ФУДБАЛ

  • Два жолти картона ќе останат праг за суспензија, но со евентуална промена на правилото би биле потребни опомени во два од трите меча по групната фаза или во две од нокаут-средбите заклучно со четврт-финалето за да се пропушти натпревар, пишува „Би-би-си“

Светската фудбалска федерација (ФИФА) е подготвена да ги промени правилата околу суспензиите за акумулирани жолти картони на годинашното Светско првенство (СП), пишува „Би-би-си“, кој дознава дека управното тело на светскиот фудбал планира да додаде втора амнестија, бришејќи ги сите жолти картони на крајот од групната фаза, како и по четврт-финалето.
Според сегашните правила, една репрезентација би играла пет натпревари за да стигне до четврт-финалето, а секои два жолти картона во тие натпревари би довеле до суспензија. Проширеното Светско првенство, со 48 селекции, наместо 32 како досега, вклучува дополнителна рунда и се смета дека ризикот од забрана за настап е превисок, пишува „Би-би-си“.
Без промена на прописите, Светската фудбалска федерација смета дека многу повеќе фудбалери би биле суспендирани играјќи шест натпревари до четврт-финалето и потенцијално би го пропуштиле полуфиналето на Мундијалот.
Се смета дека две поништувања на добиени жолти картони се пофер и со помала веројатност да резултираат со суспензии за клучни натпревари отколку зголемувањето на три на бројот на картони потребни за забрана за настап, пишува „Би-би-си“.
Темата е на дневен ред за дискусија на Советот на Светската фудбалска федерација во Ванкувер (Канада), неделава. Два жолти картона ќе останат праг за суспензија, но промената на правилото ќе значи дека има само две мали серии натпревари за играчите да добијат забрана за настап, па така, би биле потребни опомени во два од трите натпревари по групната фаза или во две од нокаут-средбите, 1/32-финалето, осминафиналето и четврт-финалето за да се пропушти натпревар, пишува „Би-би-си“. Н.М.