Предизборен референдум за или против ЕУ

Сите досегашни обиди за релативизирање, игнорирање или, во најлош случај, заобиколување на препораките на Венецијанската комисија се само фрлање прашина в очи и на домашната јавност и на меѓународната заедница, што може да има катастрофални последици по државата. Политичките субјекти во државава овој пат се ставени на своевиден испит не само за нивната политичка зрелост туку уште повеќе за нивната посветеност кон ЕУ и европските вредности

Голема политичка прашина кренаа неделава заклучоците на Венецијанската комисија за неприменливоста на Законот за јазиците и барањето за негово ревидирање, што всушност е мек израз на сугестијата за повлекување и укинување на законот. Политичките субјекти што двојазичноста, и претходно и сега, ја третираат како сопствена бавча за собирање гласови видоа опасност во ваквите јасни и недвосмислени пораки на Венецијанската комисија и веднаш се пуштија во релативизирање.
Па, демек, законот бил супер, со него течело мед и млеко во Македонија, па сѐ било по рамковниот, ако се чепкал законот, ќе сме се врателе во 2001-та, а се порача и дека законот ќе си остане каков што е, но ќе се интервенирало во други закони?! Изговори и небулози колку сакаш, само да се прикрие за некого болната вистина, овој пат искажана и од Венецијанската комисија, дека законот за употреба на албанскиот јазик е штетен за граѓаните и за државата и дека со овој закон се надминати европските стандарди во однос на малцинските права, во случајот со албанскиот јазик, како јазик на малцинска заедница во Македонија.

Значи, да резимираме, Европа ни испрати две важни пораки. Првата дека законот за двојазичност е лош и практично неприменлив и втората дека Албанците се малцинска заедница во Македонија, која може да ги ужива истите права како и другите малцинства секаде во светот. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Од јасно, појасно.
Затоа сите досегашни обиди за релативизирање, игнорирање или, во најлош случај, заобиколување на препораките на Венецијанската комисија се само фрлање прашина в очи и на домашната јавност и на меѓународната заедница, што може да има катастрофални последици по државата. Политичките субјекти во државава овој пат се ставени на своевиден испит не само за нивната политичка зрелоста туку уште повеќе за нивната посветеност кон ЕУ и европските вредности. Не може од една страна само декларативно да се удирате в гради колку многу сте за ЕУ, а од друга страна да ги минирате и омаловажувате препораките и сугестиите што доаѓаат од истата таа ЕУ.

Да, токму така. Венецијанската комисија во случајов е олицетворение на ЕУ. Таа и де факто е највисоко советодавно тело на Советот на Европа (се ословува уште и како Европска комисија за демократија преку правото), што значи дека нејзините заклучоци и препораки не смее никако да се игнорираат или да се забошотат со некакви хибридни акциски планови, кои ќе создадат привид дека препораките се почитуваат, но законот да не се чепка. А првичниот впечаток е дека токму тоа е идејата и на власта и на опозицијата. Со некакви амандмани или хибридни решенија да се шминка постојниот закон за да се создаде привид дека препораките се почитуваат, но истовремено што е можно повеќе партиите да им се додворат на гласачите. Зашто, нели, доаѓаат избори, кога и да се.

Другата, уште поапсурдна, варијанта пласирана во јавноста е да се менуваат редица други системски закони, донесени со двотретинско мнозинство, за да не се чепка постојниот закон за двојазичност донесен со просто мнозинство, што е нов правен преседан, да не речам небулоза. И бидејќи на многумина, со розови партиски очила, изгледа не им е јасно на какво оро се фатиле, ајде да појасниме и кој е ороводецот и кој свири фајронт, во случајов.

Како што посочив и претходно, Венецијанската комисија е советодавно тело на Советот на Европа, кое формулира стручни мислења и дава експертиза во однос на усогласувањето на законодавството во земјите-членки и земјите-кандидати за членство во Европската Унија, како што е Македонија. Станува збор за високопрофесионална комисија на компетентни и престижни правници од 47 членки од Советот на Европа, но и од 12 неевропски земји, меѓу кои се и САД. Членовите на комисијата доаѓаат од редовите на професори по меѓународно, уставно или јавно право, меѓу нив има судии и правни експерти што не дејствуваат во име на државата од која доаѓаат туку исклучиво како врвни стручњаци во својата област. Токму во таа смисла, препораките и заклучоците на Венецијанската комисија претставуваат своевиден услов за членство во ЕУ, односно нивната имплементација е доказ за подготвеноста на одредена земја-кандидатка да ги воспостави европските принципи на владеење на правото во своето законодавство.

Значи, да резимираме, Европа ни испрати две важни пораки. Првата дека законот за двојазичност е лош и практично неприменлив и втората дека Албанците се малцинска заедница во Македонија, која може да ги ужива истите права како и другите малцинства секаде во светот. Ништо помалку и ништо повеќе од тоа. Од јасно, појасно

Уште повеќе по француското „не“ за доделување датум за преговори за Македонија и новата методологија за проширување, од јануари следната година при оценувањето на достигнувањата за нашата евроинтеграција задолжително ќе се зема предвид мислењето токму на Венецијанската комисија, но и на други европски тела.
Па, сега вие со розовите очила видете дали и понатаму ќе си терате мајтап со правото, Уставот и законите во државата или ќе ставите прст на чело и добро ќе размислите кој пат ќе го фатите. Не случајно текстот го насловив „Предизборен референдум за или против ЕУ“. Зашто преку ваквите примери со (не)спроведување на заклучоците на Венецијанската комисија практично излегува на виделина кој за што се залага и чии вредности застапува. И тоа вистински на дело, а не само со празни зборови и беспредметна реторика. Добро е граѓаните да го увидат тоа сега, пред избори.

Продавањето магла, евтините трикови, политикантството и калкулантството тешко поминуваат веќе и дома и надвор. А токму на еден таков обид за политикантство и калкулантство бевме сведоци деновиве, кога Собранието беше затрупано со над 6.000 амандмани, со цел да се избегнат промени во Изборниот законик и да не се овозможи воведување една изборна единица. Од друга страна, сите досегашни стручни анализи покажуваат дека со воведувањето отворени листи и една изборна единица вистински ќе се демократизираат и политичките партии и државата, а моќта на одлучувањето тогаш ќе се префрли врз граѓаните наместо кај партиските врхушки.

Е, тоа изгледа некого многу го исплашило. Па, седнале да штанцаат амандмани. Кои потоа најчесто завршуваат во канта за отпадоци, бидејќи никој не ги чита. Но целта на ваквите илјадници амандмани, кои, за волја на вистината, се доставувале и во минатото, не е да се читаат, туку да блокираат. Тие често не се во функција на прогресот туку служат за регрес. За опстојување на политичкиот пашалак наместо за развој, отвореност и демократизација. Светот постојано е подложен на прогресивни промени, во тоа е и суштината на развојот, само ние како држава стоиме закотвени во место. И од промените и демократизацијата се браниме со амандмани! Илјадници амандмани. Вака да се браневме од сите досегашни тешки искушенија и притисоци, кај ќе ни беше крајот! Кога се загрозена државата и идентитетските прашања, амандманопишувачите ги нема никаде, но кога е загрозен партискиот комодитет или личните интереси, никнуваат од секаде.

За крај, за да не остане незабележано, ставот на Бугарската академија на науките за непостоење на македонскиот јазик е глупост и бесмислица, која не заслужува никаков коментар. Зашто останало запишано дека безгранични се само глупоста и вселената.
Второво, сепак, не е докрај докажано.

[email protected]