Креативна работилница на второодделенците во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје

Во пресрет на празникот на жената, Осми март, учениците од второ одделение од ООУ „Блаже Конески“ од Скопје, со поддршка и помош од својата наставничка Јадранка Клисарова, изработија креативни честитки за своите мајки.
Децата со голема љубов и посветеност ги работеа честитките. Насмевка ги красеше нивните лица додека со малите вредни рачиња сечеа и лепеа колаж и ставаа други украси, со кои сакаа да го разубават рачно изработениот подарок за своите мајки. Преку оваа честитка тие сакаат да ја искажат својата љубов кон нив и благодарност што се центар на нивниот свет.
На часот по Македонски јазик со учениците имавме усно и писмено изразување за мајката. Ги запишавме следните зборови за да ја опишеме: убава, добра, мила, нежна, вредна, среќна, ѕвезда, грижлива…
Исто така, секој од присутните ученици, со посебна љубов, кажуваше свои мисли за мајката, кои ви ги пренесуваме:
– Мојата мајка е ѕвезда – рече Никола Белчев.
– Мојата мајка е најдобра на светот – Андреј Ивановиќ.
– Мојата мајка е вредна, вредна како пчела – Јана Митровиќ.
– Мојата мајка е најнежна – Вики Спанџев.
– Мојата мајка е вредна како мравка – Матеј Начовски.
– Мојата мајка се грижи за мене и брат ми – Мила Петровска.
– Мојата мајка е најдобра мајка – Андреј Николовски.
– Мојата мајка е многу убава и грижлива – Иван Тренчевски.
– Мојата мајка е највредна мајка на целиот свет – Леона Станикевска.
– Мојата мајка секогаш многу се грижи за мене – Сара Исеиновска.
– Мојата мајка е многу среќна секогаш кога ќе ме види – Стефани Мојсовска.
Како што можете да прочитате, секој ученик со посебна љубов ја опишуваа својата мајка и сите со нетрпение го чекаа Осми март, со желба да ѝ го честитаат Светскиот ден на жената и да ѝ се заблагодарат за нејзината љубов и грижа.


Мајка

Знам еден поет – мајстор е за рима
и во лето и во зима.
Римите многу си ги сака.
Ги смислува без мака!

Пишува песни фини:
за гитари и виолини,
за езера и гори,
за ѕвезди и тротоари,
за птици и бубамари…

Не постои за него тема,
за којашто рима ќе нема!

Денес со радост во очињата,
поетот го прашаа дечињата:

– А зборот мајка, поету – со што се римува кажи?

– Со срце, со љубов, со среќа,
со најубавите зборови на светот!

Еве, така им одговори поетот!

Димитар Алачки

Од книгата „Таинствен сликар“ Илустрација: Билјана Алачка Ангелова)