Фото: Кабинет на претседателката на РМ

Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, во дводневна посета на Македонија

Претседателката на Република Индија, Друпади Мурму, престојува во дводневна официјална посета на Македонија, во рамките на која се предвидени повеќе средби со претставници на македонскиот државен врв, кои се очекува да го поттикнат натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји.
Мурму вчера беше пречекана со највисоки државни почести од македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова. По свечената церемонија и средбата лице в лице меѓу двете претседателки, беше одржан пленарен состанок на македонската и индиската делегација. Индиската претседателка пристигна во Скопје во понеделникот вечерта, а на скопскиот аеродром ја пречека шефот на дипломатијата, Тимчо Муцунски.
– Во рамките на посетата се предвидени повеќе средби и активности. Очекувам тие да ги потврдат одличните билатерални односи и да дадат нов поттик за натамошно унапредување на политичката и економската соработка меѓу двете земји – соопшти министерот Муцунски преку Фејсбук.

Вчера беше закажан и македонско-индиски бизнис-форум, организиран од Кабинетот на претседателката на Македонија во соработка со Директоратот за економска дипломатија при Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Форумот е со цел презентирање на инвестициските можности на Македонија и на него требаше да се обратат двете претседателки – Сиљановска-Давкова и Мурму.
Беше предвидено индиската претседателка да оствари средба и со претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и да се потпише во Книгата на впечатоци и да се обрати пред пратениците во македонскиот парламент. Според агендата, гостинката од Индија требаше да положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
На вториот ден од официјалната посета, претседателките денес ќе ги посетат Спомен-куќата на Мајка Тереза и Музејот на град Скопје, каде што ќе се обратат на церемонија на откривање биста на Махатма Ганди. По церемонијата во Музејот на град Скопје, претседателката Сиљановска-Давкова и претседателката Мурму ќе се упатат кон Охрид, каде што ќе го посетат манастирскиот комплекс „Свети Наум“, како и манастири и цркви во стариот град на Охрид. П.Р.