- Очекуваме Европската комисија да презентира амбициозни, квантифицирани предлози како директен придонес за тековните преговори за следниот мултифункционален финансиски буџет на ЕУ, вклучувајќи го и административниот систем на ЕУ, што ги одразува предизвиците на нашето време. Во тој контекст, предлогот на ЕК за нови 2.500 работни места, што би претставувало значително зголемување на администрацијата, е спротивен на наведените цели за ефикасност, ограничување и реформи – аргументира не само „европската локомотива“ Германија, туку со неа вкупно девет земји членки на ЕУ
На Урсула фон дер Лаjен и Европската комисија почнува да им станува сѐ „пожешко“ во нивните фотелји во Брисел: годинава не само што продолжија туку и сѐ засилија нападите кон нив од минатите години, дека се надвор од реалноста и оти се, не само метафорично кажано, скарани со европските народи. Петар Волгин, бугарскиот пратеник од партијата Преродба, во својот експлозивен говор во Европскиот парламент во октомври минатата година ги обвини Фон дер Лајен и другите лидери на ЕУ дека се „надвор од реалноста“ и оти страдаат од „колективна халуцинација“, игнорирајќи ги сиромаштијата, миграцијата и тероризмот, со кои се судираат Европа и обичните Европејци.
Веќе во февруари годинава на адреса на Фон дер Лајен и другите еврократи им пристигна ист „комплимент“, овој пат искажан од највисоко ниво: „Нашата заедничка порака е јасна: Европската комисија треба да ги види знаците на времето. Кога зборуваме за намалување на бирократијата и намалување на националните администрации, повикот на Комисијата за понатамошно зголемување на бројот на вработени е надвор од допирот со реалноста. Најдобро би било Комисијата да го повлече овој предлог“, кажа германскиот министер Гинтер Крихбаум пред два месеца, образложувајќи го писмото, потпишано од министри од Австрија, Чешка, Данска, Германија, Естонија, Латвија, Шведска, Финска и Холандија, со барање да се повлече намерата за вработување нови 2.500 службеници во институциите на ЕУ.
– Очекуваме Европската комисија да презентира амбициозни, квантифицирани предлози како директен придонес за тековните преговори за следниот мултифункционален финансиски буџет на ЕУ, вклучувајќи го и административниот систем на ЕУ, што ги одразува предизвиците на нашето време. Во тој контекст, предлогот на ЕК за нови 2.500 работни места, што би претставувало значително зголемување на администрацијата, е спротивен на наведените цели за ефикасност, ограничување и реформи – аргументира не само „европската локомотива“ Германија, туку со неа вкупно девет земји членки на ЕУ.
Практично една третина од „евроклубот“ им порачува на Урсула фон дер Лајен и Европската комисија да се симнат на земја и да не летаат во облаците! И треба ли да зачудува најновото априлско заострување на интонацијата кон еврократите во Брисел сега кога и конзервативците на германскиот канцелар Фридрих Мерц, како што пишува бриселски „Политико“, им упатија веќе „строг ултиматум“ на претседателката на Европската комисија и другите во Брисел да го намалат не само бројот на вработени туку и бројот на институции на ЕУ и своите надлежности со кои располагаат? Фон дер Лајен треба да присуствува на собир на конзервативците на германскиот канцелар Фридрих Мерц во Берлин в понеделник, 4 мај, и тогаш групата планира да ѝ изнесе „построги барања“ за забрзано намалување на она што го сметаат за како „регулативи на ЕУ што ги оптоваруваат германските бизниси“.
Но, ајде за миг да фрлиме еден поконцизен предлог и кон тоа каква е „машината на Брисел“, која сакаат да ја „ремонтираат“ конзервативците на германскиот канцелар Мерц, но и нивните истомисленици од споменатите други европски држави од составот на ЕУ. ЕУ има 79 институции, од кои повеќе од 37 се разни агенции, има 79.200 вработени и европско законодавство (acquis communautaire), кое опфаќа приближно 19.000-20.000 активни правни акти. Овој број вклучува регулативи, директиви и одлуки што се во сила, иако вкупниот број на објавени документи во базата „ЕУР-Лекс“ е значително поголем (повеќе од 40.000), ако се вклучат и меѓународните договори и незадолжителните акти. Ваквата „машина на Брисел“ троши годишно 11-12 милијарди евра за своето функционирање. Ова се податоци преземени од специјализираниот и независен блог „Советник за вработување во Европската Унија“ („European Union Employment Advisor“).
ЕУ ѝ испоставува ултиматуми на Македонија де за реформи, де за уставни измени, де за корупција, арно ама, од друга страна, самата Европска Унија е под „тешка политичка канонада“ од сите страни на европскиот континент токму таа да се реформира, да се „дисциплинира“ во однесувањето и мегаломанските трошења, да ги санкционира случаите на корупција од висок профил, но и да си ја размонтира „машинеријата“! Знаете што велат критичарите, кои ги исмеваат бриселските еврократи?! Дека можеби ќе им текне да донесат и нов пропис оти ќе треба во ЕУ и „кривите банани“ да се исправаат, па само како такви да се испорачуваат во маркетите во ЕУ, никако поинаку!
Просечно во ЕУ се донесуваат и се одобруваат од 1.000 до 1.500 нови, или изменувачки акти секоја година. Овој волумен главно се состои од приближно нови директиви, регулативи и одлуки годишно. Сепак, само мал дел од нив се целосно нови „основни“ закони; повеќето се технички измени на постојните правила. На македонски појасно кажано, и во Брисел мнозина „нишаат врата и примаат плата“, а како „оправдување“ за своите преголеми плати, за да покажат дека ете „работат“, тие смислуваат и „штанцаат“ секоја година куп нови прописи, од кои не мал број само ги задушуваат и германските и другите европски бизниси. Токму поради тоа на „рапорт“ кај германските конзервативци ќе оди Урсула фон дер Лајен!
Сѐ што се случува во Брисел околу бројот на вработени, со трошењата, со бројот на институции и на компетенции што си ги придава „европската влада“, предводена од Фон дер Лајен, во многу европски кулоари се нарекува „бриселски меур“! Тој „меур“ самиот се надувува катадневно и затоа се наредиле мнозина во редот на евронетрпеливци, кои сакаат што поскоро да го „дупнат“. Или да бидеме уште појасни, сакаат да ја „ремонтираат“ „бриселската машина“, која ги „вози“ европските народи сѐ повеќе во погрешен правец – спротивно на нивната политичка волја. Аналогно на ова, не треба ниту граѓаните на Македонија да ѝ дозволат на „машината од Брисел“ да ги „вози“ и да ги однесе во правец што нема врска со државните и национални интереси на Македонија.
Свето Тоевски

































