европратеникот Томас Вајц деновиве порача дека реформите не треба да се прават заради Европската Унија, туку заради граѓаните. „Не се работи за обврски кон ЕУ, туку за вложување во вашето општество“, рече тој. Оваа мисла е суштинска: реформите мора да бидат за луѓето тука, а не за некој извештај во Брисел. Но не треба никој отстрана да ни го кажува она што самите го знаеме, дека треба самите да го средиме сопствениот двор, заради себе. Македонија како држава се соочува со комплексни задачи што бараат решенија и сосема е природно како општество да очекуваме државничко однесување од оние што имаат обврска да ја водат државата.
Марко Тулиј Кикерон, еден од најголемите римски државници и мислители, вели дека вистинскиот државник е истовремено кормилар, лекар и генерал. Оваа трослојна метафора не е случајна, бидејќи ја опишува целината на одговорноста што ја носи оној што управува со државата. Како кормилар, државникот ја насочува државата кон вистинската насока, со јасна визија и стабилна рака на кормилото. Тој мора да ја препознае бурната струја на политичките кризи, да ја избегне коруптивната магла и да ја води нацијата кон пристаниште на сигурност и интеграција. Како лекар, државникот се грижи за здравјето на општеството. Тој мора да ги препознае болестите што го разјадуваат системот – корупцијата, неправдата, клиентелизмот – и да ги лекува со праведни закони, независно судство и транспарентни институции. Лекарот-државник не дозволува раната да се влоши, туку ја чисти и ја лекува, за да може телото на државата да функционира здраво и предвидливо. Како генерал, државникот се стреми кон победа над егзистенцијалните проблеми што ја загрозуваат нацијата – миграцијата на младите, економската стагнација, губењето на доверба во институциите. Генералот не е само стратег туку и инспиратор што води битка за достоинствен живот, за иднина во која трудот и знаењето се вреднуваат.

Македонија не треба да гради институции само заради европски извештаи. Државата не е проект што се мери со табели и извештаи од Брисел, туку жив организам што мора да обезбеди сигурност, правда и перспектива за своите граѓани. Дури и настрана од европската перспектива, потребата за независно судство, функционални институции и борба против корупцијата останува исто толку силна, бидејќи тоа е суштината на секое здраво општество. Да се гради држава за граѓаните значи да се создаде систем во кој правдата е достапна за секого, каде што успехот зависи од трудот и знаењето, а не од партиска книшка или врска на „човек“. Тоа значи администрација што работи транспарентно и ефикасно, здравство што лекува, образование што отвора хоризонти и институции што инспирираат доверба. Тоа е државничко однесување. Да се работи за луѓето, а не за надворешни очекувања. Да не гледаме во Брисел како крајна цел, туку во граѓанинот како вистинско мерило на успехот. Само така реформите добиваат смисла: не како формална обврска, туку како морална должност кон оние што секој ден ја живеат државата.
Вистинските реформи не се бројки во извештај, туку доверба што граѓанинот ја чувствува во секојдневието односно во функционирањето на институциите. Во судницата каде што правдата мора да биде еднаква за сите, во болницата каде што здравјето не смее да биде привилегија, во училиштето каде што квалитетното образование отвора хоризонти и е достапно за сите и во општината каде што администрацијата служи, а не владее. Државникот што ја разбира оваа суштина е кормилар што ја насочува државата низ бурите на недовербата и ја води кон пристаниште на стабилност. Тој е лекар што го лекува општеството од корупцијата и неправдата, не со козметички мерки, туку со длабоки засеци во системот. Тој е генерал што ја води нацијата во битка против сопствените слабости – апатијата, недовербата, миграцијата на младите – и ја инспирира да верува дека победата е можна.
Само така Македонија ќе биде функционален дом во кој секој има место и перспектива. Зашто државата не се гради за да се задоволат надворешни очекувања, туку за да се создаде чувство на припадност, сигурност и иднина за оние што живеат во неа.