Победа

Таквиот став кон работата, обврските, сопствениот напредок и надградба…, кои потоа резултираат и со висока самодоверба, не преценување (секако, ниту потценување) на ривалите (општо, задачите, целите…), себенадминување, трасирање на патот кон поставените коти… е тоа што носи успех на многу полиња. Не само во спортот. Секогаш е добро да се има на ум дека шансите не доаѓаат одникаде, туку дека тие шанси се создаваат со работа. Напорно се работи за да се успее, а потоа двојно повеќе за да се одржи успехот. А едно вакво патување кон успехот почнува со начинот на размислување. Победничкиот начин на размислување е нешто што мора да се изгради со текот на времето, со непоколеблив пристап, секојдневно… Победничкиот менталитет е и начин на размислување, став кон нештата, со кои се обезбедува постојан напредок, со што, пак, и со мали чекори се генерира момент што потоа ќе носи ветер во грбот при совладувањето на идните предизвици, мали и големи. Не само во спортот

Македонската кошаркарска репрезентација на уверлив начин се пласира во следната рунда квалификации за пласман на Европското првенство во 2025 година и одново е во игра и за пласман на едни летни олимписки игри. Има уште многу за да се стигне до настапот на двете големи натпреварувања, но по години неуспеси се чини дека одот на македонската кошаркарска селекција се стабилизира. Згора, и со некомплетен состав.
Иако ова беа само претквалификации, во остварувањето на целите се издвоија одлучноста, сигурноста, истрајноста…, видливи низ прикажаната игра на натпреварите и под притисок (победи остварени во последната четвртина, во продолженија) и при резултатска негатива…, што недостигаше во неколку претходни години.
Македонската кошаркарска репрезентација на својот пат кон височините, достигнати во 2011 година со четвртото место во Европа, имаше игра во која се читаа сигурност, детерминираност, самодоверба… Од овој циклус сега има назнаки, но битни, за изградба на важниот елемент, победничкиот менталитет, без кој немаше да се случи ниту успехот на Европското првенство во 2011 година на кошаркарите, ниту некои други на македонски репрезентации и поединци. На таков бран јаваа(т) и, на пример, ракометарите (од репрезентациите, сениорската на европските и на светските првенства и младинската на Мундијалот во 2017 година, како и клубовите во европските купови), фудбалерите (генерацијата што се пласира на младинското Европско првенство во 2017 година, која сега е составен дел од сениорската селекција, која претходниве години ги победи и светските гиганти и четирикратни планетарни прваци Германија и Италија), одбојкарите (серија што трае од првиот пласман на едно европско првенство, во 2019 година)… За тоа колку е важно враќањето (и воопшто имањето) на таквиот победнички менталитет деновиве зборуваа и од Манчестер јунајтед, по победата во англискиот фудбалски Лига-куп, нивни прв трофеј по повеќе од пет години.

„Не бевме ни свесни колку добро играме, но бевме супериорни и физички и ментално“, вели некогашниот македонски одбојкар Владимир Богоевски за генерацијата на Вардар што пред повеќе од четири децении беше четврта во Европа.
Секако, овие успеси не стигнуваа прекуноќ, за нив се работеше со години, потребни за да се стигне до тој победнички став. Таквиот став кон работата, обврските, сопствениот напредок и надградба…, кои потоа резултираат и со висока самодоверба, не преценување (секако, ниту потценување) на ривалите (општо, задачите, целите…), себенадминување, трасирање на патот кон поставените коти… е тоа што носи успех на многу полиња. Не само во спортот.
Секогаш е добро да се има на ум дека шансите не доаѓаат одникаде, туку дека тие шанси се создаваат со работа. Напорно се работи за да се успее, а потоа двојно повеќе за да се одржи успехот. А вакво едно патување кон успехот почнува со начинот на размислување. Победничкиот начин на размислување е нешто што мора да се изгради со текот на времето, со непоколеблив пристап, секојдневно… Не само во спортот.
„Успехот не е инцидент. Тој е последица на напорна работа, упорност, учење, жртвување и, најмногу од сѐ, љубов кон тоа што го работите или учите да го работите“, е универзалната изјава на Бразилецот Пеле, кралот на фудбалот.
Секако, долг е патот кон победничкиот менталитет, за кој се потребни и други елементи, но секако дека тој се создава и со победи, и мали и големи, но особено сигурни, уверливи триумфи, со разлика која е и порака до идните ривали. Победничкиот менталитет е и начин на размислување, став кон нештата, во случајов за спортот и за победата, со кои се обезбедува постојан напредок, со што, пак, и со мали чекори се генерира момент што потоа ќе носи ветер во грбот при совладувањето на идните предизвици, мали и големи. Не само во спортот.
За патот до победите, на сите полиња, не треба да се заборави и изјавата на славниот фудбалски тренер Алекс Фергусон: „Напорната работа секогаш ќе го победи природниот талент кога природниот талент не работи доволно напорно“. Само со упорна работа, со посветеност, одрекување, вложување во себе… може да се достигнат и светските врвови. Во секоја област.

[email protected]