Автентични историски јадра среде футуристички амбиент

  • Културното наследство на Кина длабоко го обликува нејзиниот современ идентитет, влијаејќи на сè, од туризмот и уметноста до кулинарските практики и урбанистичкото планирање. Со зачувување на историските места, промовирање на традиционалните уметности и интегрирање на културните вредности во современиот живот, Кина продолжува да ги почитува своите корени, а наедно го отвора патот за иден раст. Оваа динамична интеракција меѓу наследството и модерноста ја прави земјата фасцинантен пример за тоа како некои од најстарите култури можат да напредуваат во денешниот свет

Културата и традицијата ја одиграле можеби најголемата улога во столетната трансформација на Кина. Тоа е општиот впечаток што го добив за време на четиримесечниот престој во Кина минатата година и дополнително при неодамнешната куса посета на четири града во оваа земја, на покана до нашиот медиум од амбасадата на НР Кина, кога имав можност да посетам некои од најголемите културни локалитети. Она што ми остави траен впечаток е дека оваа земја знае како да ги негува својата традиција, култура и уметност, да се грижи за своето културно наследство, но и да го споделува со странските посетители како еден од начините да гради мирољубива политика со другиот дел од светот.
Кинеската култура е спој на богатата традиција и наследство (древни вештини, танц, опера, музика…) и современи уметнички форми, често поддржани од новите технологии, што сѐ заедно носи неверојатно силна енергија, која е невозможно да не ја почувствува секој што барем еднаш ја посетил оваа земја, особено во последниве петнаесетина години откако се забележани голем развој и подем на сите нивоа.
Кина е една од најстарите цивилизации во светот и денес една од најмоќните земји во однос на економијата и технологијата. Историјата опфаќа илјадници години, а она што се добива како најсилен впечаток е начинот на кој античката традиција е зачувана во својата автентична форма во срцето на повеќемилионски футуристички градови. Оваа навидум некохерентна мешавина во Кина функционира беспрекорно. Коегзистенцијата на старото и новото, традицијата и модерноста, древната уметност и најнапредните технологии, е можеби она што најмногу паѓа во очи. И тоа може да се забележи насекаде, во некои од најголемите кинески градови како Пекинг, Ченгду, Шенжен, Гуанжу, Сиан, Шангај, Џухаи, Тијанџин…
И додека Пекинг важи за политички и културен центар на земјата, Шангај за еден од најважните финансиски центри во светот, Гуангџоу за важен индустриски и трговски центар, а Шенжен за симбол на кинеското технолошко чудо и центар за иновации… на сите заедничка им е токму грижата за културното наследство и традиција. Забранетиот град, Летната палата и Небесниот храм во Пекинг, Кинескиот ѕид, будистичките храмови, Теракотната армија во Сиан, старата пешачка улица во Гуангџоу… сите овие културолошки значајни точки совршено се вклопуваат во современото урбанистичко планирање, што ја одразува свесноста за културно наследство преку иницијативи насочени кон зачувување на историската архитектура, а наедно и приспособување на новите случувања. Преку ова Кина прави одлична рамнотежа со трансформирање на античките места во живи комерцијални центри без тие да ја изгубат својата историска суштина. Посветеноста да се одржува врска со минатото, а наедно да се прифати модернизацијата, е тенденција кон која се стреми оваа земја.

Културното наследство на Кина длабоко го обликува нејзиниот современ идентитет, влијаејќи на сè, од туризмот и уметноста до кулинарските практики и урбанистичкото планирање. Со зачувување на историските места, промовирање на традиционалните уметности и интегрирање на културните вредности во современиот живот, Кина продолжува да ги почитува своите корени, а наедно го отвора патот за иден раст. Оваа динамична интеракција меѓу наследството и модерноста ја прави земјата фасцинантен пример за тоа како некои од најстарите култури можат да напредуваат во денешниот свет.
И македонската култура треба да учи од ваквите примери, затоа што освен за странските посетители, културата носи огромни бенефиции и за локалната заедница, како во смисла на финансиски придобивки, но уште повеќе за културна и духовна еманципација на граѓаните. И покрај многубројните сознанија за овој огромен потенцијал, кај нас тој честопати е занемарен од носителите на политичката моќ. Затоа треба да бидеме инспирирани од кинескиот ентузијазам, кој е изграден благодарение токму на посветеноста на културата и традицијата, кои одиграле можеби најголема улога во столетната трансформација на оваа земја.