Наречници и геополитички игри за Балканот

Стравот од повторување на мрачната историја од Балканските војни, Првата и Втората светска војна и од крвопролевањето меѓу народите од поранешната братска југословенска заедница сѐ уште е присутен кај постарите генерации. Меѓутоа, многу поголемо влијание на однесувањето на некои од македонските граѓани, кои веднаш потрчаа во маркетите и ги испразнија рафтовите со брашно, макарони, шеќер и масло за јадење, има и надворешната пропаганда, која се емитува од повеќе центри во поблиското и во подалечното опкружување. Ако се следат изјавите на меѓународните геополитички аналитичари, сите без исклучок се однесуваа на „Балканот, како следно жариште на избивање воен конфликт“

Поминаа десет дена од почетокот на воените судири меѓу Русија и Украина, а македонските и светските медиуми со големо внимание ги следат вестите од линиите на фронтовите околу Киев, Мариупол, Чернихив, Херсон… Иако најновата војна на европска почва е на илјадници километри од Македонија, нашите граѓани поминуваат низ вистинска воена психоза! Главните информативни емисии на телевизиите почнуваат со дваесетминутни блокови со „вести од далечниот фронт“. Во делот за нашата земја редовно има прилози за тоа дали има или не доволно количества пченица, брашно и гориво и други основни продукти. На сето ова редовно одат прилози за колоната бегалци од Украина и со видеосведоштва од некој наш Македонец, кој ја раскажува голготата што ја поминал од воениот пекол до своето родно огниште. Сета оваа атмосфера наликува на времето од распадот на Југославија, кога на неколку стотина километри од Скопје можевме да го погледнеме вистинското лице на војната. Па ако сакате и нашата земја во 2001 година го почувствува мирисот на војната!
Зошто македонските граѓани се толку чувствителни на секоја војна што ќе се случи на европска почва или некаде на Блискиот Исток? Се чини тоа е влезено во нашиот генетски код на постојани страдања од војни, во кои бевме вклучени, главно поради туѓи интереси. Стравот од повторување на мрачната историја од Балканските војни, Првата и Втората светска војна и од крвопролевањето меѓу народите од поранешната братска југословенска заедница сѐ уште е присутен кај постарите генерации. Меѓутоа, многу поголемо влијание на однесувањето на некои од македонските граѓани, кои веднаш потрчаа во маркетите и ги испразнија рафтовите со брашно, макарони, шеќер и масло за јадење, има и надворешната пропаганда што се емитува од повеќе центри во поблиското и во подалечното опкружување.

Ако се следат изјавите на меѓународните геополитички аналитичари, сите без исклучок се однесуваа на „Балканот, како следно жариште на избивање воен конфликт“. И повторно, на врвот на листата на ризични подрачја се наведуваат: Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора и Македонија. Сите овие земји се наоѓаат во состојба на некаков „замрзнат конфликт“, што се должи на внатрешните етнички поделби и на преклопувањето на интересите на големите сили, кои го држат балканскиот простор како залог за расчистување на сметките на големите суперсили, во исцртувањето на новите територии на влијание.
За да се добие појасна слика на моменталната политичка состојба во регионот, треба да ги следиме потезите што се влечат од Вашингтон, Брисел и од Москва, по избивањето на „украинската криза“. Последната вест во низа беше одлуката на Германија да именува специјален пратеник за Западен Балкан, а тоа е Мануел Зарацин, поранешен пратеник во Бундестагот, од Партијата на зелените. По Европската Унија, Обединетото Кралство и САД, во специјалната мисија за Балканот се вклучува и германската влада, кои не кријат дека имаат цел да се спротивстават и на опасноста од „специјалното“ влијание на Русија на овој дел од европскиот континент. Официјалната задача на германскиот посредник, како што објасни шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, е со големата светска четворка да дејствува на создавањето силен, стабилен и на мир заснован Западен Балкан, каде што сѐ уште постојат отворени прашања за дијалогот Белград и Приштина, за стабилноста на БиХ, како и за „спречување на негативното влијание на Русија на овој регион“. Со слична мисија беше назначен и европскиот посредник во дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак. Од Обединетото Кралство за специјален пратеник за Западен Балкан е назначен Стјуарт Пич, а од САД оваа функција ја доби Габриел Ескобар.
Какво ќе биде нивното влијание на приближувањето на Балканот кон „западните вредности“ ќе имаме можност да видиме во наредниот период.

Но тоа што остава простор на резерва во дејствувањето на „наречниците“ во однос на нашата земја е сѐ уште недефинираниот и јасен став на Брисел за почетокот на преговорите за зачленување на Македонија во Европската Унија. Пред три дена евроамбасадорот во земјата, Дејвид Гир, и францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер, на заедничка прес-конференција, до македонските граѓани порачаа дека „реформите и преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија мора да продолжат, бидејќи тие се условот за членство во ЕУ“! Ова беше уште едно отрезнување до политичките водства во државата дека не смееме да „сонуваме“ за брз прием во Унијата, по сето тоа што се случува во Украина, која исто така, веруваше во евроатлантските вредности.
Во ваква сложена позиција на надворешен план, пред македонските политички фактори останува обврската за постигнување единствен став околу прашањата што се однесуваат за зачувување на националните интереси на државата, посебно во преговорите со Бугарија, која продолжува да се однесува негаторски кон македонскиот народ, јазик и историја. Од наш интерес е да престанат и обидите на поединци да наоѓаат и оправдување за тоа што се случува во Украина, а со тоа се поттикнува поделбата меѓу македонските граѓани. Во овој момент најмалку е потребно да ја шириме воената психоза и да се предизвикува општа несигурност кај граѓаните, кои и така се исцрпени од долгогодишната здравствена и економска криза.