Со државна стратегија против уцените

Неодамна МАНУ, МПЦ-ОА, институтите за историја и за македонски јазик, но и голем број интелектуалци ги кажаа своите ставови во врска со бугарско-македонскиот спор. Истовремено сите тие буквално ги исцртаа црвените линии преку кои ниту еден политичар не смее да премине. Но за да добие на тежина она што го кажува научната јавност, потребно е тоа да се засили и поткрепи и со некаква поширока државна и институционална стратегија, или документ, прифатена со акламација во македонското собрание, во која ќе биде наведено дека идентитетот, јазикот и историјата се столбовите врз кои почива македонската држава и за кои никој нема мандат да преговара

Како и што се најавуваше, Бугарија не дозволи Македонија да ја одржи првата меѓувладина седница со Европската Унија кон крајот на декември, со што официјално земјава, по децении чекање, требаше да го започне пристапниот процес кон големото европско семејство.
Тоа не се случи затоа што Софија не собра сила да ги надмине предрасудите од минатото и да му понуди европска иднина на Балканот.
Помалку важно е дали било вето или несогласување со преговарачката рамка, бидејќи и во едниот и во другиот случај почеток на преговори за Македонија нема. Со овој потег на Бугарија во суштина е направена непоправлива штета на подолг рок на концептот на кој се темели самата Европска Унија, но и на процесот на приближување на двата народа.
Наместо земјава низ поглавјата да ја мотивираат и поттикнуваат со побрза изградба на патишта, железница, енергетски проекти, економска и културна соработка, нивните дрски уцени се сведоа на непризнавање на идентитетот, јазикот и историјата, односно на негирање на неговиот корен, нешто на што никој нема да се согласи. Бугарија ги присвојува целата историја, култура и сесловенска писменост, само бугарска, иако вистината е сосема поинаква и прифатена од целиот свет.

А таа вистина е дека Македонците немаат ниту бугарски, ниту српски, ниту грчки корен, туку свои длабоки автентични македонски корени, како посебен народ со свои идентитески обележја. Македонија има своја вековна историја, култура, свој посебен јазик и свои идентитески обележја што никој не може да ги оспори или негира.
Но и покрај сите овие историски факти и историска вистина, Бугарија изгледа е решена да опстои на своите уцени, што за нас може да значи блокада на евроинтегративниот процес веројатно на подолг рок.
Но токму во ваквиот развој на настаните можеби Македонија треба да ја види својата шанса, конечно да почне да ја гради Европа тука, ако веќе е попречена да се зачлени во друштвото, кое очигледно и самото веќе не знае врз какви постулати почива.
Што би значело тоа во практика?
Уште на почетокот треба да се расчисти една дилема, а тоа е дека Македонија мора да остане посветена на главната цел, зачленување во Европската Унија. Но во време кога е извесно дека тоа нема да се случи брзо, мора да се наоѓаат начини како да се одржи моралот на граѓаните.
Како и да е, време е и самите да престанеме да плачеме над својата судбина и да почнеме да ги решаваме проблемите, ако впрочем сакаме да се нарекуваме држава.
Во таа насока би требало да се направат неколку работи што би можеле колку-толку да ни ја олеснат лимбо-ситуацијата, а истовремено земјата да напредува.
Прво, без оглед што ниту сме почнале преговори со ЕУ, ниту, пак, се знае кога ќе ги почнеме, добро е да се оформат преговарачки тимови, не партиски, туку стручни.

Во таа насока можеби е за поздравување одлуката на вицепремиерот Битиќи да вклучи во проектот „За татковината со љубов“ стручни луѓе, без оглед на нивната политичка ориентација, со идеи што ќе ѝ помогнат на економијата да преживее во услови на ковид-криза. Е, такви стручни тимови ѝ се потребни на државата, кои ќе почнат билатерално да комуницираат со успешните земји-членки на ЕУ и од нив да црпат искуства во разни области. Така, домашните преговарачки тимови може да учат од балтичките земји како да се подобри образовниот процес во земјава, од Германија како да се организира економијата, од Данска и Шведска како да се справуваме со загадувањето и како да се инвестира во обновливи извори на енергија, од други земји како да се реформира судскиот систем и уште многу други искуства. На тој начин, Македонија де факто ќе преговара со ЕУ и без официјален почеток на преговорите, што, од друга страна, ќе го олесни преговарачкиот процес во иднина. Свртувањето кон себе и реформирањето однатре подразбираат и департизација на општеството, сериозно зафаќање со проблемот со загадувањето на територијата, развој на економијата преку наоѓање алтернативи секаде каде што би било во интерес на државата, потоа активна и способна дипломатија, која ќе знае да ги пресретнува евентуалните проблеми многу порано и навреме ќе работи на нивно решавање, а не да биде изненадена од блокадите што ни се случуваат во последен момент итн.
Паралелно со овие работи треба да течат реформите во сите сфери, без одложување.
Ова се само мал дел од работите што можеме во меѓувреме да ги завршиме дома, додека седиме во чекалницата на ЕУ, а кои значително ќе ги подобрат состојбите и ќе ја подготват земјата полесно и побрзо да го мине преговарачкиот процес. Истовремено, тоа ќе ги мотивира и граѓаните да веруваат дека работите се движат на подобро.

Она што во моментот треба да го направи државата е да покаже посериозен однос во врска со своите национални интереси.
Ако една Грција, па и Бугарија во своите парламенти донесоа декларации со кои ги исцртаа линиите преку кои никој не смее да помине, тогаш и македонските институции и органи треба соодветно да одговорат и да ги зацврстат македонските позиции околу кои нема простор за преговори и отстапки.
Неодамна МАНУ, МПЦ-ОА, институтите за историја и за македонски јазик, но и голем број интелектуалци ги кажаа своите ставови во врска со бугарско-македонскиот спор. Истовремено сите тие буквално ги исцртаа црвените линии преку кои ниту еден политичар не смее да премине.
Но за да добие на тежина она што го кажува научната јавност, потребно е тоа да се засили и поткрепи и со некаква поширока државна и институционална стратегија, или документ, прифатена со акламација во македонското собрание, во која ќе биде наведено дека идентитетот, јазикот и историјата се столбовите врз кои почива македонската држава и за кои никој нема мандат да преговара.
Ваквиот документ на некој начин ќе ја зацврсти македонската позиција, но истовремено ќе ја намали недовербата меѓу луѓето дека некој тргува со државните интереси, сега, но и во иднина.

Со ваков документ би бил појасен и мандатот на специјалниот претставник, односно ќе се знае за што не може да разговара во надминувањето на недоразбирањата.
Ако Македонија успее да се издигне над сите блокади и покаже дека е европска земја во секој поглед, тогаш европскиот сон ќе стане реалност тука. Токму за тоа сонуваме сега.