Културните точки и енергијата што ја емитуваат

Случајот со „Кино Култура“ покажа дека е неопходна потемелна стратегија во поддршката на фрагилните културни точки во Скопје, но и во другите градови во земјава

Културата изминатата недела повторно се најде во фокусот на интерес на јавноста, но овој пат со официјалното затворање на проектниот простор „Кино Култура“, кој беше отворен пред речиси пет години во центарот на Скопје, како ново место за театар, танц, перформанс и за други содржини што доаѓаат од пошироката културна и граѓанска сцена. Просторот што го развиваа двете познати организации „Театар Навигатор Цветко“ и „Локомотива“ не успеа во меѓувреме да најде начини за своја самоодржливост и да продолжи со работа, така што неговите врати, на кои сѐ уште има плакати од претстави, стојат заклучени од крајот на минатата година. Досегашните нови станари во старата зграда, каде што претходно постоеше веќе легендарното кино „Култура“, при своето заминување деновиве, преку писмо до јавноста потсетија дека во „Кино Култура“ направиле заедно повеќе од 30 продукции, донеле повеќе од 500 меѓународни уметници, над 1.000 дебати, предавања, конференции, работилници, детски програми и уште многу други содржини. „Одиме понатаму и ќе целиме, ќе заговараме и ќе се бориме да создадеме достоен простор, институција за современи изведувачки уметности, сè со надеж дека јавноста и политиката еден ден ќе препознаат дека нашиот идентитет е пред сè културата. Ова не ќе беше можно без поддршката на Општина Центар и на неколкуте спонзори, на што сме особено благодарни“, стои меѓу другото во писмото.

А само пред еден месец, во рамките на истата зграда беше отворена новата кафе-книжарница „Буква“, мала културна точка во градот, впечатливо место за книги, разговори, промоции. Урбано парче што донесе оптимизам дека, и покрај пандемијата, сѐ уште има луѓе што веруваат дека постоењето на кафе- книжарница не е лоша идеја. И таму веќе и се одржаа неколку културни настани, а и нејзината локација, непосредно до републичкото собрание, е нов момент и за пратениците. Нова можност да видат што има во овој период и на книжевната сцена! Случајот со „Кино Култура“ покажува дека е неопходна потемелна стратегија во поддршката на фрагилните културни точки во Скопје, но и во другите градови во земјава. Поддршка на оние простори, луѓе, места каде што се создаваат и од каде што се шират културата и уметноста, особено енергијата на алтернативната сцена на младите, кои, нели, сакаме да ги задржиме во Македонија. Неоспорно е дека и во бизнис-секторот, како и во политичкиот сектор во земјава има луѓе што ја знаат вредноста и на алтернативната култура, на новите тенденции во уметноста, луѓе што би можеле и би требало да помагаат таа да опстојува. Не само сега, во време на пандемијата, во време на реформите што бескрајно долго се одвиваат, туку таквата практика треба континуирано да постои и да се осовременува. Да се вградуваат искуства од другите поразвиени земји за да можат и творците и консументите на делата што влијаат и на духовното здравје да се чувствуваат покомотно. Да не бидат најчесто притиснати од недостигот од пари за создавање и гледање претстави, на пример! Бројот на културните точки во градот не би требало да се намалува, туку да се зголемува.
Пандемијата е, нели, време во кое работите се забавија и можеме да видиме до каде сме, па и колку културни точки, од каков вид има во државава, каква енергија би можеле да шират околу себе доколку сите чинители работат како што треба.

Енергијата што тие ја емитуваат меѓу луѓето се шири и по напуштањето на објектите и одржаните настани. Со себе ја носиме и кога се враќаме дома и добро е да може да ја имаме почесто во своја близина, особено сега, кога градовите многу брзо се шират. Како позитивен скопски пример може да се издвои пријатната атмосфера што се пренесува на отворениот зелен покрив на Градскиот трговски центар од уметничкиот центар „Арт хаб“, кој е во негова близина. Друштвото на ликовните уметници на Македонија таму одржува изложби и по нивната посета луѓето често седнуваат на древните клупи и разговараат и за видените дела. И тој е едно од местата во самиот центар на градот што треба да се чува, како и зеленилото, се разбира. Посетители на изложбите и паркот во голем дел се помлади луѓе, кои во главниот град живеат, работат, учат. Некои од нив се дојдени и од други места, со цел тука да останат или да заминат во странство. Без разлика што ќе прават, во нивната меморија сепак може да останат траги од енергијата што ја почувствувале на скопските културни настани: од изложбите, од филмовите, од театарските претстави што ги виделе, од концертите на кои биле, од музиката што ја слушале…

Меморијата може да им проработи и кога некој од културните симболи на Скопје ќе треба да се зачува, како што беше и случајот со најавата за рушење на Универзална сала. Во одбраната на Универзална сала застанаа, макар и виртуелно, преку собраните потписи, оние што ја разбрале и примиле енергијата што со години се ширеше од неа. Без разлика на застоениот мирис од теписоните и искривените седишта! Таква добра енергија, за среќа, сѐ уште се шири и од Младинскиот културен центар, во неговиот двор минатото лето пред публика седната на пластични столови со маски и со чадори во раце, се прикажуваа филмови од фестивалот „Македокс“. Тоа се само дел од многуте моменти со кои треба да се брани културата во Скопје. Од граѓаните и за граѓаните!