ФУДБАЛ
- Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, вели дека секое понатамошно проширување на СП за 2030 година, каде што шест земји се подготвени да бидат домаќини на турнирот, ќе биде дискутирано откако заврши годинашното Светско првенство
Првото Светско првенство (СП) со 48 репрезентации штотуку заврши, а турнирот би можел да стане уште поголем на следното издание, во 2030 година, откако Светската фудбалска федерација (ФИФА) размислува за СП со 64 селекции, а дискусиите се очекува да почнат, пишува „Скај спорт“.
Претседателот на Светската фудбалска федерација, Џани Инфантино, вели дека секое понатамошно проширување на СП за 2030 година, каде што шест земји се подготвени да бидат домаќини на турнирот, ќе биде дискутирано откако заврши годинашното Светско првенство. На Светското првенство во 2030 година Аргентина, Уругвај и Парагвај треба да бидат домаќини на по еден натпревар, пред турнирот да се префрли на главните кодомаќини, Шпанија, Португалија и Мароко.
– Работиме на тоа Светското првенство во 2030 година да се одржи со 64 репрезентации во чест на стогодишнината од првото Светско првенство. Меѓународниот фудбал расте кога се отвора кон светот. Проширувањето на 48 репрезентации покажа дека поголемото учество генерира повеќе можности, го поттикнува развојот на фудбалот и го претвора светското првенство во вистинска глобална прослава. Стогодишнината ни нуди историска можност да сонуваме големи работи. Нека светското првенство биде најголемата прослава што фудбалот некогаш ја видел – изјави неодамна Алехандро Домингез, претседател на Јужноамериканската фудбалска конфедерација, пренесе „Скај спорт“.
Ако Светското првенство во 2030 година ја прослави својата стогодишнина со 16 репрезентации повеќе отколку годинава, како би изгледало тоа?
Светското првенство со 64 репрезентации би создало една голема групна фаза, со 16 групи со по четири селекции, а тоа значи дека групната фаза би се зголемила од 72 на 96 натпревари. Турнирот со 48 репрезентации имаше 72 натпревари одиграни во интензивен период од 16 дена, во просек 4,5 натпревари на ден. Ако ФИФА се обиде да има просек од 4,5 натпревари на ден во групна фаза со 64 репрезентации, тогаш првиот дел од турнирот би траел три недели, пишува „Скај спорт“.
Со оглед на тоа што мечевите од првата нокаут-рунда, па натаму на СП 2026 се играа уште три недели, тоа би значело турнир од шест недели, а под претпоставка дека ќе има неколку недели подготовки пред турнирот за секоја репрезентација, тогаш 1.664-те играчи што ќе учествуваат на СП 2030 би морале да одвојат два месеца за натпреварувањето, пишува „Скај спорт“.
Повеќе голови, без драма за третите места…
Секако, повеќе натпревари ќе постават нови рекорди за најмногу голови на СП. Преминот од редовните 64 натпревари на 104 натпревари во 2026 година постави нови рекорди. На СП 2026 имаше 308 погодока, во споредба со 172 пред четири години. Но она што беше интересно за годинашниот Мундијал е тоа што головите беа постигнувани со поголема стапка по натпревар, со просек од 2,96 гола по меч, во споредба со околу 2,6 на претходните три планетарни шампионати.
СП со 64 репрезентации овозможува една многу едноставна работа, квалификацискиот пат за селекциите на третото место до нокаут-рундите ќе мора да се укине, пишува „Скај спорт“. Единствениот начин да се направи шеснаесеттина финале во овој формат е со тоа што првите две репрезентации од сите 16 групи ќе се пласираат понатаму. Сепак, ако првите две селекции се единствените во групата што би се пласирале понатаму, би било како со форматот на СП со 32 репрезентации, каде што многу од натпреварите од 3. коло беа со помал интерес, помеѓу селекциите што веќе се пласирале за следната фаза или репрезентациите што веќе се елиминирани, а ФИФА веројатно ќе мора да ја врати гол-разликата како нешто што ќе раздвои селекции со ист број бодови, пред меѓусебниот резултат, за да создаде доволно ризик во третото коло од групната фаза, пишува „Скај спорт“.
Ако планетарно првенство со 64 репрезентации стане долгорочен план од ФИФА, тогаш тоа ќе значи дека светските првенства повеќе не може да ги организира една земја. За тековниот турнир со 48 репрезентации се користеа 15 стадиони за 12 групи и за 104 натпревари. Користејќи ги тие бројки како шаблон, префрлањето на 64 селекции би значело дека ќе бидат потребни 20 терени за 128 натпревари, пишува „Скај спорт“. Тоа значи, на пример, ако Англија биде домаќин на СП, мечевите би се играле на терените на речиси сите членови на Премиер-лигата, претпоставувајќи дека и „Вембли“ ќе биде домаќин на натпревари.
Кој би се пласирал на СП со 64 репрезентации?
Светско првенство со 64 репрезентации би значело дека 30 проценти од сите земји членки на Светската фудбалска федерација би се пласирале за светско првенство. Но како би се распределиле? Со една третина од 48-те селекции, Европа има најголема распределба на места во сегашниот систем на турнири. Применувањето на истата логика би значело дека 21 европска репрезентација би учествувале на светски шампионат со 64 селекции. Огромното мнозинство од сите конфедерации би добиле повеќе места на Светското првенство, ако го користиме сегашниот модел како пример. Груба процена на распределбата на конфедерациите, користејќи ја моментната процентна распределба на Светската фудбалска федерација, е 21 од Европа, 12 од Африка, 10 од Азија, осум од Јужна Америка, осум од Северна Америка, една од Океанија и четири места за плејоф од различни конфедерации, пишува „Скај спорт“. Н.М.
































