Битката за Македонија на баба Трајана сѐ уште трае

Обичните мали луѓе, целиот свој живот, тивко, но храбро, истрајно и упорно се борат за Македонија, не барајќи ништо за возврат, иако цената понекогаш е многу висока. Во актуелниот миг се прашуваме, зарем жртвите на Македонците, кои многу претрпеа за да се зачуваат идентитетот и дигнитетот на нашата земја, се залудни?

Прелистувајќи го новинарскиот бележник што го пишувам веќе 35 години, деновиве наидов на четири приказни, кои иако се случиле многу одамна, сите се поврзани со мигот во кој живееме.
1. Во јули 1995 година, кога исто така работев во тогашната НИП „Нова Македонија“, но во Редакцијата на весникот „Вечер“, еден ден дојде да нѐ посети баба Трајана Димова. Таа беше Македонка што тогаш имаше 74 години и која, како што рече, девет години живеше во Гетеборг, со своите два сина, наши иселеници во Шведска. Држејќи во рацете неколку фотографии, таа уште на самиот почеток на разговорот ми рече дека, ете, нејзините блиски ѝ рекле да дојде во нашата редакција за да слушнат и другите луѓе за нејзините залагања за признавањето на Македонија во 1991 година.
– Пред четири години во Стокхолм, заедно со уште 400 македонски иселеници, во организација на нашиот сонародник Борис Пашковски, отидовме да демонстрираме пред парламентот на Шведска, барајќи да се признае Македонија. Се сеќавам, врнеше снег и дуваше силен ветер, но тоа не ме спречи јас да бидам на чело на колоната, држејќи транспарент во раката – ни рече баба Трајана.
Есента во 1993 година, таа оди и во кабинетот на Ирвин Карлсон, тогашен министер за надворешни работи, кој подоцна стана и премиер на Шведска, да се залага за што поскорешно признавање на нашата земја. Но тоа не беше крај на залагањата за баба Трајана.
– Во 1993 година отидов да демонстрирам и во Данска, заедно со нашите иселеници со истата цел и повторно бев во првите редови. Се собравме таму нашинци од три града и пред парламентот на Копенхаген го осудивме нашето непризнавање. Јас постојано го носев со мене македонското знаме – велеше таа.
Секаде каде што се зборувало и работело за Македонија во Шведска, таму била и баба Трајана, не сакајќи да пропушти ништо. Во меѓувреме, таа била активна и во црковната организација и при посетата во Гетеборг, тогашниот владика на МПЦ, г. Михаил, дошол во црквата „Св. Кирил и Методиј“ и го посетил и нејзиниот дом. На 18 мај 1995 година, таа се запознала и со тогашниот македонски амбасадор во Шведска. Во таа пригода, тогашниот дописник на МТВ од оваа земја, Ивица Челиковиќ, рекол:
„Ако сите се борат за Македонија како баба Трајана, Македонија ќе цвета“!
Напуштајќи ја нашата редакција, таа неколкупати повтори:- Среќна сум што сега Македонија е самостојна земја, што беше и желбата и на моите предци, кои и самите се бореа за неа. Затоа сега јас, иако имам 74 години, сакам и самата да учествувам во остварувањето на нивниот и мој дамнешен сон“!
За жал, овој сон на баба Трајана не е сѐ уште стварност. Македонија сѐ уште не е членка на ЕУ и катаден ни се вршат притисоци да се откажеме од името, јазикот, идентитетот, од историјата и традицијата.
Не смееме да заборавиме ниту на сите Македонци, кои заради својата љубов кон татковината гниеја по затворите на Албанија, Грција и на Бугарија, а некои и со живот го платија својот копнеж. За своите големи жртви тие не бараа ништо за возврат, само сакаа зборовите Македонија, Македонци, македонско да не се избришат, да се зачуваат и да им останат на идните генерации.
2. Во мојот новинарски бележник останаа забележани и многу човечки судбини, лични жртви. Меѓу нив е и онаа за првиот учител по македонски јазик во Пустец, Мала Преспа, Борис Мале, чиј живот во роман го преточил неговиот внук Васил Шумка, со наслов „Македонски наставник – Средба со сонцето“. И навистина затворот и страдањата, само затоа што сакал децата да ги учи на македонски јазик, не го изгаснаа сонцето на Борис Мале, на овој благороден човек, кој целиот свој живот го посветил на описменувањето на децата од Мала Преспа, Албанија, на мајчиниот македонски јазик.

– Македонците во Албанија имаа среќа што во тој период Борис Мале сесрдно се залагаше и целиот свој живот го посвети на образовањето на мајчин јазик на тамошното македонско население. За него училиштето беше семејство што го немаше, сонцето пријател, а книгите најголема љубов. Нема човек што не го познавал, да не се поклонува пред неговото дело. Неговите зборови беа посилни од куршум – вели со гордост внукот Васил Шумка.
3. Стојан Филипов е Македонец од Бугарија, кого го сретнав исто така пред многу години. Тој сега живее во Скопје, а за да замине од земјата каде што е роден го натерала маката. Ниту ова име со кое сега го ословувам не е неговото, но Стојан сѐ уште, и по толку години, се плаши да не го пратат пак во бугарските затвори каде што минал повеќе години, само од една причина – што се декларирал како Македонец. Тажни беа неговите приказни и голготата низ која поминал, но тоа не го спречува да ги истражува македонските корени, за што своевремено пишувавме, а сега тој се подготвува да издаде и книга. Во меѓувреме се издржува како што знае и умее и на крајот на денот, кога сѐ ќе стивне, ги сонува пределите каде што е роден во Пиринска Македонија, песните што му ги пеела мајка му на чист македонски јазик, приказните за македонските херои: Гоце, Даме, Јане… што ги слушал од дедо му. Деновиве Стојан, како и наследниците на баба Трајана и голем број други Македонци, редовно протестира пред Владата на Македонија против понижувачкиот предлог за влез во ЕУ и се прашува: зарем жртвите на Македонците, кои како и тој многу претрпеа за да се зачуваат идентитетот и дигнитетот на нашата земја, се залудни?

4. Некаде во летото 1995 година имав чест да направам интервју со Италијанецот Давид Бафети, сликар и дизајнер, повеќекратно наградуван, кој својата креативност ја вложи во растежот на македонската култура. Најпрво, во 1944 и 1945 година, кога престојувал во Македонија како професионален дизајнер во АГИТПРОП-НОФ, кога добива прва награда за плакат на акцијата „Борба против неписменоста во Македонија“ во 1947 година. Во тој период прави дизајн и за буквари и книги и за Македончињата во Егејска и во Пиринска Македонија. За жал, денес таму е забрането не само образованието на македонски туку не смееш ниту да се декларираш како Македонец.
А се сеќавам со каков жар зборуваше Бафети за радоста на дечињата кога ги земале книгите во своите раце. Тој беше еден од големите ентузијасти, дојдени од странство што сакаа со својата стручност и креативност да ѝ помогнат на Македонија да постави цврсти темели и ја засакаа нашата земја на прв поглед.
Бафети во 1953 година станал член на ликовната група „Денес“, заедно со врвни македонски уметници, а во 1990 година повторно доаѓа во Скопје и останува. Живее со Рада Петрова Малкиќ, позната уметница и костимографка, и заедно создаваат и изложуваат многу дела. За жал, него веќе го нема, но сѐ уште го чувам цртежот што Давид Бафети пред триесетина години ми го подари, во знак на благодарност за интервјуто. Нацртан е клуч на небото, а од денешна перспектива, клучот за напредокот на секој план е желбата да се помогне без никакви калкулации и омаловажувања, со огромна почит кон различностите.