Фото: МФ/Фејсбук

Владата на седница го усвои Дополнетиот ребаланс на Буџетот за 2026 година, во кој се имплементирани усвоените амандмани, со кои се обезбедени дополнителни средства за жените коишто вршат земјоделска дејност, средства за воспоставување национална СОС линија за поддршка на жртвите на родово и семејно насилство, како и средства за отворање и ставање во функција на два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство, соопшти Министерството за финансии (МФ).

Дополнетиот Предлог ребаланс со вградените амандмани по расправата во Комисијата за финансирање и буџет во Собранието и предложените измени ќе биде доставен во Собранието на усвојување.

Со ребалансот на Буџетот вкупните приходи се планирани на ниво од 379,5 милијарди денари, а вкупните расходи на ниво од 425,8 милијарди денари, при што, како што велат од МФ, дополнителните средства се насочени кон јасно утврдени приоритети.

– Со ребалансот се обезбедени дополнителни средства за земјоделските субвенции, повеќе средства за субвенциите во железничкиот сообраќај, поддршката на спортот, како и  за студентскиот и ученичкиот стандард. Oбезбедена е и дополнителна поддршка за најранливите категории граѓани преку средства за социјални надоместоци, за заштитни друштва, народни кујни и мерки за деинституционализација, како и дополнителни средства за здравствена заштита. Со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции и се на ниво од околу 46 милијарди денари, што е зголемување за 14,5 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Истовремено се намалуваат расходите за стоки и услуги – велат од МФ.

Буџетскиот дефицит е проектиран на ниво 46,3 милијарди денари или 4,1% од БДП, а економскиот раст е проектиран на ниво од 3,5 проценти.