Боговите паднаа на теме

Речиси во сите древни митологии се раскажува како боговите одлучувале за човечките животи од позиција на огромна моќ. Тие ја наградувале верноста, ја казнувале непослушноста, биле исклучително одмаздољубиви и сурови, a многу често и неправедни, при што последиците од нивните самоволни одлуки го одредувале текот на животите на смртниците. Во денешно време може да се повлече одредена паралела, гледајќи како светските сили со своите политики, водени исклучиво според нивните интереси и меѓусебни договори, влијаат врз економиите и безбедноста, но и врз политичкиот курс на помалите земји, односно врз сите сфери на живеење.
Забележливо е и дека Европската Унија постојано се обидува да стекне влијание, дури и пошироко од Стариот Континент, да се позиционира како важен фактор на геополитичката сцена, да биде одредена противтежа на САД, Кина и Русија, да се прашува за најважните теми, да има збор на масата кога се крои судбината на светот… Но, наспроти желбите, не успева да ги оствари амбициите, па гледаме како попусто чека да ја повикаат на мировните преговори за ставање крај на војната во Украина, реагира бавно на кризни состојби, не успева да ги испочитува сопствените рокови и цели за проширувањето, а заостанува и во технолошка и економска смисла зад конкурентите.
Се смета дека ЕУ потфрла, првенствено затоа што блокот останува структуриран околу меката моќ и носењето одлуки со консензус, додека истовремено се соочува со внатрешни институционални превирања. Иако економската тежина на ЕУ, првично замислена како економски сојуз, е голема, таа не успева да придонесе доволно за зголемување на политичката моќ.
И во таква ситуација, раководството на ЕУ изигрува „божество“ пред земјите кандидати за членство во европскиот блок, веројатно потајно уживајќи додека ги гледа како зависат од неговата волја, осудувајќи ги на слична судбина како онаа на Сизиф или Тантал, додека ги критикува, ги оценува и им дава препораки, како што е случај со годишниот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија што беше претставен неделава.
Во култниот филм „Боговите паднаа на теме“, шише што паѓа од небото го нарушува мирот на една заедница и ги менува односите меѓу нејзините членови. Приказната го следи Бушманот Кси од племе во пустината Калахари, кој наоѓа празно стаклено шише од „кока-кола“ фрлено од авион. Неговиот народ верува дека шишето е подарок од боговите, но истото тоа брзо внесува кавги и неслога во заедницата, па тој тргнува на пат до „крајот на светот“ за да им го врати предметот на боговите и да го спаси своето племе. Ние слично се однесуваме со годишниот извештај на Европската комисија, како нешто што доаѓа однадвор, без некој да го побара, за потоа одеднаш да стане причина за проблеми и судири. Па, можеби треба да го вратиме назад.
Бидејќи македонските евроинтеграции се своевидно сведоштво за самоволноста на посилните, откако значително отстапија од вообичаениот процес заснован, само во теорија, на копенхашките критериуми. Забележуваме дека од кандидатскиот статус во 2005 година, преку долгогодишното чекање за почеток на преговорите, до промената на државното име и новите условувања поврзани со уставните измени, Македонија се соочи со низа политички пречки и притисоци што го поткопаа чувството дека европските правила се еднакви за сите.

А ЕУ сега одново нѐ охрабрува на дијалог со Софија, во кој другата страна нема никаква намера да учествува.
Токму затоа филмскиот наслов е погоден и за оваа колумна, бидејќи вообичаено се користи за да се опише некоја чудна или апсурдна случка, како метафора за хаос предизвикан од модерната цивилизација или како израз на неверување за постапките на луѓето со моќ или општеството. Се користи кога институциите, политичарите или моќниците што ги одредуваат правилата носат целосно неразумни или смешни одлуки, кога изгледа како боговите да си поигруваат со смртниците.
Како и да е, големите сили се тие што ги одредуваат правилата на игра. Постојано се известува и за тајни договори меѓу нив, при што се мисли на заткулисни преговори, неформално разбирање или неоткриени договори преку кои моќните земји се обидуваат да го обликуваат светот зад затворени врати, без откривање на деталите на нивните планови на светската јавност. Сега клучното прашање е како САД, Кина, Русија и други сили преговараат за глобалната безбедност, трговијата, енергетиката, технологијата и влијанието во нивните сфери на интерес. Некои дипломатски договори се целосно тајни, други делумно откриени, а трети се сведуваат на непотврдени теории. Видливи стануваат само последиците.
Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, во неговото последно обраќање пред Генералното собрание на ОН во септември, изјави дека светските линии на расцеп се претвориле од пукнатини во кањони, бидејќи велесилите покажуваат дека самите не поседуваат воена, економска и технолошка моќ за да ја гарантираат безбедноста или да ги решат светските проблеми. Па, прашање е колку тие воопшто се насочени кон решавање на глобалните проблеми, а колку кон сопствените интереси.

Историјата покажува дека моќта ретко се откажува од привилегијата сама да ги поставува правилата (како што гледаме и според однесувањето на Брисел кон нас), а современата меѓународна политика само ја потврдува оваа лекција. Големите сили можеби денес не се богови од древните митологии, но нивните одлуки и понатаму имаат моќ да ги менуваат судбините на народите, да ги прекројуваат политичките приоритети и да ја определуваат иднината на светот.
Целосната независност од надворешните влијанија е недостижна, но Македонија во согласност со своите можности мора да разбере дека мудрото приспособување кон геополитичките текови не треба да значи откажување од способноста за самостојно расудување, ниту, пак, дека реализмот во меѓународните односи подразбира прифаќање на условувањата како неизбежна судбина. Помалите држави можат да одлучат колку ќе вложат во сопствената отпорност за да не дозволат нивната иднина да биде целосно туѓа одлука.