Косара Митиќ, режисерка

  • Впрочем, „17“ е филм за емоционалното насилство на тишината и невидливоста. Филмот е портрет на последиците од систематското занемарување каде што траумата на младите жени станува невидлива и безначајна, бидејќи системот во кој живеат е или угнетувачки или опресивен, вели режисерката Косара Митиќ

Македонскиот филм „17“, во режија на Косара Митиќ, жанровски се дефинира како филм за созревањето (Coming of age). Инспириран е од вистински настан и обработува тема посветена на младите во нивните критични тинејџерски години, кога тие се најранливи и под постојан притисок да се вклопат во средината и кога донесените одлуки може да остават длабока трага во нивните животи. Филмот имаше светската премиера на годинашното Берлинале. Фестивалскиот живот на долгометражниот игран филм „17“ продолжи на 50. Интернационален филмски фестивал на Хонгконг, на 44. Интернационален филмски фестивал на Уругвај, на Филмскиот фестивал во Болцано, Италија…
Деновиве филмот ја освои наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм во рамките на Филмскиот фестивал во Ерусалим, што е уште еден грандиозен успех на меѓународната сцена. На свечената церемонија одржана на 16 јули во Ерусалимската кинотека, филмот ја освои престижната награда за најдобар меѓународен дебитантски филм. Според стручното жири, станува збор за „суров, бескомпромисен и силен уметнички удар, филм исполнет со гнев и исклучително вешта кинематографија, кој го предводат неверојатно талентирана режисерка и извонредна актерска игра, филм што прикажува едно долго премолчувано насилство со кое конечно мора да се соочиме“.
Добивањето на наградата за најдобар меѓународен дебитантски филм на Филмскиот фестивал во Ерусалим, по лансирањето на „17“ на Берлинале, претставува огромен триумф за македонскиот филм, докажувајќи дека нашите филмски автори со своите храбри и универзални приказни рамноправно го освојуваат светот.

Филмот „17“ предизвика силни реакции на Берлинскиот филмски фестивал. Какво е чувството што Вашето дебитантско долгометражно остварување ја имаше својата светската премиера токму на овој реномиран фестивал?
– Светската премиера на Берлинале беше исклучително емотивно и значајно искуство. Огромни се честа и задоволството да се биде дел од европската филмска елита. Тоа е големо признание за еден дебитант, но истовремено е и голема одговорност да се застане на меѓународната сцена со приказна што со жесток и брутален реализам поставува прашања што обично се чуваат зад затворени врати. Чувството беше мешавина од возбуда, ранливост и благодарност што филмот доби можност да иницира инспиративен и длабок дијалог со публиката.

Каков опис му давате Вие на „17“?
– Впрочем, „17“ е филм за емоционалното насилство на тишината и невидливоста. Филмот е портрет на последиците од систематското занемарување каде што траумата на младите жени станува невидлива и безначајна, бидејќи системот во кој живеат е или угнетувачки или опресивен.

Како се роди идејата за „17“ и што Ве натера да ѝ дадете светлина на оваа приказна инспирирана од реалноста што ја живееме?
– Импулсот да го направам овој филм дојде од вистински настан – млада девојка што се породи на границата на Табановце за време на нејзината апсолвентска екскурзија и го остави бебето во канта за отпадоци. Никој не знаел дека е бремена. И токму тој факт ме вознемири многу повеќе отколку самиот акт на оставање. Тој факт открива не индивидуален неуспех туку колективен. Филмот не прашува кој е виновен, не морализира и не осудува, прашува колку луѓе, тишини и структури го направиле тоа возможно.

Филмот не нуди одговори, тој ја замолува публиката да преземе одговорност за тишините што сè уште постојат. На што се задржува филмот, кои невидливи траги сака да ги обзнани?
– Филмот се задржува на последиците од тишината – на оние суптилните, често невидливи траги што остануваат врз поединецот. Тоа се емоционални лузни, за чувство на вина, за гнев, за колективна неодговорност. Филмот „17“ ги прави видливи токму тие пукнатини што општеството често ги игнорира.

Филмот отвора прашања за молкот, стравот и за колективната одговорност. Колку овие теми се инспирирани од реални општествени ситуации, а колку од Ваши лични набљудувања?
– Тие теми се длабоко вкоренети и во реални општествени ситуации и во лични набљудувања. Тешко е да се направи јасна граница – се испреплетуваат. Како автор, не можам да бидам одвоена од контекстот во кој живеам, па филмот неизбежно ја рефлектира таа реалност, но преку личен, емотивен филтер.

Главната улога ја толкува младата актерка Ева Костиќ… Како се одвиваше процесот на избор на актерите, но и градењето на овој лик? Каква улога ѝ давате на Сара и како посакувате ликот да искомуницира со публиката?
– Кастингот беше долготраен и тежок процес, но за мене многу инспиративен. Уживав во цел тој период. Филмот има одлична актерска екипа, која носи неверојатна енергија. Со Ева работевме многу интуитивно и органски. Таа носи една исклучителна искреност пред камера. Сара е носител на внатрешниот конфликт – не е гласна, нејзината тишина зборува многу. Сакавме публиката да ги почувствува во стомак нејзината болка, ранливост, нејзината дилема, но и постепениот процес на освестување.

Филмот „17“ е копродукција меѓу неколку земји. Како меѓународната соработка влијаеше врз процесот на создавање на филмот?

– Меѓународната копродукција донесе многу различни перспективи во процесот. Имав чест да работам со врвни професионалци од различни културни и филмски традиции, што ја збогати креативната дискусија. Понекогаш тоа значеше и повеќе предизвици, но истовремено и можност филмот да стане поуниверзален.

Многу критики го опишуваат филмот како „моќно и вознемирувачко деби“. Дали токму таа емотивна вознемиреност кај публиката беше Вашата авторска цел?
– Всушност „17“ е филм каде што искреноста боли до коска. Ако таа искреност предизвикува непријатност или немир, тогаш тоа значи дека добро сме си ја завршиле работата. За мене е најважно публиката да не остане рамнодушна – да размислува, да се преиспитува и да отвори теми што долго време биле затворени. На крајот целта на секој филм е да ослободи емоција.